Момче речиси се задушило од парче јаболко: Мајката апелира родителите да научат прва помош

Понекогаш кај децата помали од четири години може да дојде до задушување и заради работи кои ни изгледаат сосема безопасни. На пример, додека грицкаат „смоки“ или парче јаболко

1.432

Експертите предупредуваат дека кај децата до 4 години задушувањето е честопати причина за ненадејна смрт. Освен многу честото гушење од мали делови од играчките, една од главните причини е и храната. Овој кошмар речиси го доживеала мајка која го споделила своето трауматично искуство за да ги предупреди другите родители и апелирала на препознавање на гушењето и учење на прва помош.

Јадел јаболко и наеднаш почнал да се гуши

Ешли Џонсон на своето двегодишно дете му дала парче јаболко, кое тој со задоволство го грицкал додека гледал телевизија. Само неколку минути подоцна нејзиниот син Деклан испуштил „чуден крик“ и се чинело дека се обидува да кашла, а лицето му станало црвено за само неколку секунди.

Ниту мајката, ниту нејзиниот партнер Тајсон не поминале курс за прва помош ниту знаеле што точно треба да прават, но ги искористиле своите инстинкти за да му помогнат на момчето да го отстрани заглавеното парче јаболко. Но, кога со неколку силни удари во грбот не успеале да му ги ослободат дишните патишта, повикале брза помош, која веднаш се упатила кон нивниот дом во Тувумби, Квинсленд, Австралија.

„Тој одеше кон мене со кренати раце, веројатно барајќи од мене да го земам и да му помогнам, беше многу црвен во лицето и се обидуваше да кашла“, ја започнала својата трауматична приказна за New York Post.

Беше во лоша состојба, а лицето му беше посинето
Деклан итно бил префрлен во болница, каде на рендгенот било откриено дека парче јаболко сè уште е сместено во неговите бели дробови. Веднаш бил пренесен во детската болница во Квинсленд, каде што бил прегледан од специјалист бидејќи сите обиди да се извади парчето јаболко биле неуспешни. На крајот било констатирано дека мора да оди на итна операција.

„Тој беше во многу лоша состојба и целото лице му беше посинето. Го ставија на респиратор за да почне да дише. Летавме за Бризбејн и тој беше однесен од хеликоптерот директно во операционата сала.

По еден час ни рекоа дека операцијата на Деклан била успешна. Бев многу среќна кога слушнав дека е добро“, вели мајката која признава дека ова искуство и било најтрауматичното нешто во животот. Токму затоа, објаснува таа, решила да ја сподели својата приказна за да им помогне на родителите и да ги предупреди за важноста од учењето прва помош.

„Мислам дека е неопходно апсолутно секој родител да научи како да му помогне на детето ако почне да се гуши. Лекарите ни кажаа дека понекогаш родителите дури прават нешто што предизвикува повеќе штета отколку добро во случаи на гушење, едноставно затоа што не се едуцирани или информирани за соодветна прва помош“, објаснува Ешли, која сега ја подига свеста за важноста на разбирањето на основна прва помош, а особено како да се справите со ненадејна епизода на гушење.

„Она што исто така открив е дека повеќето родители не знаат ни да ги препознаат знаците на гушење. И јас сè уште учам“, додава таа.

Што да направите ако се појави задушување?

Хрватскиот педијатар Миливој Јованчевиќ за порталот Најдоктор дал јасни упатства што да се прави доколку дете се задуши.

„Гушењето се јавува како резултат на опструкција на дишните патишта, често за време на игра или хранење. За време на гушење, детето се обидува да вдиши воздух, но не успева и брзо помодрува, особено слузниците. Доколку на детето не му се пружи соодветна и итна помош во оваа ситуација, тоа ја губи свеста и наскоро може да умре. Исклучително опасни се предметите или храната што имаат способност да набабруваат (грав) или се лепливи за влажната обвивка на дишните патишта (флипс, пуканки).

Првично, потребно е да се провери дали е видливо туѓо тело во устата и да се отстрани со прстите. Човек не треба на слепо да се обидува да бара туѓо тело бидејќи постои можност така да се турне подлабоко и целосно да ги затвори дишните патишта. На самиот почеток на гушењето, детето сè уште може да кашла, да дише и да биде свесно.

Се препорачува да се поддржи кашлицата со кратки, остри удари помеѓу лопатките. „Ако станува збор за поголемо дете треба да биде седнато во исправена положба и охрабрувано да кашла, но и да се смири за да може адекватно да вдише и да избегнува да плаче за да не го отежнува дишењето“, објаснил Јованчевиќ.

За да знаете како да постапите при задушување на доенче, погледнете го следното видео:

Повеќе