На муабет со Зоки Поки кој пред 6 години станал дедо…

„Сите ние ги игравме истите игри: камај, народна, криенка, џамлии, трчавме по топка, одевме во кино, во зоолошка, во парк, пиевме лимонади, јадевме каде што ќе ни го намачкаат лепчето, не беше важно дали е тоа дома кај мене или кај некое друго дете. На извесен начин сите ние бевме Зоки Поки“, објаснува Зоки Блажевски, кој е инспирација на авторката да го напише своето најпознато дело за деца – „Зоки Поки“.

921

Речиси сите го знаат како Зоки малиот или најчесто, како Зоки Џубокс, а некои сѐ уште го довикуваат со Зоки Поки. Токму кога разговорот со него стаса до приказната за Зоки Поки, неговата пријателка која го здогледа оддалеку, викна: Здраво Зоки Поки!!!

Станува збор за скопјанецот Зоран Блажевски, познат скопски угостител со кој се поврзани најпознатите локали во градот кои беа собиралишта на актери, музичари, уметници и кој, освен во угостителскиот бизнис, се пробал и како актер, а опеан е и во песна на Владо Јаневски. Тој многупати гостувал и по телевизии раскажувајќи за животот во Скопје некогаш. Нашиот соговорник потекнува од стара скопска фамилија и е прв во семејството кој се занимавал со угостителство. Но не и последен. Неговата ќерка на која токму тој ѝ помогнал да започне со работата, сега има локал во кој се прават најдобрите крофни во градот. Токму ќерка му пак, која има веќе 35 години, е „виновна“ за неговата титула – дедо, која всушност, нејзината ќерка, шестгодишната Веда, воопшто и не ја употребува, туку својот дедо си го вика едноставно, Зоки. А Зоки не се буни.

Веда допрва треба да тргне на училиште и сѐ уште не го знае Зоки Поки, ликот за кој неговата авторка Оливера Николова, нашла инспирација токму во настаните од детството на нејзиниот дедо Зоки.

„Како мал летата ги минував кај баба ми и дедо ми, во делот од градот наречен Крњево. Тетка Оливера Николова ми е далечна роднина, второ, трето колено и таа често доаѓаше на гости кај нив, особено кога се правеа слави. Настаните во книгата, според кажувањето на баба ми, се поврзани со тие денови од моето детство, па на пример, тука е приказната со бонбоните, онаа кога Зоки Поки за да го прикрие тоа што не знае да брои, си става по една бонбона во уста, како и тоа дека како мал не сум сакал да се бањам.

Еднаш кога веќе беше излезена книгата за Зоки Поки, со баба ми ја сретнавме тетка Оливера во турската чаршија и баба ми ja праша, кажи му дека е тој вистинскиот лик на Зоки, таа потврди, а и јас препознавам некои од случките, иако морам да кажам дека Оливера Николова  преку моето детство, во книгата го опишува и детството на моите врсници, на сите деца од мојата генерација“, раскажува Зоки.

Нему не му се допаѓало многу тоа што на времето, уште додека постоеше МЦМ, негови другарки чии деца тогаш биле на таа возраст кога се чита оваа книга, доаѓале со нив за да ги запознаат и да им покажат кој е вистинскиот Зоки Поки.

„Не сакам да им го растурам митот на децата кој наеднаш наместо детето со праменчето нагоре, ќе здогледаат дебел чичко со мустаќи и очила. Тоа е шок за нив. Сепак, ми се допадна тоа што го направи пред пет години една наставничка која предава во американското училиште „Нова“. Таа им задала на децата интересна задача да запишат на ливче како го замислуваат Зоки Поки како возрасен, што мислат дека  работи, дали има деца и внуци. Јас ги влечев ливчињата од кутијата во која беа ставени и читав кое дете што напишало за мене. Едно замислило дека возам трактор, друго ме замислило како доктор, трето како шофер во ЈСП“, се смее тој и додава дека во ликот на Зоки Поки може и треба да се пронајдат сите деца од неговата генерација.

„Сите ние ги игравме истите игри: камај, народна, криенка, џамлии, трчавме по топка, одевме во кино, во зоолошка, во парк, пиевме лимонади, јадевме каде што ќе ни го намачкаат лепчето, не беше важно дали е тоа дома кај мене или кај некое друго дете. На извесен начин сите ние бевме Зоки Поки“, објаснува Блажевски. Сепак, останува фактот дека дел од приказните се настани токму од неговото детство и дека тој е во основата на ликот, како што и најдобрата другарка на Зоки Поки е неговата другарка Лидија со која седел во училишната клупа од прво до осмо и со која и ден денес има контакт.

А возрасниот Зоки Поки, има генерална замерка за новите генерации и за нивниот начин на живот кој, како што вели, е далеку од оној на децата од неговата генерација.

„Не верувам дека мојата внука која од септември ќе тргне во училиште, ќе остане некогаш во училишниот двор и два саати после часовите за да си игра со другарчињата. Тоа веќе го нема, ја нема некогашната дружба и безгрижното детство како нашето“, вели тој.

А што се однесува до улогата на дедо, вели дека е пресреќен што е дедо, но среќен е и што внука му не го вика дедо. Вели дека со неа станува, со неа легнува и дека може да ѝ се посвети комплетно за разлика од она колку време имал за својата ќерка додека растела. Нема намера да ѝ кажува на внука си кој е Зоки Поки и вели дека ќе ја остави да истражува сама.

Повеќе