На Сардинија се раѓаат најмалку бебиња во светот

Додека ширум светот опаѓа стапката на наталитетот, деновиве беше објавено дека негативниот светски рекорд го држи италијанскиот остров Сардинија.

104

Генерално, во светот се забележува намалување на наталитетот кој обично се припишува на забавената економија. Многу брачни парови стравуваат за сигурноста на своите работни места и дали ќе имаат доволно средства за издржување на децата. Во источните земји оваа бројка опаѓа и поради бројните иселувања на младите.

Сепак, деновиве беше објавено дека негативниот светски рекорд за наталитет го држи италијанскиот остров Сардинија.

Жените во Италија, во просек, раѓаат сѐ помалку деца, но Сардинија го држи негативниот светски рекорд. На овој остров, имено, се раѓаат просечно 5,2 бебиња на илјада жители – што во оваа смисла, е најмал број во целиот свет.

„Културолошки гледано, жените на Сардинија, поради миразот, во брак стапувале на поголема возраст во однос на останатиот дел од земјата. Денеска веќе не е така, но последиците се чувствуваат“, објаснува Марко Ѕуру, професор по социологија на Универзитетот на Каљари.

Просечниот број родени бебиња на Сардинија е 0,99 деца по мајка, а од година во година таа бројка само се намалува. На национално ниво таа изнесува 1,25 новороденчиња.

„За да влезеш на пазарот на трудот и да изградиш кариера, мора да бидеш пообразован и да имаш голем број достигнувања и дипломи, што неминовно влијае на откажување од основањето семејство“, додава професор Ѕуру.

Тој истакна и дека економските мотиви и политиката, исто така, влијаат на намалувањето на бројот на родени деца.

Повеќе