Не, ова не се осумдесетите… Вака изгледа и денес оваа убава стара куќа во центарот на Охрид
Во осумдесетите години од минатиот век, главната мода беше да имаме дома две работи: итисони од агол до агол и регали од ѕид до ѕид.
И дневните соби беа речиси исти: регал, двосед, тросед, маса и две фотелји, неколку таписерии или гоблени на ѕидот, книги, најчесто руски класици, југословенски писатели, лектири, радио и по некој музички систем, грамофон, радио и касетофон. Ете, деновиве престојувавме во една таква куќа во која времето како да застанало токму таму, во 80-тите
На настанот за кој требаше викендов да престојуваме во Охрид, нашата пријателка Валентина резервирала соби во една куќа за која само не предупреди: не очекуваjте луксуз.
„Јас си доаѓам тука веќе неколку пати и мене ми одговара поради местоположбата и затоа што е во центар, а ми се допаѓа и тоа што внатре изгледа како времето да застанало“, ме предупреди таа.
И точно така, куќата изгледа како да замрзнала некаде во 80-тите години од минатиот век, во времето кога сите дома имавме нов мебел, но некако – беше секаде ист.
Во тие осумдесети години од минатиот век, главната мода беше да имаме две работи: итисони од агол до агол и регали од ѕид до ѕид.
Или, пак, шарени волнени теписи. Од оние со речиси идентични шари.
И да, долги, тешки завеси и лустери од Турција или, евентуално, од Грција.
Внатрешноста на сите соби беше иста: регал, двосед, тросед, маса и две фотелји, неколку таписерии или гоблени на ѕидот, книги, најчесто руски класици, југословенски писатели, лектири, радио и по некој музички систем, грамофон, радио и касетофон.
Ете, некаде луѓето си чуваа и кукли во витрините, а памтам дека и ние имавме една галија со музика и балерина што се врти, како и ѕиден часовник, од оние големите што на секој час правеа бам-бам-бам.
Едноставно не знаете кога сте во својот стан, а кога сте кај соседот. Бидејќи секаде е исто или барем слично.
Едно влегување во куќата, во дневната соба на приземјето беше токму така: всушност, токму истиот комплет го имавме и ние и сѐ уште, иако веќе во доста лоша состојба, немам срце да ја фрлам таа голема, удобна фотелја во која си седеше мајка ми, речиси до последниот ден.
Да, и тука беа токму тие исти фотелји, само со поинаква боја и во подобра состојба.
А кога седнавме таму да се напиеме кафе, едноставно, со паметот се вратив назад, во тоа, веројатно за повеќето од нас, најубаво време.
Иако тогаш немаше шанси мајка ми да не остави да спиеме до 12. Се сеќавате, мајките ќе ја отвореа вратата од собата најдоцна во девет и пол, ќе ја пуштеа правосмукалката, ширум ќе ги отвореа прозорците и ќе кажеа, ајде, станувајте да ја средите собата. И ќе почнеше да усисува, а вие спијте ако можете.
Или пак ќе ја оставеше вратата од собата отворена за да може да го слушнеме вртењето на машината за перење, тропањето на тенџерињата и ѓезвињата во кујната.
А нас ни се спиеше ни се плачеше: „Сега мамо, само уште 15 минути!“
Од овој стар сон ме разбуди Вале која ми вели, ајде да одиме да ти ја покажам собата.
Се качуваме по скалите, од оние кои немаат смрт, па уште и покриени со една стаза, од доле до горе.
Се фаќам како размислувам каде овие луѓе ги переле теписите на времето кога ниде нашите ги перевме во дворовите, со црево. И тоа беше главна забава во врелите летни денови.
Овде, во сокачето кадешто сега едвај има место да помине еден автомобил, нема место ниту да се рашири еден тепих, на пример оној од дневната соба во која го пиевме кафето.
Внатрешноста на спалните соби беше иста како и дневната, истите плакари, два споени кревети, во едната и масичка за кафе и две фотелји, неколку слики, стари врамени фотографии и украси за на ѕид.
И сѐ е сѐ уште тука, само што сега оваа куќа која некогаш била дом, е привремено престојувалиште за туристите кои немаат големи барања, освен удобен кревет, купатило и туш.
Мојата и собата на Вале е сепак најубава. Има толку убав балкон полн со зеленило и безброј сардели, балкон од кој буквално, можете да се префрлите во собата на соседите отспротива. Секако, таму и онака немаше никој.
И тука има теписи, плетени миленца, стари филџани за кафе со оној препознатлив ретро шарм.
Некако сето тоа ме потсети и на времето кога ние, откако видовме во списанијата што ги купуваше мајка ми, мислам дека беше тоа во списанието Базар, инсистиравме во нашата соба јамболијата да се најде на подот.
Така успеавме да се отарасиме од теписите и ги заменивме со спрострена јамболија на подот. А кога ќе дојдеше време за перење, немаше мрдање: Сами си сакавте да ја газите на подот, сега сами да си ја перете“, ќе речеше мајка ми и ќе ја накиснеше во кадата, а ние потоа влегувавме и газевме со нозе.
Ќе истуреше детергент во кадата, а ние ќе ја газевме онака како што порано го газеле грозјето. Потоа ќе ја испуштеше водата, ќе ја наполнеше со чиста, за да се исплакне и ќе ја оставеше да се цеди сѐ додека не стане доволно лесна за да може да ја пренесе до јажето за сушење. Се сушеше брзо на летните четириесет степени.
Да, на сето тоа се сетив додека седев, го чекав својот ред за туширање и правев фотографии од оваа куќа, која повеќе личи на спомен-куќа, на „дома“ од едно убаво време, куќа со која ќе отпатувате таму назад, во 80-тите.