Од облека од втора рака и банери, до кујнски престилки и ташни: Лиља и Гога, две пријателки со исти идеи и страст за редизајнирана мода
Од старо прават ново, се грижат за природата и за луѓето и шират позитивна енергија. Двете натурализирани скопјанки, се запознале на српска слава во Скопје и сега се најдобри пријателки и бизнис-партнерки
Лилјана Петров и Гордана Родиќ, се натурализирани скопјанки, а откако се запознале пред околу 14 години на српска слава во Скопје, се и најдобри пријателки. Не многу подоцна, станале и бизнис партнерки. Всушност, нивниот иден социјален бизнис сѐ уште е во истражувачки, развојни фази, но веќе прават одлична работа за која се надеваат дека наскоро ќе прерасне и во економски исплатлив ангажман.
Имено, со нивната невладина организација имаат одлична идеја за социјално претпријатие кое, освен за социјалниот сегмент, ќе води сметка и за екологијата. Но за да стигнеме дотаму, првин да ги запознаеме.
Лилјана е од Сараево, а Гордана, од (Титов) Дрвар. Тие се едни од оние ликови кои каде и да одат ја шират својата позитивна енергија и привлекуваат внимание со нивната заразна смеа. Ако се прашувате што им е уште заедничко освен што се двете по националност Србинки, ќе ви кажат дека и двете се вљубиле во Македонци, се омажиле за нив и дошле да живеат во Македонија. Сопругот на Лилјана бил воено лице, па се запознале додека бил на служба во нејзиното родно Сараево, а потоа смениле повеќе локации, за во 1993 година да се доселат конечно во Скопје. Во сите тие селидби низ годините, иако откако станала мајка на сега веќе 33-годишниот син, немала веќе многу време за своето омилено хоби, шиењето, секаде ја носеле со себе и нејзината стара „Багат“ машина за шиење, од оние старите, со кутија и ножни педали.
Нејзината пријателка Гордана пак, пред да се омажи за нејзиниот Македонец, живеела во Холандија, а пред да се вљуби во него се вљубила во Охрид и во Македонија кадешто доаѓала и претходно поради различни, социјални проекти.
Со оглед на тоа што има холандски пасош, не можеше да не ја прашаме, зошто останале во Скопје. Вели дека, иако во Холандија има многу детски паркови, не е како тука, кадешто можела и додека бил помал нејзиниот сега 14-годишен син, да го остава да си игра без нејзин надзор и да има слично детство како она нејзиното во бивша Југославија. Вљубена е и во нивната населба Ново Лисиче, со големи зелени паркови меѓу зградите и со топлина и близина меѓу луѓето.
И двете се веќе долго со своите животни сопатници, па така, дента кога го водевме нашиот разговор беше токму 35-та годишница од бракот на Лилјана со сопругот, додека Гордана има помал брачен стаж, кој изнесува солидни 17 години.
Двете се дел од граѓанското здружение SIEC (Social Integration & Empowerment Centre) / ЦИП (Центар за интеграција и поддршка на граѓани) со фокус на едукација, развој на заедницата, зајакнување на маргинализирани групи граѓани, родови прашања, човечки права, анти-дискриминација и развој на социјално претприемништво.
Она со што најмногу го привлекоа нашето внимание е нивниот проект за подготовка и дизајнирање производи направени главно од рециклирани материјали.
За таа цел тие соработуваат со социјалното претпријатие Копче / Црвен крст кои им донираат дел од облеката која инаку би завршила како отпад, но и со корпоративно-одговорни компании, невладини организации и амбасади кои им донираат разни отпадни материјали и облека кои со помош на креативноста и умешноста на Лилјана и дизајнерскиот тим добиваат нова употребна вредност.
На пример, банерите кои партнерите им ги подаруваат после некој настан, таа ги претвора во ташни со различни намени, а облеката од втора рака ја трансформираат и во модерна, урбана облека, разновидни ташни, престилки за во кујна, кујнски додатоци и слично. Некои од чантите се дизајнирани за секојдневна употреба, но има и такви кои може да се користат за лаптопи, за книги, за носење на јога простирки, ранчиња.
Засега, односно, до донесување на законот за социјални претпријатија кој никако да дојде на дневен ред на Собранието, нивните производи се промовираат преку саеми на невладини организации, а дел од нив и во Центарот за поддршка на социјалните претпријатија (на МТСП) на улица Македонија.
И додека Лилјана е одговорна за дизајнот и изработката на нивната линија од рециклирани материјали, приказната за социјално претпријатие, всушност, ја почнала Гога.
Низ годините таа работела за повеќе организации, а пресудна за неа била средбата со Барбара Садовска од полската фондација „Барка“, која како експерт за социјално претприемништво, била вклучена во интернационален проект за развој на социјално претприемништво, со поддршка од ЕУ и МТСП. Гордана и Барбара се прв пат сретнале на некоја невладина средба во Шуто Оризари и за миг се поврзале преку нивните заеднички визионерски идеи за дологорочна поддршка на маргинализирани групи и нивното зајакнување.
Потоа, Гордана била на студиски посети во Полска кадешто се запознала со начинот на кој функционира тамошната фондација „Барка“, а била и во Чешка, Унгарија и Словачка и гледајќи како се развиваат таму социјалните претпријатија, решила да се обиде да направи нешто слично кај нас.
Откако со Лилјана долго размислувале што би можеле да прават заедно, наеднаш, пред 3-4 години, како што велат, коцките сами се наредиле. Лилјана која уште од мала самата си шиела облека, (сама си ја сошила и својата венчаница), добила од сопругот за тогашната годишница на бракот нова електрична машина за шиење, а Гордана токму во тој ист период преговарала за соработка со Копче и така почнале со практично развивање на социјално претприемништво во рамките на SIEC кој претходно бил основан заедно со уште неколку пријатели или, како што велат, со луѓе на кои им веруваат.
„На Лили ѝ се врати волјата за шиење, јас правев истражувања за социјално претприемништво и за тоа како може долгорочно да се зајакнуваат маргинализираните групи, во истиот период следевме обуки заедно со неколку други организации, кои подоцна ни станаа соработници во Вишеград проектите за социјално претприемништво (по овие обуки за социјално претприемништво и учество во интернационални проекти, имаме одлична соработка со нашите партнери од АРНО, Љубезност, Мисла, СОЛЕМ и АХП Прилеп) и фукционираме како неформална НВО мрежа која е единствена во Македонија кога е во прашање взаемна поддршка и организирање хуманитарни настани за промоција на солидарноста кај граѓаните“, раскажува Гога.
Тие објаснуваат дека засега нивната работа е повеќе волонтерска, со оглед на тоа што сѐ уште не е регулиран законот за социјални претпријатија, но се надеваат дека допрва ќе се „расцветаат“ како што треба, со оглед на тоа што навистина нудат производи со одличен квалитет и додадени вредности.
„Секако, најпрвин сакаме да ја подигнеме свеста за производите од втора рака и за рециклирањето, бидејќи луѓето од нашево поднебје сѐ уште немаат свест за тоа колку е значајно тоа што го правиме и каков ефект има на повеќе полиња, како за екологијата, така и за идни вработувања“, велат тие.
Инаку, имаат уште неколку соработници, меѓу кои Маја, која плете капи, Аммар кои креира ташни и ранци од кожа, Фросина која заедно со Гога со ентузијазам верува во позитивни друштвени промени преку солидарноста помеѓу граѓаните, а од неодамна и Џеки, волонтерка од Америка, која е дел од Мировен корпус и одлично се вклопила во тимот, а ќе остане со нив две години и, меѓудругото, ќе им помага за пишување проекти, за промоција и развој на социјалното претприемништво и солидарноста, а ќе држи и бесплатни часови по англиски јазик за деца и за возрасни.
Џеки ја сретнавме со нашите две прекрасни пријателки и на хакатонот во Ист гејт, во рамките на модната недела, кадешто тие држеа работилници за редизајнирана мода и креирање ташни од банери. Сега, Лили и Гога, заедно со дел од младите креативци со кои тие работеа на овие работилници во Ист Гејт, планираат модно шоу на есен.
Се шегуваат и велат дека Лили полека се учи како да не ги чува љубоморно за себе предметите кои ги изработува.
„Секој направен предмет ми е посебен и се врзувам за него. На почеток не ги давав, особено ми беше тешко и ми требаше долго за да се разделам од првата ташна што ја направив. Наместо да ги ставам да се продаваат, јас би ги носела сите“, се смее таа.
А ташните и особено кујнските престилки кои лесно можете да ги помешате со фустани за излегување, се навистина посебни.
Најголема желба им е луѓето да знаат да ја ценат и да ја вреднуваат нивната работа.
„Кај нас кога некој е болен, луѓето се генерално многу солидарни и собираат пари за итни операции, но на секојдневно ниво како да ни недостасува солидарност, недостасува свест кај граѓаните. Попрво ќе одат да купат некое парче брендирана облека од големите модни индустрии, отколку да поддржат некој социјален бизнис“, вели Гордана.
Но тие две се сигурни дека како ЦИП / SIEC тим се на вистинскиот пат и несебично се вложуваат не само во своите, туку и во заеднички проекти и граѓански иницијативи со солидарни и хумани цели со други слични партнерски организации / здруженија и амабасади каде несебично ја даваат нивната поддршка за децата на улица, за бездомни лица и останати загрозени граѓани.
За повеќе информации за ЦИП / SIEC активностите, може да ги заследите на: