Откриено како евтиниот аспирин може да го спречи ширењето на ракот

Научниците открија начин на кој аспиринот може да ги намали метастазите на одредени видови на рак преку зајакнување на имунолошкиот систем. Ова откритие може да придонесе за попрецизна употреба на аспирин во спречување на ширењето на тумори и развој на нови лекови против метастази.

187

Како евтиниот аспирин против болки може да го запре ширењето на ракот бил експеримент спроведен врз животни чии резултати ги наведуваат научниците да веруваат дека откриле нов начин за борба против ракот. Експериментите покажале дека овој лек ја подобрува способноста на имунолошкиот систем да се бори со клетките на ракот.

Редовното земање аспирин носи одредени ризици

Тим научници од University of Cambridge изјавиле дека тоа е возбудливо и изненадувачко откритие кое на крајот може да доведе до тоа на пациентите со рак да им се препишува овој лек, но дека онколошките пациенти сè уште не треба да го прават тоа.

Редовната употреба на аспирин носи ризици, потсетуваат тие, а испитувањата сè уште се обидуваат да дознаат кои пациенти најверојатно ќе имаат корист од овој тип на нова терапија.

Интересните податоци од пред повеќе од една деценија покажале дека луѓето кои веќе земале аспирин секојдневно имаат поголема веројатност да преживеат доколку им се дијагностицира рак. Но, како, прашуваат сите.

Научниците објаснуваат дека во овој процес, аспиринот се фокусира на моментот на ранливост на ракот – кога осамена клетка се одвојува од првобитниот тумор и се обидува, како семе на ветар, да се прошири на друго место во телото. Овој процес се нарекува метастаза и е причина за повеќето смртни случаи од рак.

Дел од нашата имунолошка одбрана – белите крвни зрнца наречени Т-клетки – можат да го нападнат и уништат ракот кој се шири додека се обидува „да се вкорени“. Но, студијата покажала дека друг дел од нашата крв – тромбоцитите, кои го запираат крварењето – ги потиснуваат Т-клетките и им го отежнуваат уништувањето на канцерогените клетки.

Меѓутоа, аспиринот има способност да им пречи на тромбоцитите и да го отстрани нивното влијание врз Т-клетките за тие да можат да ги пронајдат канцерогените клетки и да ги уништат.

Како аспиринот влијае на имунолошкиот систем?

„Она што го откривме, на наше изненадување, е дека аспиринот може да делува со ослободување на имунолошкиот систем за да ги препознае и убие канцерогените клетки кои метастазираат“, објаснува професорот Рахул Ројчухури од University of Cambridge.

Проф. Ројчухури смета дека лекот најдобро би делувал кај карциноми кои се рано откриени и би можеле да се користат по третманите, како што е операцијата, за да му помогне на имунолошкиот систем да го пронајде кој било рак што можеби веќе се проширил.

Дали луѓето треба да земаат аспирин како превенција од рак?

Најприродното прашање што секој болен од рак треба да го постави е дали треба да зема аспирин.

„Ако имате рак, не брзајте веднаш во аптека да купите аспирин, туку активно размислете за учество во тековните или претстојните испитувања на аспиринот – советува професорот Ројчухури, додавајќи дека студијата го обезбедила „делот што недостасува од сложувалката“ во разбирањето како функционира аспиринот, но сè уште имало прашања на кои треба да се одговори.

Аспиринот може да предизвика опасно внатрешно крварење, вклучително и мозочен удар, така што ризиците мора да бидат избалансирани.

Исто така, не е јасно дали ефектот делува на сите видови рак или само на специфични.

Научниците потсетуваат дека ова истражување е спроведено на животни, па допрва треба да се примени на луѓето за да се потврдат фактите.

На пример, на некои пациенти – со Линч синдром, кој го зголемува ризикот од рак – веќе им се препорачува аспирин.

Полесно утврдување на тоа кој има најголема веројатност да има корист од аспиринот по дијагнозата на ракот

Сепак, ќе бидат потребни соодветни клинички испитувања за да се сфати дали и повеќе пациенти би имале корист. И тој процес е веќе во тек.

Проф. Рут Ленгли од Единицата за клинички испитувања на MRC на University College London, го води испитувањето Add-Aspirin за да се види дали аспиринот може да спречи враќање на ракот во рана фаза.

Според неа, резултатите од студијата се „важно откритие“ бидејќи ќе помогнат да се утврди „кој има најголема веројатност да има корист од аспиринот по дијагнозата на ракот“.

Сепак, таа предупредила и за ризиците од земање аспирин и советувала дека „секогаш треба да се консултира лекар пред некој да почне да го зема лекот“. Долгорочно, научниците се сомневаат дека ќе бидат развиени нови лекови кои ќе ги искористат придобивките од аспиринот, но со помалку ризични нуспојави.

„Еурека момент“ – неочекувано откритие ги доведе истражувачите на сосема друг пат

Откритието, објавено во списанието Nature, било случајно бидејќи научниците не го истражувале аспиринот. Тим научници од Универзитетот во Кембриџ истражувале како имунолошкиот систем реагира на ракот кога тој се шири.

Тие користеле генетски модифицирани глувци и откриле дека оние на кои им недостасува специфичен сет на генетски инструкции имаат помала веројатност да развијат метастатски рак. Понатамошната анализа открила како овие Т-клетки биле потиснати и тоа почнало да се преклопува со начинот на кој е познато дека аспиринот делува во телото.

Д-р Џи Јанг, кој го спровел истражувањето, рекол дека станува збор за „еурека момент“.
„Тоа беше сосема неочекувано откритие што не испрати на сосема поинаков пат на истражување отколку што очекувавме“, признал д-р Јанг.

Повеќе