Кога станува збор за тајни, често сме сведоци кога возрасните бараат од децата да „чуваат тајна“, иако тоа е најчесто со некоја добра намера. Но, што значи тоа за децата, кои се опасностите и кои се ситуациите во кои децата можат да бидат злоупотребени и да биде побарано од нив тоа да остане како тајна, која нема никогаш да ја споделат на нивните родители.
За почеток, важно е децата постојано да се потсетуваат на зборовите „приватност“, „изненадување“ и „тајна“ и како да ги разликуваат.
Тајна и приватност
Важно е децата да знаат дека постои разлика помеѓу тајноста и приватноста. Само затоа што нема да чувате тајни, не значи дека треба да му кажете на целиот свет за вашите приватни работи.
Разговарајте со вашето дете со примери, за тоа како секој треба да има приватност кога користи бања или кога се облекува. Создадете правила во домаќинството кои покажуваат почитување на приватноста, како на пример „чукање на затворени врати и чекање дозвола за влез“.
Одржувајте тековни дискусии за правото на приватност на секој член на семејството и за тоа како споделувањето потенцијално засрамувачки приказни не е љубезна работа, бидејќи некој може да биде повреден.
Тајна и изненадување
Користете го зборот „изненадување“, наместо „тајна“. Разговарајте за добро изненадување, како што е ненадејно патување на плажа или изненадувачки подарок. Објаснете како изненадувањата очекуваме да бидат забавни, а секое изненадување доаѓа до моментот кога ќе биде откриено, за разлика од тајната која може да биде побарана да трае засекогаш.
Тајните и изненадувањата не се нешто за кое треба да зборувате еднаш и да претпоставите дека децата ќе ве разберат. Секогаш кога има изненадување, потсетете го вашето дете за разликата помеѓу добро или лошо изненадување или тајна. Продолжете да разговарате, да слушате и да давате до знаење дека сте тука за детето.
Учењето на вашето дете да ги разликува овие зборови, но, и нашето потсетување за правилно користење на зборовите, за детето ќе има огромно значење.
Создадете и одржувајте отворена комуникација
Ако вашето дете дојде кај вас со тајна која некој му рекол да ја чува, а вие реагирате бурно, го прекорите или го засрамите за тоа што го зборува, многу е мала веројатноста дека повторно ќе ви се отвори. Која и да е тајната, земете здив и размислете што ќе одговорите, без да изреагирате брзо и непромислено. Ова ќе му даде до знаење на вашето дете дека може да продолжи да доаѓа кај вас кога е во неволја, или кога има нешто за кое треба да разговара.
Разговарајте со вашето дете за тоа што е закана
Кажете му на вашето дете, дека доколку некој се заканува дека ќе го повреди него или вас, тогаш треба да дојде и да ви каже – не е важно кој го кажал тоа или што рекол. Размислете внимателно како да му го објасните ова на вашето дете за да може да го разбере на неговата возраст и ниво на зрелост.
Тајни поврзани со злоупотреба
Децата треба да знаат дека никогаш не треба да чуваат тајни од непознати луѓе или во ситуации во кои некој од нив побарал да чуваат тајна откако на било каков начин ги допирал. Кажете им дека ќе им верувате, дури и ако тајната е за некој што го познавате. Во ред е да споделуваат, дури и ако не се сигурни што се случило, меѓутоа се чувствувале непријатно во ситуацијата.
Отворената комуникација со децата, ќе ги заштити доколку се случиле ситуации во кои биле злоупотребени. Уверете ги децата дека никогаш не е доцна да кажат некому за ваков проблем. Ова ги охрабрува децата да се чувствуваат безбедно во откривањето на злоупотребата, дури и ако тоа трае некое време. Помогнете им на вашите деца да разберат дека ако првата личност на која што ќе споделат не им верува, треба да кажат на некој друг и да продолжат да кажуваат додека некој не им помогне.
Превенција
Во вакви ситуации, важни се училишните програми во кои ќе се отворат прашања за безбедност, злоупотреба и насилство. Имајќи предвид дека ова се теми за кои сè уште во многу домови не се разговара, програмите прилагодени на возраста на децата, како програмата „сеопфатно сексуално образование (ССО)“, која вклучува важни прашања за деца од различна возраст, во иднина може да значи заштита од вознемирување, насилство, непосакуван сексуален однос, итн.
Не оставајте интернетот да биде алатката преку која децата ќе дознаваат сензитивни теми. Информациите на интернет знаат често да бидат погрешни, а неподготвеноста на родителот да разговара на сите теми, може да има негативен ефект врз децата.
Пишува: М-р Давид Тасевски, психолог, семеен и системски советник (супервизор на Линијата за родители)