Починала по 10 години тага и болка и не дочекала да си ја види внуката
Мелита Пожгај, хрватската Јованка Орлеанка кога станува збор за правата на децата, на обесправените родители после развод, а сега и на бабите и дедовците, во интервју за „Мајка и дете“ зборува за сето ова, како и за еден од најтешките случаи, смртта на баба Сива која по 10 години во болка и солзи не дочекала да ја види својата внука.
Мелита Пожгај е хрватската Јованка Орлеанка, секретарка на хрватското здружение за рамноправно родителство и голем и упорен борец за правата на обесправените родители и деца после развод, а сега се впушти и во заштита на правата на бабите и дедовците. За ова и за најтажната приказна за баба Сива која последните 10 години од животот ги поминала во тага и болка и не дочекала да ја види својата внука, зборуваме со Мелита во интервјуто за „Мајка и дете“.
„Моето волонтирање во хрватското здружение за еднакво родителство започна пред 9 години кога мојот брак се распадна и после тоа запознав прекрасен човек. За жал, неговото раскинување со бившата партнерка го започна првиот круг од пеколот. Додека мојот поранешен сопруг, татко на нашите синови, останува мојот најдобар пријател и заеднички се грижиме за момчињата иако се полнолетни, мојот партнер не можеше да воспостави комуникација со мајката на неговата ќерка. Видовме дека ни е потребна помош и на интернет најдовме информации за хрватското здружение за рамноправно родителство.
Колку и да ни беше олеснување што не бевме сами и единствени кои влеговме во зоната на самракот, се ужаснавме кога дознавме дека има премногу деца чии права се прекршуваат и премногу родители на кои им е потребна помош за да ги заштитат. За жал, мојот партнер и после 9 години, поради манипулациите на мајката и отуѓувањето на девојчето, не ја гледа својата ќерка.
Иако мајката е осудена на 3 години затвор и 8 месеци условно затоа што „како родител грубо ги запоставила своите должности околу одгледувањето и воспитувањето на детето, како и дека го малтретирала детето, при што сторила кривично дело против бракот, семејството и децата – со повреда на правата на детето“, Уставниот суд го потврди решението на Општинскиот граѓански суд малтретираното девојче и понатаму да живее со својата мајка“, ја почна својата приказна Мелита.
Неа ја побаравме поради најновата кампања на здружението за рамноправно родителство на Хрватска, во чиј фокус овојпат се бабите и дедовците кои не можат да ги гледаат своите внуци.
„По 15 години работа и илјадници повици од родители и членови на семејствата, во последните години здружението стана свесно за зголемениот број повици за помош на бабите и дедовците кои не можат да ги видат своите внуци. Во 2023 година, како дел од проектот „Одбраа татковците“, на барање на корисниците, одржавме 3 работилници со посебен осврт за помош на бабите и дедовците да ги гледаат своите внуци. На овие работилници беа присутни над 100 корисници, пред се, баби и дедовци. По објавите во медиумите, повиците од бабите и дедовците од цела Хрватска беа речиси секојдневни. Видовме дека проблемот на неможноста да се гледаат внуците се зголемува и дека бабите и дедовците немаат кому да се обратат за совет и помош“, објаснува таа.
За жал, проблемите при конфликтните разводи се пренесуваат и на најблиските роднини, поточно на бабите и дедовците. Трагична судбина на секоја баба и дедо е ако немаат блискост со внуците бидејќи времето и здравјето не се на нивна страна.
При разводите, вели Мелита, конфликтот на родителите често се пренесува и на бабите и дедовците, што е неправедно бидејќи родителите се разведуваат меѓу себе, а не се разведуваат бабите и дедовците од своите внуци.
Токму затоа, здружението го започнало проектот „БАБА И ДЕДО НА СЕКОЕ ДЕТЕ МУ ТРЕБА“, кој трае од 1 октомври 2023 година до 29 февруари 2024 година, а е финансиран од Град Загреб. Целта на проектот е подобрување и заштита на правата на децата, зајакнување на капацитетите и поддршка на семејствата, заштита на правата и подобрување на квалитетот на животот на старите лица, како и поттикнување на волонтерството.
„Преку проектот обезбедуваме секојдневна советодавна помош и организираме психосоцијална помош, групи за поддршка и таи чи креативни работилници.
Сите работилници и помошта што ја даваме се бесплатни, првенствено им помагаме на бабите и дедовците кои од различни причини не ги гледаат своите внуци, а сите информации за досегашните активности и оние што ќе се организираат може да се најдат на веб-страницата и Фејсбук страницата на Здружението. Тоа е прв проект од ваков вид во Хрватска и имаме голем интерес од корисниците (баби и дедовци) и од јавноста, не само во Хрватска туку и во Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и сега во Македонија.
Бабите и дедовците можат да бидат ментори, советници, пријатели за игра или семејни историчари кога поминуваат време со своите внуци. Тие имаат позитивен ефект врз нивните внуци, а таа позитивна емотивна врска која постои значително ги намалува симптомите на анксиозност и депресија, па затоа е неопходно да се поттикнуваат овие врски секогаш кога ќе се укаже можност“, вели Мелита.
Постојат голем број истражувања и научни и стручни трудови за важноста и на родителите и на блиските роднини, особено на бабите и дедовците во воспитувањето на децата и за рамноправното родителство.
Пример се позитивните искуства од европските земји.
Заедничкото воспитување преку активно учество и на родителите и на бабите и дедовците – создава посреќни деца кои подоцна прераснуваат во здрави и ментално стабилни луѓе.
„Во 15 години од работењето на здружението, повици за помош доаѓаат најмногу од родители, особено од татковци, а во последните години и од баби и дедовци кои се спречени да бидат дел од животот на нивните внуци.
Еден од најтешките случаи е смртта на баба Сива која по 10 години во болка и солзи не дочека да ја види својата внука. Тешка е ситуацијата на бабата и дедото кои живеат во иста куќа со синот, снаата и внуките, но не смеат да контактираат со внуките бидејќи гневот на нивните родители е толку голем што тие ниту ги гледаат, ниту разговараат со нив, а секој ден е полн со болка и надеж дека можеби утре ќе биде малку подобро.
Бабата и дедото дојдоа кај нас од Риека на работилница, по повеќечасовно патување за да си заминат во 22 часот по црна темница и пред да тргнат накај дома низ солзи ни се заблагодарија бидејќи „некој конечно ги разбира“. Такви случаи има многу и премногу. Се случи за само во еден ден да ни се обратат за помош 4 баби од различни места: 2 од Хрватска, една од Црна Гора и 1 од Шведска“, раскажува нашата соговорничка.
Хрватското здружение за рамноправно родителство повикува на заштита на најранливите, децата и постарите лица, кои се жртви на злоупотреба и малтретирање.
„На децата им требаме во она што ним им е потребно за здрав развој, тие се 25% од нашата сегашност, но 100% од нашата иднина. Сакаме тие деца утре да ни кажат дека станале стабилни, зрели, одговорни луѓе затоа што светот го гледале „од грбот на џинови“, нас кои сме им претходеле, а тоа не се само родителите, туку и бабите и дедовците“, порачува Мелита.