Посвоена е на 3 години, на 30 доживеала мозочен удар: „Пресудата на судот во Стразбур е победа за сите посвоени деца“
Во пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со која Мирјана Митревска од Скопје го доби спорот против Македонија, откако не успеа да добие податоци за своите биолошки родители од надлежните во земјава, се повикуваат домашните судови директно да ја имплементираат пресудата. Госпоѓа Митревска се надева дека со ова таа, но и сите други посвоени деца конечно ќе го најдат она парче од животниот мозаик кое секогаш им недостасувало за целосна среќа
По значајната пресуда на Европскиот суд за човекови права, по повод жалбата на 46-годишната скопјанка Мирјана Митревска со која се упатува на неможноста да добие информации за своето биолошко потекло и за нејзиното посвојување, ќе се наметне потребата од итна и неодложна промена на македонскиот закон за семејство.
Ова е нешто што веќе одамна го бараат сите оние некогашни деца кои биле посвоени и кои немаат никакви информации за своето потекло. Нашата соговорничка Мирјана Митревска ни ја раскажа накусо својата приказна.
„Јас сум посвоена на неполни три години. До посвојувањето сум била во згрижувачко семејство и од секогаш знаев, односно се сомневав дека сум посвоена, иако потајно посакував тоа да не е вистина. Имав во главата некои слики од животот како малечка, ама не знаев дали се од овде или од таму, што може да знае мало дете“, ја почнува својата приказна госпоѓа Митревска.
Таа вели дека иако се сомневала никогаш не ги прашала отворено своите родители/посвоители дали е нивна или посвоена, затоа што се плашела да не ги повреди.
„Постојано го потиснував во себе ова чувство, па и желбата да ја дознаам вистината не беше многу јака со оглед на тоа што имав љубов од посвоителите, а тоа е желба на секое дете, да расте со љубов. Но кога го родив мојот син желбата ми се зголеми и си помислив, колку би требало да биде силна причината да се остави своето дете. Тогаш почнав кришум да трагам по вистината. Не можев да дознаам ништо бидејќи законот во нашата држава ги забранува податоците на биолошките родители. Се борев сама со себе затоа што не сакав да ги повредам моите родители (посвоители). Поминаа 6 години кога одлучив гласно да прашам за тоа која сум јас и од каде сум, но наидов на револт од нивна страна“, раскажува таа.
Нејзините родители не сакале или, како што вели, можеби и не знаеле ништо повеќе да ѝ кажат освен дека е посвоена и толку. Нејзините родители/посвоители не ја поддржувале, па таа почнала поактивно да трага по вистината дури после нивната смрт.
„Тоа сознание ме погоди многу, како целиот дотогашен живот да беше лага. Иако веќе имав свое семејство и бев мајка, многу ме погоди. Бидејќи се плашев и не сакав да ги повредам моите посвоители, а сепак имав голема желба за вистината, постојано акумулирав стрес. Од стресот кој го живеев една година подоцна, на само 30 години, добив мозочен удар. Каде и да отидев потоа, бидејќи мозочен удар доживеав многу млада, ме прашуваа за работи кои не можев да ги знам, дали имало слични проблеми во моето биолошко семејство и слично. Ова, како и стравот дека моите деца можат да имаат подцна во животот проблеми поради тоа што јас не го знам своето потекло, на пример, може да дојде до инцест, продолжив да трагам“, вели Мирјана.
Таа сега има 46 години и сѐ уште се справува со последиците, има проблем со говорот, но тоа не ја спречило да во нејзината потрага по одговорите од државните институции.
„Одев по болници, во социјално, ама секаде наидував на препрека наречена закон, бидејќи нашиот закон не дозволува да се дадат податоците од биолошките родители. Доаѓав до разни приказни и тоа ме болеше многу, а после неуспешната потрага се чувствував како да бев повторно оставена. Имав осуди и од околината, од роднините затоа што ја барав вистината, ама со помош на некои луѓе кои ги најдов во групите за посвоени деца, сепак продолжив да чекорам по тој трнлив пат на кој сега се надевам дека му дојде крајот“, вели госпоѓа Мирјана и им порачува на сите деца, родители и посвоители да не се срамат.
„Не е срамота да посвоиш и да бидеш посвоен, а вистината е една и секогаш излегува на виделина“, порачува таа.
Мирјана ја има поддршката од своето семејство, сопругот и двете деца, во нејзината потрага по вистината.
„Во Стразбур бев благодарение на адвокатката Павлина Зефиќ која ме застапуваше и поради чија помош дојдовме до позитивен резултат“, благодарна е Мирјана.
Имено, Европскиот суд за човекови права донесе значајна пресуда по повод жалбата на г-ѓа Митровска, со која се упатува на неможноста да добие информации во врска со нејзиното посвојување. Постапката беше иницирана од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП, а жалителката е застапувана од адвокат Павлина Зефиќ.
Со жалбата се аргументираше повреда на член 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот. Оваа пресуда е од особено значење бидејќи упатува на правото на секој да знае кои му се биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот. Оттука, последиците кои оваа пресуда ќе ги наметне ќе предизвикаат итна и неодложна промена на Законот за семејство, велат од здружението.
Адвокатката Павлина Зефиќ вели дека во пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се повикуваат домашните судови директно да ја имплементираат пресудата.
„Сепак, ќе треба Министерството за труд и социјална политика да ги иницира промените и дополнувањата на законот за семејство за да може да се имплементира пресудата на европскиот суд“, вели Зефиќ.
Се надеваме дека за ова нема да се чека премногу долго, во интерес на госпоѓа Мирјана, но и на сите други посвоени деца на кои, како што вели и нашата соговорничка, секогаш им недостасува едно парче за целосна среќа во нивниот животен мозаик.
Македонското здружение на млади правници – МЗМП информираше дека пресудата на Европскиот суд за човекови права е од особено значење бидејќи упатува на правото на секој да знае кои му се биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот. Оттука, последиците кои оваа пресуда ќе ги наметне ќе предизвикаат итна и неодложна промена на Законот за семејство.