Рани симптоми на рак што ги игнорираат и жените и мажите

Голем број луѓе ги игнорираат раните знаци на рак, ќе се пожалат на нестручни лица, пријатели и роднини и одат на лекар само кога работата ќе стане многу сериозна.

20.035

Препознајте ги првите знаци и навреме побарајте помош, бидејќи онколозите изразуваат загриженост дека поради помалиот број превентивни и редовни прегледи поради пандемијата, бројот на заболени од рак може значително да се зголеми. Важно е да не се игнорираат необични, нови и необјаснети симптоми. Иако можат да бидат предизвикани и од помалку опасни болести, доколку продолжат, вреди да се провери состојбата кај лекар.

Тешкотии со дишењето и проблеми со голтањето
Еден од првите знаци на рак на белите дробови, на кој пациентите се потсетуваат подоцна, е губење на здивот.
Ракот на тироидната жлезда, исто така, може да предизвика проблеми со дишењето ако грутката или туморот притисне на душникот. Било какви проблеми со дишењето кои продолжуваат се причина за посета на лекар.
Проблемите со голтањето се поврзани со рак на хранопроводникот и гркланот, а понекогаш се знак за рак на белите дробови. Засипнатост, потивок глас или чувство дека нешто ви го притиска грлото може да биде ран знак за рак на тироидната жлезда. На истото може да укаже и чувството дека нешто е заглавено во душникот.

Зачестена температура и инфекции

Ова може да биде знак за леукемија, рак на крвните клетки што започнува во коскената срцевина. Леукемијата предизвикува коскената срцевина да произведува абнормални бели клетки, така што телото повеќе не може да се бори против инфекции. Лекарите често дијагностицираат леукемија само откако пациентот ќе се пожали на треска, болка и симптоми слични на грип кои траат долго време.

Проблеми со стомакот
Колку и да звучи бенигно, болката во стомакот на некои луѓе им спасила живот бидејќи лекарите навреме ги пратиле на ултразвук и откриле дека имаат тумор на црниот дроб. Грчеви во стомакот или чести стомачни проблеми исто така може да укажуваат на рак на дебелото црево. Многу пациенти со рак на дебелото црево рекле дека нивните лекари прво мислеле дека имаат чир.

Слабост и замор
„Постојано имав потреба да седнам, а една вечер бев премногу уморна за да се одвозам дома“, е вообичаен опис на состојбата на болните од леукемија. Општата слабост и замор се симптоми на разни видови тумори, па затоа е важно да се воочат и други симптоми. Во секој случај, ако се чувствувате уморни без очигледна причина, а подолгото спиење не помага да се запре заморот, разговарајте со вашиот лекар.

Необјаснето губење на тежината
Доколку забележите дека килограмите се топат, а не сте го промениле начинот на исхрана или вежбање, мора да се запрашате зошто се случило тоа. Губењето на тежината може да биде симптом на рак на дебелото црево и други тумори на дигестивниот систем. Тоа укажува и на рак кој се проширил на црниот дроб, бидејќи влијае на апетитот и на способноста на телото да ги отстранува нечистотиите.

Промени на ноктите

Необјаснетите промени во ноктите може да укажуваат на различни форми на тумори. Кафеава или црна линија или точка под ноктот може да укажуваат на рак на кожата. Новиот изглед на закривени нокти (растат надолу после врвовите на прстите) може да укажува на рак на белите дробови Бледите или бели нокти може да укажуваат на тоа дека црниот дроб не работи како што треба, а понекогаш укажува и на рак на црниот дроб.

Хронична „стомачна киселина“ и чувство на ситост после мал оброк
Најчестиот ран знак на рак на желудникот е болка во горниот или средниот дел на стомакот што наликува на киселина. Се влошува после јадење. Збунувачки е тоа што симптомот исчезнува по земањето лекови за киселини, што доведува до погрешен заклучок дека се работи за помал проблем. Ако имате чести напади на желудочна киселина и болки во стомакот, како и чувство на ситост после мали оброци, посетете лекар. Ако сте јаделе голема пица, киселините се можна реакција на желудникот, но ако киселините се појавуваат често или ве придружува постојана мала болка во градите после јадење, одете на лекар и побарајте тест за рак на хранопроводникот.

Проблеми со цревата

Запек, дијареа или други промени во столицата може да укажуваат на рак. Доколку трае подолго од неколку дена, а нема очигледна причина (немате грип или труење со храна), време е да се загрижите. Заболените од рак на дебелото црево често известуваат дека забележале почести столици и чувство дека не ги испразниле целосно цревата. Еден од првите знаци на рак на панкреасот е мрсната столица, која е честа, поголема, побледа и има понепријатен мирис од нормалното. Ова е знак дека вашето тело не ја апсорбира храната нормално.

Симптоми на рак кои жените најчесто ги игнорираат:
Црвени, болни и отечени гради

Промени во брадавиците (лупење, вовлекување или извртување)

Оток или абнормална тежина (може да укажуваат на рак на јајниците)

Чувство на ситост и губење на апетит

Невообичаено тешки и болни периоди или крварење помеѓу менструациите (може да укажуваат на рак на матката)

Симптоми на рак кои мажите најчесто ги игнорираат:

Проблеми со ерекција (можен знак за рак на простата)

Болка и чувство на тежина во долниот дел на грбот, колковите, бутовите или стомакот (еден од знаците за рак на простата е постојана болка во оваа област )

Отекување на тестисите или грутка (можен знак за рак на тестисите, најчесто е безболна)

Лушпеста или болна брадавица или исцедок од неа (мажите може исто така да имаат рак на дојка) Тешкотии при мокрење или некои промени (рак на простата)

Повеќе