Родители што дремат на телефон, деца со послаби јазични способности

Знаеме дека кога се користат екраните – било од родител или од дете – има помалку зборување, поучување и читање.

25

Не може да се негира дека сите ние кои живееме во ова време поминуваме многу време гледајќи во екраните, особено родителите кои користат уреди. И тоа е во ред.

Но, родителите кои поминуваат многу време пред екраните можеби ќе сакаат да слушнат за оваа нова студија објавена во академското списание „Frontiers in Developmental Psychology“ (Граници во развојната психологија).

Истражувачите вклучени во студијата откриле дека родителите кои поминуваат повеќе време гледајќи во екраните наместо да комуницираат со своите деца, не само што моделираат лоша навика – туку би можеле и да ги попречат јазичните вештини на нивните деца.

Студијата открила корелација помеѓу родителите кои почесто користат екрани и децата кои го прават истото. Но, уште позагрижувачки од тоа, децата чии родители почесто користеле екрани имале и помала способност за користење граматика, како и послаб речник.

Истражувачите што работеле на студијата анкетирале родители на 421 дете од Естонија, на возраст од 2 до 4 години. Тие забележале дека наодите имаат смисла бидејќи вербалните интеракции со родителите се клучен начин на кој децата ги учат јазичните вештини на таа возраст.

„Знаеме дека кога се користат екраните, било од родител било од дете, во домаќинствата има помалку зборување, поучување и читање – и тоа може да биде причина за послабите граматички вештини и вокабулар“, истакнала д-р Џени Радески, експерт за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите.

Сепак, еден од најшокантните наоди во студијата е тоа дека кога децата гледаат во екрани со своите родители, тоа не помага да ги подобрат своите јазични вештини. Ова помага да се поткрепат претходните истражувања, кои покажуваат дека децата не учат толку добро од екраните како што учат од личните интеракции со други луѓе.

„Нашата студија го префрла фокусот од времето поминато на екраните од страна на децата на улогата на заедничките семејни навики за поминување време пред екраните, со тоа што покажува дека употребата на екранот од страна на мајките и татковците влијае врз јазичните вештини на децата“, рекла д-р Тија Тулвисте, професор по развојна психологија во Естонија и водечки автор на студијата.

Студијата на д-р Тулвисте била спроведена во 2019 година, пред пандемијата на ковид-19, која предизвика многу луѓе низ светот, особено децата, да поминуваат многу повеќе време пред екраните, особено за образование. Д-р Тулвисте планира последователна студија за истражување на ефектите од користењето на екранот за време на пандемијата и како тоа би можело да влијае врз јазичните вештини на децата.

Повеќе