Роза Мојсовска: Мислев дека родители ми се сестрите и докторите и не верував во Господ

Од 6-месечна возраст до 9 години живеела во болничка соба во Белград со уште 15 деца со телесен инвалидитет. На 3 години првпат дошла дома, во Скопје и се плашела од своите родители бидејќи не ги познавала. На 7 години почнала да црта со уста, а од 2005. е член на светското здружение на уметници кои цртаат со уста и со нозе – VDMFK

3.590

Со Роза Мојсовска се запознавме неодамна, на предновогодишниот базар во хотел „Мериот“. Тогаш дознав и дека сме приближно иста генерација иако кога ја слушнав нејзината приказна ми звучеше како да ми раскажува некоја од приказните на дедо ми за животот пред и после Втората светска војна. Особено кога ја слушнав приказната за тоа како почнувајќи од шест месеци поминала цели 9 години од животот во болничка соба во костозглобната болница во Бањица, во Белград, а по враќањето во родното Скопје, не ја примиле во училиште зашто немало кој да ѝ ги вади книгите и да ѝ ги врти страниците.

Првата работа која ја прашав оваа самоука уметница која црта со уста и пишува поезија на специјална тастатура, исто така со уста, е дали самата се шминка.

Се разбира, ако може да црта со уста, зошто не би можела и да се нашминка. Верувајте, јас со двете раце не можам и не знам да се нашминкам себеси како што може Роза со устата.

Нашата нова познаничка се родила на 4 септември 1966. година, со телесен хендикеп.

„Мајка ми мѝ раскажуваше дека кога била во седмиот месец од бременоста со мене прокрварила, но не знаеше дали тоа има врска со мојот хендикеп. Сум се родила со телесен инвалидитет, односно, неподвижни прсти на рацете и на нозете. Кога лекарите виделе дека имам недостаток, им препорачале на моите родители да ме однесат во костозглобната болница во Белград, на Бањица. Таму ме однеле на шестмесечна возраст, па мајка ми морала да престане да ме дои. Првпат дојдов во посета дома, на тригодишна возраст. Не си ги познавав родителите и мислев дека родители ми се докторите и сестрите зашто во болницата нив ги викавме ’мајки и татковци‘. Бев исплашена зашто дотогаш немав видено домашна средина, во болницата во Белград бевме 15 деца во една соба, а семејството не си го познавав. Моите ме смируваа, ми велеа дека тие ми се мајка и татко, а јас упорно негирав. Моите немаа многу пари за да доаѓаат често да ме посетуваат, работеше само татко ми, па доаѓаа еднаш до двапати годишно“, раскажува Роза која во тој период од животот зборувала само српски.

Роза се сеќава на тој 8. март, кога имала 7 години, рацете ѝ биле оперирани и не можела ништо да прави, а сите деца цртале честитки за празникот.

Тогаш за првпат со боичката која ја држела во устата, нацртала цвет и сите се воодушевиле кога го виделе нејзиниот цртеж.

Инаку, до 9-годишна возраст, во Белград ѝ биле направени 7 операции за кои вели дека сега ѝ изгледа како да си правеле со неа експерименти.

„Мислам дека со операциите само ми ја влошиле состојбата, па како последица од нив имам на нозете и задебелување. Во болницата завршив прво одделение, а потоа, кога направив 9 години, им рекоа на моите дека не можат веќе ништо да направат за мене. Ми дадоа некој апарат за да можам да стојам, ама со него не можев да издржам ниту половина час, ниту можев да седнам, ниту да станам, бев како робот. Моите ме донесоа дома, во стан на првиот кат, во руските згради во Карпош 3, но не можев ниту толку да се симнам или да се качам, па престанав да го носам апаратот.

Сакаа да ме запишат во ОУ „Лазо Трповски“, но од училиштето ги одбија бидејќи немало кој да ми ги вади тетратките од чантата, да ми ги врти страниците и така натаму. Се обратија до центарот за социјални грижи и таму ги упатија да ме однесат во заводот во бања Банско. Таму завршив и основно и средно училиште и додека беше жива мајка ми пола година седев во заводот, пола година дома. Но во 1990. година почина мајка ми, па немаше кој да ме гледа и постојано бев во заводот. Во 2010.година почина и татко ми и сега го имам само мојот пет години постар брат кој оформи свое семејство и од него имам внук“, раскажува Роза.

Во заводот во Банско заминала во 1976. година и во тој период од животот се срамела заради својата состојба, цртала со уста, но само пред родителите и учителите.

За првпат учествувала на групна изложба во Ватикан, во Италија каде што заминала благодарение на британската дарителка Сју Рајдер.

Но и тогаш никој не знаел дека црта со уста.

„Во 1995. година во заводот дојдоа Американци пред Божик и пееја духовни песни, а потоа не прашаа нешто за Господ. Јас им реков дека Господ не постои, затоа што ако постоеше, немаше да бидам ваква. Човекот кој беше дојден ми рече: ’Што ако ме гледаш мене ваков, на нозе, јас сум поболен од тебе одвнатре‘. Тој ми ја даде книгата за Џони Ериксон, жена која останала инвалид на 18 години и која исто така црта со уста и кога ја прочитав, се најдов во неа, ме охрабри, стана моја инспирација и ми го смени погледот на светот“, се потсетува Роза.

Таа почнала да верува во Бога, а многу ѝ помага и евангелската црква. Благодарение на црквата го запознала и поранешниот претседател на Македонија Борис Трајковски.

„Кога го запознав Трајковски, му подарив слика од луѓето како одат по патот на светлината. Тој ми се заблагодари и се расплака. Никогаш нема да ја заборавам таа средба. И неговата сопруга Вилма често не посетуваше во заводот“, раскажува Роза.

Во 1999 година, се одржала нејзината прва самостојна изложба и промоција на првата книга поезија, насловена „Во прегратките на Исус“.

„Од тогаш, имам направено безброј изложби во земјата и во странство и досега имам објавено пет книги со поезија која е посветена на мојот спасител, Господ Исус Христос“, вели нашата соговорничка која пишува на компјутерот со тастатура која е приспособена специјално за неа, а ѝ го донирале од здружението „Отворете ги прозорците“.

Во светското здружение за уметници кои цртаат со уста и со нозе – VDMFK, Роза е единствен член од Македонија, од 2005 година. Ја зачленил Војко Гасперут од Словенија, кој слика на ист начин како и таа.

Откако се ослободила од срамот и сфатила дека не е единствената со ваква судбина, животот ѝ се сменил.

„Се запознав со дел од членовите на ова здружение кои доаѓаат од 82 земји во светот и секоја година праќам во Лихтенштајн, каде што е главното седиште на здружението, 12 слики, а тие бираат неколку и прават честитки, календари, торби. Имам ментор за цртањето, тоа е сликарот Панче Георгиев од Струмица, кој ме усовршува, бидејќи друго е кога е човек самоук како мене. Од 2019. година живеам во свој стан во Струмица, благодарение на проектот за деинституционализација и добивам помош од државата, а не плаќам ниту сметки. Имам двајца асистенти, едната е Тодорка Јамајловска, која е со блага ментална ретардација и ми помага во облекувањето, во одржувањето на лична хигиена, ми ги става на маса боите и платното, а задругите работи, како што е на пример готвењето или за другите обврски кои таа не знае да ги прави, тука е мојата друга асистентка Наташа Маглешева“, објаснува нашата соговорничка која на овој начин не е никогаш сама.

Цртањето ја исполнува иако додека зборувавме често се накашлуваше заради алергија на боите.

„Цртањето ме исполнува, но не цртам секој ден, туку зависно од расположението“, вели таа. Сепак, подготвена е за новата изложба која треба да се одржи на 21. јануари 2022 година во Порта Македонија. Половина од средствата од продажбата на сликите се наменети за гладните деца во Африка, а другата половина за Роза.

Уште една инспирација за Роза била и средбата со Ник Вујичиќ светски познатиот мотивациски говорник кој иако е роден без четирите екстремитети, денес е успешен човек кој инспирира други луѓе преку неговите говори на голем број конференции низ светот, а има и свое семејство и 5 деца.

Роза е сега задоволна од животот и подготвена да ги инспирира другите.

Во меѓувреме, задоволна е заради можноста која ѝ овозможила да прошета и иако е во инвалидска количка, да види многу земји во светот.

Повеќе