Болничарка и мајка на две деца, Ники Јуркуц, редовно објавува совети за родителите на Инстаграм профилот на Tiny Hearts Education, главно поврзани со здравјето и безбедноста на децата. Во новото видео таа објаснила што открива бојата на урината кај малите деца за нивното здравје.
Како што покажува во објавата, понекогаш бојата на урината која е јасно видлива на пелената може да открие дали детето страда од одредени здравствени проблеми или има некои други пореметувања кои родителите не треба да ги игнорираат. Па така, жолтата урина е нормална, додека урината што изгледа матно може да биде знак за инфекција на уринарниот тракт, честа инфекција која може да ги зафати мочниот меур, бубрезите и цревата. Матна односно темна урина, исто така, може да биде знак за дехидрација, објасни Јуркуц.
Зелената или дури и сината урина се појавува многу ретко, а најчесто е предизвикана од одредени видови храна. Здравиот зеленчук, вклучувајќи и шпароги, може да предизвика зелена урина кај некои луѓе, вклучително и кај децата.
Црвената урина може да биде резултат на јадење цвекло или боровинки. Новородените девојчиња може да имаат и вагинално крварење во првите неколку дена, што е сосема нормално, објаснува болничарката. Сепак, црвената урина понекогаш може да биде знак за крварење како посериозен здравствен проблем кој треба да се третира. Имено, црвената пелена најчесто е знак за присуство на крв во урината.