Што прават трудниците на остров кога има бура, а тие добиле родилни болки?

Додека сте на одмор животот на островите ви изгледа како бајка, но замислете да живеете тука постојано, да сте трудни и згора на сѐ, да добиете родилни болки порано од предвидениот термин, а има бура! Вие со стомак до заби, сте решиле да раѓате, а морето да беснее…

135

Иако секое одење на одмор, особено на некој убав остров, по малку сте им љубоморни на оние кои живеат тука, ако размислите малку подлабоко веројатно ќе сфатите дека освен убавините во кои тие можат секојдневно да уживаат, а не како вас, само неколку дена или недели, тие се соочуваат и со многу проблеми.

На пример, додека ги гледав мајките кои „дефилираа“ со своите бебиња по пристаништето на еден хрватски остров, носејќи ги во марами или возејќи ги во колички со најразлични облици, наеднаш се сетив дека островите немаат болници…Каде се породуваат жените од хрватските острови?

Се запознав со две мајки, едната од Вис, а другата од Хвар и еве што дознав од нив.

Меѓу дилемите пред кои се наоѓаат трудниците кои живеат на островите на кои нема родилишта, воочи породувањето, е и онаа – кога да се оди на копно за да се биде близу болницата. Конкретно, жителките на островите Вис и Хвар, се породуваат во сплитската болница. Обично одат таму неколку дена пред истекувањето на терминот за породување или тогаш кога ќе им препорача гинекологот.

Катица, нашата соговорничка од Вис, вели дека самата отишла во Сплит цели две недели пред терминот за породување. Една од причините поради кои се решила на ова бил и стравот дека ако остане на островот до последен момент, ќе мора да го плати итниот лет со хеликоптер доколку нема валиден упат за родилиште.

„Оние жени кои немаат роднини или пријатели во градот, добиваат упат за болница и таму чекаат на породувањето, но само ако гинекологот смета дека имаат индикации за престој во болница. Кога јас бев бремена постоеја гласини дека трудниците за кои ќе се укаже потреба итно да бидат пренесени со хеликоптер во Сплит, а немаат болнички упат, сами плаќаат 50 отсто од трошокот за летот.

Не сакав да ризикувам ниту здравје ниту трошок, па затоа решив да почекам на породувањето кај мојата сестра во Сплит“, вели таа.

Подоцна излегло дека овие гласини дека трудниците сами би требало да подмират пола од трошоците за превоз со хеликоптер, биле демантирани од Хрватскиот завод за здравствено осигурување според кој не е предвидено родилките да ги плаќаат сами овие трошоци во итните случаи кога им е потребен хеликиптерски превоз, туку е тој во целост покриен доколку е трудницата здравствено осигурана.

Според нашата соговорничка, здравствената грижа на Вис е подобрена во текот на последните години па сега во рамки на тамошниот здравствен дом жените можат да направат гинеколошки прегледи благодарение на лекарите од копното кои доаѓаат на островот на смени.

Тие обично им препорачуваат на сите трудници кои се во 39-недела од бременоста да бидат близу родилиште па некои од оние кои немаат каде да престојуваат, понекогаш се принудени сами да си плаќаат престој во хотел.

Но и таму, како и на Хвар и на другите острови, останува проблемот со породувањата. Нашите соговорнички се потсетуваат на еден настан од пред петнаесетина години кога едно бебе било родено во хеликоптер додека родилката била пренесувана од Вис до Сплит откако породилните болки почнале многу порано од терминот. Заради неосветлениот хелиодром на Вис, наместо хеликоптер, по родилката бил испратен глисер на поморската полиција  кој пак заради невреме морал да се вкотви во хварското пристаниште од кадешто ја презела посадата на хеликоптерот со кој била упатена во Сплит.

Но бебето побрзало и се родило во хеликоптер, а потоа било сместено на одделот за педијатрија во сплитската болница. За среќа, и мајката и бебето биле добри и сѐ се завршило добро, но не е секогаш така.

Островјанките велат дека за вакви непредвидени ситуации нема дежурна бабица која би асистирала или едноставно би ја придружувала родилката на пат до сплитската болница кадешто сите тие и онака се упатуваат кога ќе се приближи нивниот термин за раѓање.

И Хваранката Инес смета дека не може жените да бидат 100 отсто сигурни дека ќе го погодат точното време па често им се случува од претпазливост да отидат во Сплит и многу пред терминот па да се снаоѓаат како знаат и умеат каде ќе престојуваат доколку мораат да чекаат подолго време. Но за повеќето тоа е подобра варијанта отколку да ризикуваат и да доживеат стресна и опасна ситуација како таа која се случила пред петнаесетина години.

Тие се огорчени на системот и се прашуваат зарем не е подобро во вакви ситуации да биде на островот испратена екипа, наместо да се транспортираат жените.

Ним им е јасно дека не може секој остров да има родилиште, но и дека ваквиот систем не е добар.

Бидејќи и двете немале проблем и се пријавиле во сплитското родилиште на време, не беа сигурни, но споменаа дека на бабиците им е забрането да ги пораѓаат сами жените дури и во вакви екстремни ситуации, иако, како што велат, нивните баби и прабаби раѓале без болници и родилишта, токму со помош на бабици. Во тоа време, поточно, пред 50 години, како што им раскажувале нивните мајки, сите породувања се одвивале во домовите на родилките, а бабиците доаѓале на повик и останувале со родилките додека не се породат па макар тоа траело и со денови. Токму бабиците тогаш одлучувале дали има потреба и дали постојат услови за транспорт. Имале воени броеви во амбулантите па преку нив организирале итни транспорти. Сепак, тврдат дека и во такви услови немало голема смртност на новороденчиња и родилките. Денеска на Хвар има гинеколог кој се грижи за 60 отсто од трудниците, а останатите одат на приватен гинеколог во Сплит.

На повеќето хрватски острови, за жал, не постои организирана локална грижа за трудниците.

Се случува, доколку не стасаат на време или родилните болки почнат порано, или пак има бура па не можат да стасаат на копно, родилките да бидат породени во просториите на Итните служби во локалните Домови на здравје.

Повеќе