Првата слика ја насликала на навлака за перница со боја за варосување

Хрватската сликарка Ана Тудор го поминала целиот работен век во Хвар работејќи како готвачка. Во период кога било срамота таа да слика, а свекрвата да ги пере пелените, сликала кришум. Сега поголемиот дел од годината го минува во родната Сонта, а сликањето, вели, ѝ го чува здравјето. Треморот на рацете кој почнал да ѝ се појавува во последно време, престанува само кога слика.

244

Ја запознав госпоѓа Ана Тудор токму на нејзиниот 77-ми роденден, 22. јуни, кој таа дојде да го прослави во кругот на семејството, во нивната 500 години стара семејна куќа на Хвар.

За роденденот, како што рече госпоѓа Тудор, направила малку поубав ручек отколку вообичаено, печено јагнешко и млад компир кој нејзиниот син Марио го одгледува на полето во Велико Грабље, од каде што потекнуваат Тудори. За ручекот, секако, се погрижи госпоѓа Ана која целиот свој работен век, повеќе од 60 години, го поминала како готвачка и шеф на кујна во сите 12 хотели колку што тогаш имало на островот, а сите биле дел од истата фирма, тогаш во државна сопственост. Инаку, госпоѓа Тудор е Хрватка, која потекнува од Сонта, војводинско село на самата граница со Хрватска, а целиот живот сакала само да слика. И сликала. Дури и во време кога тоа било срамота, а таа сликарскиот прибор морала да го крие под креветчето на нејзиниот син секогаш кога ќе слушнела дека некој од домашните, свекорот или свекрвата со кои жвееле во заедница, се враќаат дома. Откако пред некоја година починал нејзиниот сопруг, а таа, како што вели, сè потешко се искачува по бројните скали на островот, се вратила во родното село каде што слика, држи работилници за деца и за возрасни, во домови за стари лица, а кондицијата ја одржува возејќи се на велосипед. На Хвар доаѓа преку лето, колку да биде на кратко со синот и снаата, внукот, а исто така, повремено оди и во Лондон каде што живее нејзината ќерка. Во меѓувреме, пропатувала низ многу европски градови заедно со својата километарска слика за Дунав или како што таа го нарекува – бисерот на Европа.

Пораснала на бреговите на Дунав и го овековечила на километарско платно

На нејзината слика, која е најдолгата слика за Дунав на светот, 1 километар во должина и 80 центиметри во ширина, освен реката, од нејзиниот извор во Донаушинген, во подножјето на Шварцвалд во Германија, сè до местото каде што се влева во Црното море, насликани се и флората и фауната кои живеат во и покрај Дунав, а опфатени се и најголемите градови низ кои тој тече по целата своја должина и ја поврзува цела Европа.

Водена од својата фасцинација од реката со која воспоставила посебна и длабоко емотивна врска уште за време на своето детство во Сонта, таа сакала да направи нешто вредно, нешто што покрај сите нејзини други и бројни слики, ќе остане за следните генерации бидејќи, смета Тудор, Дунав со сета своја раскош, флора и фауна е достоен за зачувување. За да ја реализира оваа своја идеја, на уметницата ѝ биле потребни цели 4 години, кои вели, биле години на големи одрекувања, одрекувања од многу нешта, вклучувајќи го тука и времето за сопругот и семејството, време на патувања и создавање на едно, и буквално големо километарско платно на кое таа доловила различни аспекти на Дунав.

Можеби е чудно, но иако подоцнежниот животен пат на Ана Тудор ја довел кај морето и палмите, таа ѝ се вратила на реката на чии брегови си играла како дете и каде што денес поминува најголем дел од времето во својата куќа во родното место.

Досега, сликата, преку поддршката обезбедена од AWP (имено, сликата се развила во голем проект за заштита на дивиот свет на реката и транснационален проект за едукација за животната средина), имала изложба во повеќе европски земји.

„На изложбата во Германија, ми направија навистина голема чест, а градоначалникот на градот во кој извира Дунав каде што беше и првата изложба на оваа километарска слика, отвори 5 кутии шампањско. Ми пееја хрватски, српски и далматински песни, а на изложбата беше дојден целиот град. Дунав не е само наш, туку и европски, тој е значајна река, бидејќи преку 20 милиони луѓе пијат од неа, па затоа сакам преку мојата слика и да ги освестам луѓето за нејзиното значење и за тоа дека треба да ја пазиме, да ја држиме чиста и да мислиме на оние кои ја пијат таа вода“, порачува оваа драга госпоѓа која и во осмата деценија од животот не застанува и вели дека ќе слика додека е жива, а ќе живее додека слика. Иако е свесна дека секој сликар мора да ги продава сликите за да може, ако ништо друго барем да заработи за да купи материјал за следната слика, секоја продадена слика за неа е како некој да ѝ го отсекол прстот.

Госпоѓа Ана има голема желба нејзиното дело да го видат и хварани, нејзини сограѓани во текот на над 60 години колку што живее тука, но засега, градот не покажува заинтересираност, иако има простор каде што би можела да биде изложена целата слика во должина од 1 километар.

Оваа хрватска сликарка е самоука, а првите знаења ги стекнувала додека се „шверцувала“ на часови во средното уметничко училиште во Сараево.

„Сакав да бидам сликарка уште од дете, а првата слика ја направив кога бев 3-4 одделение. Платно направив од една навлака за перница од шкафот на мајка ми за која потоа добив и ќотек. Ја растегнав навлаката на штици од гајба, а ја насликав со бои за варосување и пигменти, како што го правеа тоа молерите. Таа слика подоцна ѝ ја подарив како свадбен подарок на една пријателка. Инаку, кога завршив основно училиште, сакав да учам уметничко, но се немаа пари, па запишав туристичка школа во Сараево и бев среќна само кога можев да го допрам ѕидот на уметничкото училиште кога поминував оттаму. Кога бев слободна, влегував во училница, па некогаш професорите ме бркаа, некогаш не ми обрнуваа внимание и јас останував на часовите, учејќи за сликарството. Подоцна, кога веќе бевме земени со сопругот, но бевме многу млади и тој уште немаше служено војска, јас му реков дека наместо да седам во Хвар цела зима, подобро е да одам во Белград и да учам нешто. Така успеав да влезам во едно здружение каде што доаѓаа професори од Ликовната академија и не подучуваа. Останатото го учев сама, низ годините. Омилени сликари ми се Ван Гог и Рембрант, па затоа бев среќна кога се понадевав дека ќе одам во Холандија. Но ете, ништо не излезе од тоа. Уште додека готвев во „Палас“, пред да се запознаам со сопругот, за време на паузите земав кујнска крпа од хотелот и темпери и сликав на пристаништето. Еден ден ме забележаа маж и жена од Холандија и ме прашаа што работам. Им кажав дека сум готвачка во „Палас“, но дека многу сакам да сликам. Излезе дека тие двајца се гости во хотелот, дека жената е вајарка, а мажот сликар и бидејќи многу им се допаѓаше храната ми понудија да одам да работам кај нив во Хаг, да им готвам, а тие да ме подучуваат на сликарство. Но во тоа време немаше доволно работна сила, директорот на „Палас“ беше многу задоволен од мојата работа и јас не добив дозвола да одам. Потоа го запознав и сопругот, се земавме и така останав тука“, раскажува Тудор.

https://www.youtube.com/watch?v=zzK0y18ldaI

За првите години на Хвар

За своите први години на Хвар Ана раскажува не заобиколувајќи ги ниту помалку убавите моменти, иако сега, после толку години, има разбирање и за нив и како што вели, веќе се простени.

„Во тој период беше срамота свекрвата да ги пере пелените, а вие да сликате. Многу пати мојот прибор завршуваше на подот, а јас сликав секогаш кога тоа можев да го правам кришум. Со едната рака го држев бебето, а со другата сликав. Кога ќе слушнев дека некој доаѓа бргу криев сè под креветот. Но сега знам дека моите свекор и свекрва со кои ние живеевме во оваа иста куќа во заедница, го правеле тоа од незнаење и едноставно, затоа што било такво времето.

Јас понекогаш правев и разни украси па ги продавав, а кога свекрва ми виде дека со таа моја „глупост“ може нешто и да се заработи почна да ми вели дека таа ќе пази на децата, а јас да правам што треба. Но јас секогаш правев повеќе работи истовремено. Готвев, сликав, а со сопругот кој инаку работеше во истата фирма како и јас, на рецепција, цел живот издававме и соби“, раскажува таа.

Откако сопругот починал, а и како што вели, туризмот не е поовеќе она што беше, таа решила да им ја препушти таа работа на помладите, а таа да поминува поголем дел од годината во родната куќа во Сонта и да се посвети само на сликање затоа што само тогаш е своја и среќна, а чувствува и дека сликањето ѝ го чува здравјето. Имено, треморот на рацете кој почнал да ѝ се појавува во последно време, престанува само кога ќе почне да слика.

Иако не била никогаш во Македонија госпоѓа Тудор има многу добра пријателка од Скопје. Извесна госпоѓа Ивановска работела на времето како готвачка на Хвар, а нејзиниот син Горан бил на иста возраст како и синот на госпоѓа Ана. Таа била сместена кај нив и останале пријателки сите овие години, но обично таа доаѓала на Хвар.

Инаку, во сите соби од новата куќа каде што се апартманите кои се издаваат на туристите, по ходниците, скалите, кујните и насекаде низ старата и новата куќа, висат нејзините слики изработени во најразлични техники.

Централното место во нивната куќа го зазема акварелот кој го насликала додека нејзиниот син бил бебе, а таа морала да слика скришум, со една рака, додека со друга го нишала синот.

„Само јас знам колку вреди оваа слика“, вели со носталгија, а нејзиниот син ја демантира тврдејќи дека е свесен за тоа во какви услови ја создавала па токму затоа е поставена на тоа место. Како и да е, ја оставивме да го доврши роденденскиот ручек иако имавме впечаток дека наместо тоа, многу повеќе сака уште со часови да зборува за своето сликарство.

Повеќе