Сите (на) марш – во кафеана

Осми март денес се слави малку поскромно отколку до пред некоја година, а на подобро одат и некои други работи. Конечно, многу жени наместо во кафеана, Осми март го прославуваат таму каде што треба – на протестен марш. Иако, да не се лажеме, многу побројни се оние со фризурите во кафеаните. Многу жени веќе не го признаваат, а помладите речиси и не знаат што значи.

239

Како деца за Осми март правевме честитки за мајките, татковците ни даваа пари за да им купиме по некој подарок „од нас“, родителите одеа во театар, кино или на синдикална прослава во кафеана, а купувавме и подароци за учителките, најчесто, што поубаво цвеќе.

Потоа, кога јас станав сопруга, а во 1993. година и мајка, децата сè уште се занимаваа со истото. Ми се креваше косата на глава кога син ми ќе дојдеше со прашањето – што да им купиме на учителките во градинка, а потоа и на класната во училиште. Додека купувавме, а мораше да се купи нели, секогаш мрчев.

Сепак, не пропуштав да ѝ однесам на мајка ми букетче со мимози. Сега ме гризе малку совест затоа што на син ми му направив таква траума од овој празник и што се однесував толку контрадикторно, од една страна купував подароци за другите жени, за учителките, наставничките, за мајка и свекрва, а кога тој ќе се појавеше со некој подарок што ми го купил самиот од парите за ужинка или пак од оние што му ги тутнала баба, секогаш го карав и му велев дека јас не славам Осми март.

До ден денес, со оглед на тоа што сепак му е всадено длабоко во него дека треба на жените од своето опкружување да им го честита празникот, со страв или како на полушега ми пишува и мене плашливо пораче: среќен празник мајко, хахаха.

Како и да е, мене повеќе не ми е срам да прошетам со роза на Осми март одејќи накај дома и повеќе не објаснувам дека „јас не славам Осми март“. Учтиво се заблагодарувам и возвраќам на честитките. Знам дека и денес ќе имаме уште еден осмомартовски ден исполнет со многу рози, каранфили, мимози и хризантеми, комплетчиња со парфеми, дезодоранси и креми, уште еден ден на кој родителите ќе се пречкаат околу подароците за учителките, уште еден ден во кој оние кои си сакаат, обично административките, ќе си организираат кафеана, уште еден мирисен празник во овој смрдлив завојуван свет.

Сепак, 8 март денес се слави многу поскромно, многу жени веќе не го признаваат, а помладите речиси и не знаат што значи.

Но, добро е и тоа што се обновија женските протестни маршеви на оние кои навистина знаат што бараат и за што маршираат.

Денес, на 8 Март – Денот на жената, под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ во Скопје се одржа шестиот Марш за женски права, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

Скандирајќи „Сиромаштијата има женско лице“, активистките потсетија дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сè уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот, а држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок.

„Велиме мајка ми не работи, домаќинка е, велите жена ми, седи дома, не работи. Не! Овие жени работат секој ден! Над 220 илјади жени кои статистиката ги брои како домаќинки кои се економски неактивни, работат секој ден, но не заработуваат од својот труд. Зависни од приходите на домаќинството, овие жени се постојано под ризик од економско насилство и старост без пензија“, велат од Платформата за родова еднаквост.

„За време на Ковид-19, видовме кој учи со децата додека училиштата се затворени, видовме кој ризикува да го отпуштат од работа затоа што мора да се грижи за децата додека градинките се затворени. Видовме како се кршат работничките права, видовме како се прават исплати под минимална плата на текстилните работнички, видовме како големите газди ги злоупотребуваат државните субвенции на грбот на работничките и работниците, видовме како се работи прекувремено во преполните погони, дури и кога заразата загрозуваше животи. Видовме сè, освен отчет, зошто во вашите политики жените сè уште вредат помалку“, додадоа од Платформата.

Тие одговорноста ја лоцираат во институциите кои поради отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените дозволуваат системска дискриминација и насилство, но и во недостатокот на родово сензитивни мерки за справување со пандемијата со Ковид-19 и механизми за економско јакнење на жените. Сметаат дека ова, меѓудругото, се должи и на невклученоста на жените во креирањето на политики и мерки, како и носење одлуки, кои ќе ги земат предвид потребите на сите граѓани.

Во нивното обраќање, активистките ги изложија и своите барања, меѓу кои, усвојување на ефективни политики и мерки за справување со последиците од Ковид-19 кои ќе вклучуваат родова перспектива и ќе ги земат предвид потребите на различните категории на жени, маргинализирани и ранливи категории на жени; Зголемено учеството на жените во работните групи кои ги подготвуваат и спроведуваат мерките за одговор на состојбата со Ковид-19 и економската криза; Буџет и економски политики за луѓе, а не за бизниси и партии; Функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките!; Спречување на понатамошна приватизација на социјалните и здравствените услуги!; Зголемено учество на жените на позициите на носење на одлуки, преку воведување на квоти кои предвидуваат најмалку 40% учество на жените во секое ниво на власт.; Итно усвојување на стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 и донесување на Законот за родова еднаквост; и така натаму.

По обраќањето на активистките пред Владата, присутните продолжија по рутата до Паркот Жена Борец, каде со завршни обраќања беше означен крајот на годинешниот марш за женски права.

За крај, активист(к)ите порачаа дека промени мора да има. „Оваа борба и овој ден е на сите нас и тоа за еднаков пристап до социјални здравствени услуги, за еднаков пристап до јавен превоз и информации, за еднаков пристап на пазарот на трудот, за подеднаква грижа за децата и повозрасните членови во семејството, за родова еднаквост којашто ќе биде видлива на секој чекор и во секое домаќинство и којашто ќе ги извади од сенката на невидливоста жените еднаш за секогаш“, завршија тие.

Инаку, жените првпат излегле организирано да ги бараат своите права на 8 март 1857 година. Тоа биле жените вработени во текстилната индустрија во Њујорк кои јавно демонстрирале поради лошите услови и ниските плати. Протестот бил задушен од полицијата, но тоа не ги спречило истите жени два месеци подоцна да формираат синдикат и да продолжат со протестите, симболично, како и првиот пат, на 8 март следната година. Оваа практика кулминирала во 1908 година кога 15.000 жени марширале низ улиците на Њујорк барајќи повисоки плати, пократко работно време и право на глас. Две години подоцна, во 1910 година, во Копенхаген се одржала првата меѓународна женска конференција, кога на иницијатива на Клара Цеткин бил воспоставен „Меѓународниот ден на жената“. Оваа влијателна германска активистка и борец за правата на жените успеала да го наметне овој настан до таа мера што следната година Меѓународниот ден на жената се славел и во Австрија, Данска, Германија, Швајцарија … Оттогаш, 8 март се слави во повеќе од 100 земји на светот.

Како што покажа практиката, „комунизмот“ успеа да ја отапи острицата и смислата на женското движење и сè беше претворено во бескрајни пијанки, пароли за еднаквост и класична пропаганда со црвени каранфили.

Таквиот став доведе до фактот дека во триесеттите години на 20 век, идејата за одбележување на 8 март во западните земји практично згасна. Причината беше отфрлањето на неприродната врска со комунизмот. Во формата што ја знаеме денес, таа заживува во 1960-тите. Во 1975 година, Обединетите нации го запишаа 8 март во својот празничен календар. Бидејќи повеќето работи се извртуваат со текот на времето, овој празник практично престана да биде покана жените да се борат за своите права и се претвори во еден вид пандан на „Денот на вљубените“ и слични безначајни празници кога на жените им се даваат мали подароци како „знак на мало внимание“.

Суштинскиот карактер на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, практично беше потиснат со овие обичаи. Затоа, за поздравување е денешниот марш на жените во Скопје во организација на Платформата за родова еднаквост.

Повеќе