Скопјанка плете калчинки и капчиња за предвремено родените бебиња: Хуманоста ме држи во живот

Педесетипетгодишната Илмије Амет Халил која, како што вели, сите ја знаат по нејзиниот прекар од детството – Муши, донира калчинки, капчиња и постелнини кои ги изработува сама или, како годинава, со помош на уште некоја хумана сограѓанка, за недоносените бебиња на ГАК

429

Илмије Амет Халил е педесетипетгодишна хумана скопјанка која за предвреме родените бебиња на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје плете калчинки и капчиња, но и постелнини кои ги изработува сама.

Таа завршила во средното трговско училиште „Арсени Јовков“ во Скопје, има две возрасни ќерки, а во моментов работи во фирмата за обезбедување „Никоб“ и всушност нема никаква допирна точка со она што го прави исклучиво од хумани причини.

„Мојата приказна за донации во ГАК започна со тоа што, еден ден на една од социјалните мрежи прочитав дека има потреба од плетени калчинки и капчиња за предвремено родените деца. Бебињата кои лежат таму се термо лабилни и имаат потреба од дополнителна топлина за да им бидат загреани главата и нозете. Бидејќи долги години плетам решив да им помогнам и да почнам да плетам калчинки и капчиња“, ни раскажа госпоѓа Илмије која сите ја знаат по нејзиниот прекар од детството, Муши.

Таа, освен рачно исплетените капчиња и калчинки, од материјалите што ги купува  на метро прави и мали чаршавчиња за детските креветчиња.

„Понекогаш има и хумани луѓе кои стапуваат во контакт со мене и ми помагаат. На пример, оваа година во плетењето, за да направиме повеќе калчинки и капи за децата, ми помагаше госпоѓа Оља. Не сум информирана дали родителите знаат за овие подароци и дали бебињата си одат со нив дома, бидејќи, искрено, тој дел не ме интересира, мене ме интересира само дали сум успеала да бидам од помош и да придонесам барем малку во нивниот раст“, вели нашата соговорничка.

Таа плете преку цела година и ова, вели, веќе ѝ станало на некој начин хоби.

„Со плетење започнав во 2011 година и сега засега, планирам да продолжам и понатаму со ова што го правам. Сакам да им се заблагодарам и на сестрите од ГАК кои се секогаш гостопримливи и убаво ме пречекуваат. А мене, хуманоста ме држи во живот и им порачувам на сите читатели, да не заборавиме на луѓето околу нас и да најдеме малку време за да помогнеме, бидејќи за тоа не мора да се вложи ниту многу напор, ниту многу пари. Само треба да се има желба и мотив“, вели нашата хумана сограѓанка.

Повеќе