Слушате чекори, а никој не се одзива кога прашувате кој е…

Ме фаќа малку страв, па земам еден нож од кујната, после сфатив дека сум грабнала од оние ножиња за мачкање, наместо некој голем остар нож, ама пак, неоти ќе го употребам, ете така, колку да стискам нешто во раката…

316

Слушам пред некој ден влегува некој низ влезната врата.

Живеам сама на приземје, а над мене се брат ми и семејството.

Знам дека брат ми и снаа ми не се во градов, па претпоставувам дека се внука ми или внук ми.

Ги извикувам нивните имиња, прво на внука ми, па чекам…Бидејќи нема никаква реакција, го извикувам и името на внук ми.

Никој не се одзива, ама слушам дека некој се качува по скалите.

Излегувам во ходникот, но тој што се искачи по скалите веќе се фаќа за кваката од станот горе и не успевам да видам кој е.

Се дерам: КОЈ Е ТАМУ???

Повторно ништо…

Вратата веќе се затвара зад тој што влезе.

Ме фаќа малку страв, па земам еден нож од кујната, после сфатив дека сум грабнала од оние ножиња за мачкање, наместо некој голем остар нож, ама пак, неоти ќе го употребам, ете така, колку да стискам нешто во раката.

Почнувам да се качувам по скалите силно тропајќи со нозете и гласно извикувам: ајде дојди да видиме кој е, нека не те мрзи, види колкав си, два метри човек, јас ли да одам сама!!!

Па се симнувам полека, на прсти по скалите надолу, го преправам гласот демек како да сум некој голем крупен и силен маж, иако не мислам дека звучев баш така и викам: Еве доаѓам.

И се качувам повторно нагоре сега уште посилно тропајќи, зашто глумам некој крупен маж нели?

Застанувам на вратата и наслушнувам, но не слушам ништо.

Се враќам назад по телефонот, вртам кај брат ми и го оставам на спикер на масичката до вратата.

Наеднаш гледам силуета низ стаклената врата која води во дневната и го извикувам уште еднаш името на внук ми. Незнам дали е тој ама кој и да е, сакам да сфати дека е откриен.

Не реагира. Си велам, овој е или глув или сфати дека сум сама дома па само чека да влезам и да ме нокаутира.

Викам пак, па уште и тропам на вратата од дневната, а во меѓувреме се слуша и гласот на брат ми од отворениот телефон како вика: Ало, ало…

Ја стискам кваката и влегувам. Слушам како некој го отвара фрижидерот, па си викам, овој за храна ли е дојден?

И наеднаш се затвара фрижидерот и го гледам внук ми свртен со грбот како си прави јадење.

Го земам телефонот, му викам на брат ми, грешка, нема никој, и викам: Епа стварно нема смисла значи од кога викам тропам, не реагираш. И внук ми пак не реагира, си сецка нешто, си дроби, и не врти глава.

Ме фаќа пак блага паника, си викам, добро детево оглуве ли сосема?!

Викам на цел глас додека му се приближувам и бидејќи не реагира, го потчукнувам по грбот, а тој изваден од памет се врти, ги вади слушалките од уши и ми вика: Леле тета, од памет ме извади!!!

А? Молам? Јас тебе те извадив од памет?!

Ти вака и по улици се движиш? Со ова заткиве во уши?

И така, двајцата извадени од памет, се изнасмеавме иако работава баш и не е за смеење.

И тогаш ми текнува на сите оние пешаци кои не реагираат додека им ѕвонам со велосипедот за да ми се тргнат од патеката, па додека поминувам полека и внимателно, ми доаѓа да им ги извадам тоа слушалките од уши и да им ги фрлам во најблискиот контејнер.

Ееееј, можев и да умирам тука, зад твојот грб, да се борам за воздух или незнам, да искрварам откако сум се исекла со ова ножов за путер, а ти да не слушнеш ништо!!!

Нормално ли е тоа?

Добро бе тета, ете не умираш, што е сега?

Ништо!

Повеќе