Снимен е документарец за инфлуенсерите што го вратија посвоеното аутистично дете (ВИДЕО)
Во 2020 година, успешните блогери Мика и Џејмс Стауфер го шокираа светот. Откако три години претходно го посвоиле момчето Хаксли од Кина, решиле да го „вратат“ поради неговиот аутизам. Неверојатната објава ѝ стави крај на нивната инфлуенсерска кариера.
Четири години откако тогаш успешните инфлуенсери, брачната двојка Мика и Џејмс Стауфер, го шокираа светот враќајќи го назад посвоеното аутистично дете од Кина, тие се тема на нова документарна серија од три дела во режија на Рејчел Мејсон.
An Update on Our Family беше премиерно прикажано на филмскиот фестивал во Трибека, се фокусира на споменатото семејство и се обидува да ја разоткрие нерегулираната индустрија на семејните влогери.
Во трејлерот за документарецот, влогерите детално објаснуваат како Хаксли исчезнал од YouTube каналот на семејството Стауфер, додека експертите нагласуваат колку пари можат да заработат родителите со објавување на содржина за нивните деца на интернет.
Да потсетиме, оваа брачна двојка се обиде да го оправда својот потег со „непознатите работи во меѓународните посвојувања и работите кои не ги пишува во документите“.
„Кога Хаксли дојде во нашиот дом, имаше многу повеќе посебни потреби за кои не бевме свесни и кои никој не ни ги спомна.
Тој помина низ безброј терапии во текот на изминатите две години и се обидовме да му помогнеме.
Ни беше тешко да ги слушаме здравствените работници и нивните информации, се обидовме да ги задоволиме неговите потреби и да му помогнеме затоа што навистина го сакаме“, рече Џејмс Стауфер во 2020 година.
Мика низ солзи додала дека се чувствува како промашена мајка: „Грдите коментари ја прават целата ситуација уште потешка. Последните неколку месеци беа ужасни“.
Со парите од донации посвоиле дете
Според NBC News, Стауферс користеле кампања за групно финансирање за да соберат пари за посвојувањето од Кина.
Наводно, парот заработил вкупно 800 долари, додека посвојувањето ги чинело 42.000 долари. Многумина коментираа дека парот очигледно го посвоил детето „за кликови, лајкови и пари“, а некои ги повикаа брендовите веднаш да престанат да соработуваат со нив.
Во целиот случај беа вклучени полицијата и социјалните служби, кои ја истражуваа благосостојбата на четирите биолошки деца на парот.
Канцеларијата на шерифот на округот Делавер објави дека нема да поднесе обвинение против Стауфер. Оттогаш Мика го избриша својот канал на YouTube, а нејзината последна објава на Инстаграм е од 2020 година.
Нејзиниот сопруг, Џејмс, продолжува да објавува на YouTube каналот Stauffer Garage, каде што споделува видеа од автомобил со своите 1,3 милиони претплатници.
Во меѓувреме, Хаксли најде ново семејство, а неговото име беше сменето.