Со помош на вештачка интелигенција учениците креираат порнографски материјал – првите случаи се појавуваат и во соседна Србија

Центарот за побезбеден интернет во Велика Британија го сврте вниманието на зголемениот број пријави што ги добиваат, а во кои има разголени девојчиња на возраст од 11 до 16 години. Фотографиите се направени со помош на вештачка интелигенција.

470

Порнографски материјал создаден со помош на вештачка интелигенција го преплави интернетот. Оваа алатка стана толку широко распространета што повеќе не ја користат само предаторите, кои плаќаат месечна претплата за неа, туку и децата, кои успеваат да ги користат бесплатните, достапни верзии за да создадат експлицитен материјал што ги прикажува нивните врсници.

Центарот за побезбеден интернет во Велика Британија го сврте вниманието на зголемениот број пријави што ги добиваат, а во кои има разголени девојчиња на возраст од 11 до 16 години. Фотографиите се направени со помош на вештачка интелигенција. На оригиналните фотографии девојчињата се целосно облечени, па програмата е искористена за фотореалистично да се прикажат без облека во експлицитни пози.

Ова не е првпат да се случува ова. Во септември низ училиштата во Шпанија кружеа фотореалистични монтажи на голи девојчиња направени на ист начин, а пред неколку дена на српскиот портал „Зелена училница“ (Zelena učionica) се обратила мајка на девојче од Лозница, која рекла дека нејзината ќерка моментално доживува таква ситуација и дека е ова незамисливо тешко и стресно и за детето и за родителите.

„Едно момче ѝ испрати на ќерка ми слика на која е целосно гола! Сликата е повеќе од одвратна. Таа е добра, тивка, фина девојка, добра ученичка. Тоа остави големи последици врз неа, кои сега со сите сили се бориме да ги минимизираме. Ја имаме поддршката од училишниот психолог, ние како семејство многу ја поддржуваме. Се надеваме на најдоброто“, вели Р.Р. од Лозница.

Таа додава дека случајот го пријавиле на националната платформа за спречување на насилство во кое се вклучени деца (како жртви или сторители), платформата „Чувам те“ и сега чекаат на исходот, иако и еден месец по пријавата сѐ уште не добиле повратна информација.

На прашањето дали момчето било казнето на некој начин, Р.Р вели дека ги нема тие информации.

„Оди во друго училиште, ќерка ми не го познава, нути пак се дружат. Целиот процес се одвива многу бавно, обвинителството сѐ уште не наредило случајот да оди во Одделот за високотехнолошки криминал (ВТК). Да бидам искрена, малку сум разочарана од сѐ. Момчето кое ѝ ја испратило фотографијата молчи и не сака да каже ништо, па тоа ја успорува работата. Навистина ја имаме поддршката од директорот на нашето училиште, одделенскиот раководител, психологот, педагогот. Сето тоа е во ред, но сакаме напредок во однос на истрагата, да се реши, за моето дете никогаш повеќе да не доживее вакво нешто. Ниту моето, ниту детето на некој друг“, вели Р.Р.

Создавањето и поседувањето материјал што прикажува сексуална злоупотреба на деца е нелегално, но дали е незаконски да се создава таков материјал со помош на вештачка интелигенција? Ни требаат закони кои ќе го регулираат ова.

Сепак, иако во некои земји постојат закони со кои се регулира вака изработениот материјал, постои пречка во спроведувањето на законските мерки, бидејќи децата кои го сториле ова кривично дело не можат кривично да бидат санкционирани затоа што не се доволно возрасни, т.е. не се кривично одговорни.

Се поставува прашањето: Како може да се реши ова?
Мораме да земеме предвид дека децата често не се свесни за штетата што можат да ја предизвикаат и не можат да предвидат колку далекусежни ќе бидат последиците од нивните постапки. Затоа е важно навреме и постојано да се едуцираат и да се запознаваат со тоа што е штетен материјал и како може да влијае на лицата прикажани на него.

Возрасните често имаат дилема што претставува штетен материјал, бидејќи со напредокот на технологијата, овој термин вклучува сѐ повеќе поими и појави.

На пример, честопати експлицитната, доброволно направена фотографија на дете не се смета за штетен материјал, бидејќи е фотографирана самостојно и доброволно, но мораме да разбереме дека и ова е експлоатација на дете и дека поседувањето и споделувањето таква фотографија е исто така кривично дело.

Кога станува збор за врсниците, кои споделуваат ваков материјал меѓу себе, без разлика дали е направен доброволно или без знаење на личноста и/или со помош на вештачка интелигенција, ова спаѓа под врсничко насилство.

За жал, такви случаи има многу и тие често не допираат до јавноста или родителите и стручните соработници бидејќи децата се допишуваат и споделуваат содржини во затворени групи. Децата кои се жртви не разговараат со своите родители поради срам, страв од осуда и казна, па циклусот на злоупотреба продолжува да се шири, сè додека не стане неподнослив за жртвата и не остави трајни последици.

Затоа е многу важно да се работи на овој проблем на секое поле, од воспитување, до едукација и подигање на свеста, но и до креирање на нови закони, со цел да се заштити детето од секаков вид на експлоатација.

Текстот е од ТУКА.

Повеќе