Старите и немоќните останаа без услугата за помош и нега во домот: Што ќе правиме сега, очајни се корисниците, но и негувателите

Кој ќе доаѓа сега да ни помогне да го поминеме денот, како ќе се снаоѓаме – се прашуваат старите и немоќни корисници на услугата за нега во домот откако таа ненадејно беше прекината. Нивните негуватели кои останаа без работа се исто така во шок

92

Иако пред само месец ипол, кога пишувавме дека услугата за домашна нега за стари и немоќни лица во Скопје, услуга поради која дури и тие кои немаат никого се чувствуваат како да имаат некој свој, се одржува благодарение на луѓе кои во тој момент веќе трет месец работеа без плата, од Црвен Крст не уверуваа дека оваа услуга не само што нема да згасне, туку ќе продолжи да се развива, деновиве се случи токму тоа. Старите и немоќни корисници останаа без посетите на негувателите во рамките на бесплатната услуга, а негувателите кои беа ангажирани со договор преку Црвениот крст, останаа без работа. И едните и другите буквално, од денес за утре.

Тетка Марија од Скопје, жена на свои 90 години, била вознемирена по повикот со кој жената од Црвен Крст која доаѓа кај неа во рамките на споменатата услуга за домашна нега на стари и немоќни лица, ја информирала дека повеќе нема да доаѓа бидејќи услугата престанува.

Истото се случува и со останатите корисници кои се очајни поради престанокот на услугата. Чичко Драги прашува – „кој ќе доаѓа сега да ни помогне да го поминеме денот, како ќе се снаоѓаме, немаме сите големи пензии за да одиме во дом или да плаќаме приватни услуги?“

За лошата вест тие биле информирани од нивните негуватели откако и самите ја добиле оваа информација само еден ден пред услугата да биде прекината.

– Според насоките од секретарот на ЦК почнувајќи од утре, услугата на терен нема да се дава се до потпишувањето на новиот управен договор – биле информирани негувателите. Меѓу другото, во информацијата стои и дека ќе биде направен прекин на решенијата на сите корисници и дека во моментов нема информации за точниот датум на потпишување на договорот, ниту за деталите околу самиот процес.

Во меѓувреме, корисниците на услугата, сите луѓе во години кои живеат сосема сами, се очајни.

Очајни се и негувателите на кои платата која ја добиваат за овој ангажман, а која и онака редовно им е нередовна, односно, доцни, им е основен извор на егзистенција.

Затоа, веднаш по информацијата дека оваа услуга е стопирана, и тоа само на територијата на град Скопје, се обративме до Црвениот крст.

Оттаму, после неколку дена молк, добивме одговор дека не станува збор за укинување на услугата, туку за административен прекин поради истекување на лиценцата за вршење на услугата.

– Во однос на услугата – Помош и нега во домот, би сакале да Ве информираме дека не станува збор за укинување на услугата, туку за административен прекин поради истекување на лиценцата за вршење на услугата, која важеше до 12 мај 2026 година во Скопје и Струмица. Црвениот крст навремено ја поднесе целокупната документација за продолжување на лиценцата и во моментов постапката е во тек, односно се очекува издавање на нови лиценци.

Според информациите со кои располагаме, се очекува нова постапка, односно јавен повик за финансирање на социјалните услуги. Очекуваме институционално решение кое ќе овозможи континуитет на услугите за граѓаните на кои им се неопходни – велат од Црвениот крст.

Сепак, остануваат нејасни многу работи, меѓу кои и дали, кој, кога и во каква форма ќе продолжи оваа популарна услуга која беше една од ретките хумани и вредни социјални услуги кај нас.

На прашањето зошто се укинуваат решенијата на корисниците ако е ова само привремен прекин на услугата, од Црвен Крст велат:

– Одлуките за решенијата на корисниците се во надлежност на Центрите за социјална работа кои ја администрираат услугата. Наш приоритет останува континуитетот на грижата за корисниците и одржување на капацитетот на услугата. Во однос на постоечките корисници и негуватели, Црвениот крст е во постојана комуникација со сите засегнати страни и ги информира за состојбата согласно информациите со кои располагаме. Се надеваме дека административната постапка ќе заврши во најкус можен рок и услугата ќе продолжи да се испорачува.

Што се однесува до негувателите, лица кои вложија време, напор и себеси, кои поминаа обука и стекнаа практични вештини во обезбедување грижа и поддршка во домот, а кои во меѓувреме, ако е ова навистина само привремен прекин, ќе бидат без работа, од Црвен крст немаат одговор.

Оттаму велат дека на негувателите им се издадени сертификати согласно програмата за обука која е верификувана во Центарот за образование на возрасните, кои претставуваат потврда за стекнати компетенции, кои се државно признанени. Сепак, некои од негувателите не информираат дека тие се уште не ги добиле своите сертификати.

И како јаготка на шлагот, откако останаа без ангажман, негувателите се уште не ја добиле ниту својата последна плата за април и по истекувањето на законскиот рок.

– Во однос на исплатата на априлските надоместоци, Црвениот крст уредно има доставени извештаи, и исплатата на надоместокот кон ангажираните лица ќе ја реализира веднаш по префрлањето на средствата од страна на Центарот за социјална работа – велат од Црвен Крст.

Што ќе прават корисниците на услугата, сите оние стари и немоќни луѓе кои едноставно немаат средства за да добијат приватни услуги од негуватели во својот дом, како и што ќе прават сите оние негуватели кои се нивниот единствен посетител во текот на долгите осамени денови, а кои се зависни од тие финансиски средства кои ги добиваат за својата посветена работа, не е во надлежност на Црвениот крст. Затоа што дури и организацијата која „гледа луѓе“, нема обврски кон луѓето на кои поради истекување на лиценци, им престануваат и договорите и работните ангажмани. Тукутака, од денес за утре.

Позната е веќе онаа реченица која сме ја слушнале повеќепати од корисниците на овие услуги: „Да не сте вие, устата пајажина ќе ми фати“, која најдобро ја опишува суштината на услугата што ја обезбедуваат негувателите – но и тежината на ситуацијата во која се наоѓаат тие денес.

За многумина од корисниците, негувателите се единствен контакт со надворешниот свет.

Тие секојдневно се грижат за старите и немоќни лица – им менуваат пелени, им подготвуваат јадење, даваат совети, но најчесто, велат, даваат нешто уште поважно: внимание и човечка грижа.

Затоа, дефинитивно, оваа бесплатна грижа за старите и немоќни лица не смее да застане. За нив, и за луѓето кои живеат од оваа работа, времето не се мери во административни рокови.

– Тие не чекаат со душа. Имаат голема доверба во нас и ни се радуваат како на најблиски, особено ако се сосема сами и без нигде никого. Во секој случај, работиме една хумана работа – раскажува еден од нашите соговорници.

Повеќе