Тинејџерската љубов е чувствителна тема: експертите нудат совети за родителите

Не кажувајте „има уште многу риби во морето“ или „ќе најдеш некој нов/а“. Ако му објасните на вашиот тинејџер дека ќе запознае уште многу други луѓе и дека повторно ќе се вљуби, веројатно нема да се чувствува подобро.

379

На тинејџерите првата врска може да им изгледа како најважна работа на светот – и ако ја прекинат, ја гледаат како крај на светот. И додека нивните многу поискусни родители од самиот почеток гледаат дека некои врски веројатно нема да траат, тоа не е нешто што навистина можат да им го кажат на своите деца.

Всушност, може да биде многу тешко да се знае што воопшто да се каже, како и дали воопшто да се каже нешто.

„Може да биде тешко да се воспостави хармоничен однос со вашето дете-тинејџер“, вели советничката Холи Робертс.

„Разговорот веројатно ќе му биде подеднакво тежок како и за вас и можеби нема да одговара на прашања, чувствувајќи се како да го испрашуваат. Вашето дете можеби сè уште се обидува да сфати што се случува, па затоа бомбардирањето со прашања веројатно нема да биде најдобрата идеја, бидејќи тоа може да го доживее како преоптоварување, наместо како поддршка“.

Еве што советува таа:

Не ја банализирајте неговата врска
Ако вашиот тинејџер навистина ви се отвори, немојте да се потсмевате со него или да ја банализирате неговата врска, советува Робертс. „Малку нежно задевање може да изгледа безопасно, но тој веројатно не гледа забава во тоа и неговиот љубовен живот е сериозен и реален за него. Пристапете му така што ќе се ставите на негово ниво и обидете се да разберете низ што поминува“, вели таа.

Бидете тука за него
Робертс нагласува дека тинејџерите се паметни и колку повеќе ги слушате и навистина слушате што имаат да кажат, толку повеќе ќе сфатат колку ги поддржувате.

„Станете безбедно засолниште за вашето дете со тоа што ќе му дадете до знаење дека може да разговара со вас и дека ниту една тема не е забранета“, вели таа.

„Можете да му кажете дека можеби ги немате сите одговори, но дека сте тука за да му помогнете да го реши тоа.

Не зборувајте за времето кога сте биле тинејџери
Можеби изгледа дека сте имале слични искуства како вашиот тинејџер кога сте биле на таа возраст, но вистината е дека тој веројатно нема да се поврзе со она низ што сте поминале. „Сите сме стари во споредба со нашите тинејџери (или така мислат тие) и кога раскажуваме приказни за нашето минато, разговорот е за нас, а не за нив. Чувајте го фокусот на нив и нивните искуства и понудете многу емпатија“, вели Робертс.

Почитувајте ја нивната приватност
„Повеќето тинејџери сакаат приватност“, забележува Џош Смит, советник за семејство и парови. „Дискусиите за сексот и односите родител-дете се генерално прилично непријатни, а на тинејџерите кои се во врска за прв пат, без разлика дали тоа вклучува секс или не, може да им биде непријатно да разговараат за тоа со своите родители. Покажете дека сте тука ако им треба разговор, но не ги форсирајте премногу“, објаснил Смит.

Дајте поддршка ако нешто тргне наопаку
Многу тинејџерски романси се интензивни, но краткотрајни, а Смит вели: „Кога врската ќе се распадне, тогаш на детето навистина може да му треба поддршка и многу внимание“.

Не кажувајте „има уште многу риби во морето“ или „ќе најдеш некој нов/а“
Ако му објасните на вашиот тинејџер дека ќе запознае уште многу други луѓе и дека повторно ќе се вљуби, веројатно нема да се чувствува подобро.

„Можеби родителот ќе биде во искушение да зборува од перспектива на животно искуство, но не знам колку тоа би било корисно, бидејќи детето го немало тоа искуство и нема да може да се поврзе со него. Работата е родителот да се стави во кожата на детето и да му каже „Разбирам како се чувствуваш“, вели Смит.

Повеќе