Трудна без стомак: Знаела дека е бремена, но немала стомак цела бременост

Кога ќе дознаете дека сте бремени, меѓу многуте мисли што се вовлекуваат е и големиот стомак и промените во телото. Повеќето жени се прашуваат: „А кога ќе почне да се забележува дека сум бремена? И колку ќе ми расте стомакот?

243

Телото на секоја жена е различно, па не постои точно време кога ќе почне да се забележува стомакот кај бремените жени. Но, кај некои трудници, нивниот стомак никогаш нема да порасне – и покрај здравата бременост.

Мајката Ники Салазар споделила видео на Тик-Ток во кое е документирана нејзината бременост месец по месец, а нејзиниот стомак едвај се гледа цело време.

На видеото се гледа како Салазар оди на ултразвук. Потоа, низа натписи објаснуваат како таа сметала дека тоа што нема стомак е нормално бидејќи била само неколку месеци бремена. Таа раскажала како чувствувала мачнини, како вообичаен несакан ефект од бременоста.

Шест месеци од бременоста, идната мајка сфатила дека сè уште нема стомак, иако забележала дека другите жени во истата фаза од бременоста се со „многу поголеми“ стомаци. Во седмиот месец никој не можеше да забележи дека сум бремена, вели таа.

По осум месеци, Салазар се запрашала дали е нормално што нејзиниот стомак не пораснал. Лекарите ѝ рекле дека е тоа ретко, но ја увериле дека нејзиното бебе е здраво.

„Докторите рекоа дека имам многу голема матка и дека бебето е свртено кон мојот грб“, изјавила таа за Њузвик, додавајќи: „Имам многу простор, па мојот стомак изгледа многу помал“.

„На почетокот беше навистина чудно бидејќи не се ни чувствував бремена, но подоцна – иако никогаш немав стомак – се чувствував навистина бремена“, вели Салазар. Се чувствував тешко и едвај одев како што се приближуваше породувањето.

И покрај нејзиниот совршено рамен стомак, Салазар имала и други чести симптоми на бременост. „На почетокот се борев со силна мачнина и многу повраќав“, вели таа. „Меѓутоа, потоа тоа исчезна, па се чувствував одлично“.

Таа додава дека се чувствувала „тешко и надуено“ во последните неколку недели од бременоста, но не премногу. И иако две недели пред раѓањето на првото дете таа сè уште немала стомак, родила здраво момче.

Иако Салазар знаела дека е бремена, некои жени можеби не знаат дека се бремени до самиот крај. Криптична бременост е онаа која останува неоткриена до половина од гестацискиот период или дури до породувањето. Бременостите кои остануваат непознати до моментот на породување се исклучително ретки, при што една студија проценува дека тие се случуваат во една од секои 7.225 бремености.

Постојат многу причини зошто некои жени може да имаат мал стомак. Ова може да зависи од нивната тежина и обликот на телото. Меѓутоа, во некои случаи малиот стомак може да значи и дека бебето не расте како што треба, па затоа е важно трудниците да одат на редовни контроли. Исто така, важно е да разговараат со своите лекари или акушерки доколку се загрижени поради нешто.

Повеќе