Васе Лондза, скопјанец со париска адреса и хварска докторска титула: Најмногу дома се чувствувам во Париз, родниот град не го препознавам, а Хвар ми е под кожа

„Местото под кривата палма со години беше адресата на која ме наоѓаа разгледниците кои ги добивав од секаде во светот кадешто имам пријатели. Доволно беше да напишат само: Д-р Васке, Крива палма, Хвар“, раскажува нашиот Васко Матевски, во Скопје познат како Васе Лондза. Зборувавме со него за родното Скопје, почетокот и крајот на Лондза, за Хвар и за Монмартр, за животот, пријателите и семејството

2.591

Со години, кога и да отидевме на островот Хвар, го гледавме на истото место, под кривата палма на хварската рива.

Обично околу него имаше толпа народ, некои беа локални, повеќето туристи, а тој секогаш во бело, исончан и со широка насмевка. Ги сечкаше силуетите/портрети и им ги подаваше на оние кои му позираа и потоа воодушевено ги препознаваа своите најкарактеристични црти во овие мали ремек-дела.
Сепак, дури неодамна сфатив кој е всушност човекот.
Веќе и не се сеќавам кој од моите хварски пријатели додека барав интересни соговорници за некоја следна приказна, ми кажа: „Тука ти е д-р Васке, незнам дали си пишувала некогаш за него. И тој е од Скопје“!
Д-р Васке?!
Иако многу пати сум стоела до него и сум гледала како со ножички им прави портрети на туристите и секогаш ми бил познат, дури неодамна сфатив дека ми е познат од Скопје, а не од Хвар.
Кој е тој можеби не знаат новите генерации, но оние повозрасните го знаат, ако не лично, тогаш барем по неговиот некогашен бренд – Лондза.
Како и да е, годинава конечно се начекавме на Хвар кадешто иако повеќе не работи и понатаму доаѓа на одмор затоа што е веќе длабоко „навлечен“ на островот на кој веќе одамна го прифатиле како еден од своите.

Кривата палма на хварската рива

„Местото под кривата палма со години беше адресата на која ме наоѓаа разгледниците кои ги добивав дури и од Јужна Америка и од секаде ширум светот кадешто имам пријатели.
Доволно беше да напишат само: Д-р Васке, Крива палма, Хвар“, раскажува нашиот Васко Матевски, кај нас познат како Васе-Лондза.
За оние кои не знаат, нашиот соговорник нема врска со медицина, а прекарот му го дале токму неговите драги хварани затоа што е постојано облечен во бело.
Откако градските власти во Хвар ја исекле оваа крива палма која не е име на локацијата, туку беше буквално една обична крива палма под која секое лето, уште од далечната 1979-та, Васе-Лондза изработуваше силуети со ножички, тој повеќе не работи таму.

„Во Хвар дојдов првпат како сликар во 1979 и лека полека ми влезе под кожа, а луѓето ме прифатија како да сум домашен.
На Хвар нема апартман во кој не виси барем една моја слика од островот, а ги има и во галериите. Престојувам секогаш во истата куќа во која е цела моја летна гардероба и во која си имам своја соба која ме чека секоја година. Обично кога ќе дојдам, мојата пријателка Ивана која постојано објавува фотографии на нејзиниот Фејсбук, ќе ме слика и ќе ја стави сликата на Фејсбук па сите знаат дека сум дошол.
Откако ја исекоа палмата, за мене заврши работењето на островот. Се заблагодарив на градот и веќе не работам, сега доаѓам на одмор“, раскажува Васе додека го пиеме попладневното кафе во едно од неговите омилени места, Ред барон (RED BARON), веднаш до неговата „дневна соба“, како што го нарекува најстариот ресторан во Хвар, „Четири палме“.

Најблискиот пријател на Хвар му е баркариоли, што во превод би значело, такси на вода.
„Тука сум секогаш со Рода, кој е мој голем пријател и е баркариол, а јас често му букирам туристи и му помагам, бидејќи зборувам повеќе јазици“, вели Васе кој зборува и француски, шпански, грчки, турски, италијански, но кога зборува македонски, нема никаков друг акцент освен оној, скопскиот.

„Секако дека не ги мешам јазиците, скопскиот дијалект никогаш нема да го заборавам, бидејќи едноставно, нема шанси да се заборави мајчиниот јазик“, тврди Васко и додека зборуваме, не го вади од уста малото цевче, низ кое издишува воздух откако истиот ќе го земе низ нос.
Иако на прв поглед изгледа дека тоа му е замена за цигарите од кои се откажал пред 3-4 години откако со години бил страствен пушач, вели дека всушност станува збор за мал тренинг на белите дробови на кој го подучил некој физиотерапевт, а цигарите воопшто не му недостасуваат.

За Скопје и за почетокот и крајот на Лондза

Разговорот со него едноставно не може да се задржи само на едно место, како што и тој во текот на животот не живее на едно место.
Па така се враќаме и на оние дамнешни години во Скопје, кога се отвори „Лондза“, втор бутик во тоа време, после „Клуб 77“.
„Брат ми живееше во Париз, па јас отидов да студирам таму уметност и дизајн. Потоа дојдовме на идеја да направиме во Скопје нешто убаво, нешто ново, да се тргне тоа сивило во однос на модата, таа сива, црна и браон боја, да се направи нешто поинакво. Се вративме во 1978 во Скопје и веќе во 1979 се отвори „Лондза“ и функционираше до почетокот на воениот конфликт во Македонија, во 2001.
Во овој период направивме фабрика за кожа, донесов машини од Германија, почнавме да правиме модели од кожа и ја преплавивме цела Југославија, сите купуваа од нас и работевме многу добро.
Фабриката ни беше во Сингелиќ (денешно Ченто), но кога почна конфликтот, работниците беа исплашени и престанаа да доаѓаат на работа, па така решив и јас да ставам клуч и да се вратам во Париз“, раскажува нашиот соговорник опишувајќи ги настаните кои довеле до крајот на овој познат бренд.
Инаку, во тоа време, кога Лондза изработуваше свои дизајни, тие беа присутни на сите саеми, а за ревиите што ги организираа и особено за големиот хепенинг по повод јубилејот на Лондза, во МНТ, на кој имаше околу 2000 луѓе од сите структури и од сите животни сфери во градот, се уште се зборува.

По затворањето на Лондза, после 22 години успешно работење, Васко се враќа во Париз кадешто и ден денес живее и работи на Монмартр.

Дома, во Париз

„Сликам и живеам во Париз од 2002 година, но дури пред пет години добив концесија на Монмартр. На овој плац има 450 уметници, од силуетисти, карикатуристи, портретисти, сликари со различни техники, но и пантомимичари, музичари, поети, жонглери од целиот свет…

До дозволата која се добива преку конкурс, тешко се доаѓа, а со неа всушност добив свое место кадешто можам да го ставам штафелајот и да ги изложам своите слики“, раскажува нашиот соговорник.
Неколку денови по нашиот разговор тој се подготвуваше да го напушти Хвар и да си оди дома, во Париз.

Иако Хвар му е веќе одамна под кожа, а Скопје е неговиот роден град во кој ги поминал детството и најубавиот дел од животот, сепак, токму Париз, вели, е градот кој најмногу го чувствува како свој.

„Секако дека го сакам Скопје, но најмногу дома се осеќам во Париз и тука, во Хвар, додека она Скопје кое јас го сакам, веќе го нема. Ми остана како сувенир само во спомените.

Порано беше сосема поинаку, сите бевме исти, се почитувавме, битно беше само да си човек, сега е сосема поинаку.

Ние бевме огромно друштво, јас, Тофо галичанецот, Кочо циганот, Џаџу, Сурко, Зоки Малиот, во тоа време го отворивме и „Рандеву“ во чаршија. Одевме по одмори во Грција, најчесто на Миконос и сега се бараме од време на време, се допишуваме и се гледаме, но се губи блискоста кога си далеку, едноставно, се забораваш.

Инаку, Скопје ми значело многу, дури некои ме именуваат и како „скопска легенда“, но кон денешново Скопје немам некоја носталгија. Изградено е премногу, а сите убави моменти што сме ги имале во него и за кои се сеќаваме, повеќе ги нема, сé е избришано.

Кога ќе дојдам гледам некои нови работи што не ми значат ништо. Боже ми прости, не го чувствувам веќе како мој град, иако сé уште имам доста пријатели таму, ова денешно Скопје, не го препознавам“, искрен е Васко.
Но, кога е во Париз, многу луѓе дознаваат за Скопје и за Македонија токму преку него.
„Ние кои сме таму се обидуваме да раскажеме за геноцидот на македонскиот народ, за проблемите со Грците, со Бугарите, но не ги интересира многу. Особено после ковидот никој за ништо не се интересира освен за пари, сите се во некоја трка, сите чекаат некои милиони“, додава тој.

А кога неговите пријатели од Скопје, но и од која и да е друга држава кадешто ги има ќе дојдат во Париз, сите го бараат Васе и велат: „Ако не го видиш Васко во Париз и ако не се сликаш со него, значи не си бил таму“.

За семејството, пријателите и Олимпијадата во Париз

И покрај разочараноста од состојбата во родниот град, во маршутата која го носи од Париз, на Хвар, па повторно во Париз, има време и за Скопје, време кое се чини дека последниве три години станува сé подолго со оглед на тоа што таму, освен неговата поранешна сопруга Софија (Куновска) за која не може да престане да зборува во суперлативи и нивната ќерка Матеа, сега е и тригодишниот внук Зафир.
„Сите живеат во Скопје, такашто сега почесто доаѓам таму. Чекам француска пензија уште една година, а потоа ќе видиме што ќе се случува, не е исклучено ниту Скопје“, признава Васе и со гордост зборува за малиот Зафир кој многу сака да црта, па дедо му често му испраќа фломастери, боици и други материјали.

За нашиот соговорник пишувале и многу хрватски медиуми меѓу кои Јутарњи, Слободна Далмација и други, а муабетот нема крај па, меѓудругото, зборуваме малку и за Олимпијадата 2024.
„Иако Французите и сите ние очекувавме многу од Олимпијадата, во смисла дека ќе има повеќе работа и повеќе пари, никој не се офајди.

Сé беше затворено поради стравувањата од тероризам: Ајфелова кула затворена, Лувр затворен, улиците затворени, движењето ограничено, многу полиција, многу војска, единствено ние на Монмартр бевме послободни, но немаше фајде, па дури и рестораните работеа со загуба“, опишува тој.

И иако се чини дека муабетот може да трае и да трае, се поздравивме со хварскиот д-р Васке, кој си замина во Париз, на Монмартр, кадешто најпрвин ќе оди да се поздрави со сите милион пријатели што ги има, да се напие кафе и да помуабети, а потоа, истото се повторува и во Скопје, доаѓа, се гледа со семејството, им се јавува на пријателите и всушност, секаде е како дома.
„Доста луѓе знам и доста луѓе ме знаат, имам милијарда случки и приказни за кои би можеле да зборуваме со денови, но на крајот од денот, најубавото нешто не е местото во кое живееш, туку пријателите со кои се среќаваш и најблиските кои ги сакаш каде и да се наоѓаш“, вели Васе Лондза.

Повеќе