Сите добро знаеме дека родителите им помагаат на децата полесно да се справат со надворешниот свет, со предизвиците кои се пред нив, но и со промените кои доаѓаат додека растат. Како што пренесува Kidspot, експертите тврдат дека одредени фрази кои родителите, честопати сосема несвесно, ги користат во комуникацијата со децата, многу влијаат на нивното однесување и размислување. Меѓу другото, истото се случува и кога е во прашање храната.
Имено, нарушувањата во исхраната се сè почеста појава кај младите, особено кај тинејџерите. Најчесто се јавуваат поради фрустрации или здравствени проблеми, но одредени работи кажани од родителите може да го потенцираат развојот на овие проблеми, предупредуваат експертите. Подолу ви пренесуваме неколку фрази кои можат да предизвикаат нарушувања во исхраната кај децата и младите, а родителите често ги кажуваат.
Категоризација на храната на „добра“ и „лоша“
Како што пишува Kidspot, родителите треба да бидат многу внимателни за моралните проценки за храната кога разговараат со своите деца. На пример, ако постојано велиме дека некоја храна е добра или лоша, кај детето создаваме чувство дека нешто мора или не смее да јаде, а со тоа само дополнително расте желбата за она што не е дозволено. Исто така, јадењето само „добра“ или здрава храна често може да се претвори во нарушување во исхраната, особено ако детето почне со диета или почне да ги избегнува сите намирници што не се зеленчук или овошје.
Глорификација на губењето на тежината
На родителите понекогаш може да им „избега“ изјава која велича некој што ослабнал како да направил некое големо достигнување. Иако е докажано дека губењето на вишокот килограми има здравствени придобивки, децата не мора да го гледаат тоа така. Напротив, кај нив се создава разбирање дека само виткоста е прифатлива, па можеби ќе сакаат да ослабат дури и ако немаат ниту килограм вишок, предупредуваат експертите.
„Не можам да верувам дека сè уште јадеш/сè уште си гладен“
Оваа реченица е една од најчестите што родителите несвесно ја користат, без воопшто да знаат колку се опасни нејзините последици. Со текот на времето, детето ќе почне да мисли дека јаде премногу и дека тоа што е често гладно не е нормално. Меѓутоа, за време на созревањето и растењето, на децата им треба повеќе храна за да се развијат, а тука, меѓу другото, спаѓа и зголемениот внес на храна.
Секое спомнување на туѓите тела
Адолесцентите се особено самосвесни за своето тело, па најдобро е воопшто да избегнувате да ги спомнувате нивните физички атрибути. Критикувањето на другите луѓе на улица или на телевизија е исто така лошо. Имено, кога децата ги слушаат нивните родители како лошо зборуваат за туѓите тела или даваат потсмешливи коментари за нив, тие ги поттикнуваат премногу грубо да ги осудуваат другите и самите себе.
Користење на зборот „дебел“ како навреда
Исто како и коментирањето на туѓото тело, користењето на фразата „дебел“ или „дебела“ како навреда е исто така исклучително лошо за создавање здрава слика за себе кај детето, без оглед на возраста.