Време е за летен список

Летото е пред вас и вашите деца. Најдете ја рамнотежата помеѓу рутината и забавата. Одржувајте го пулсот и ритамот на рутината, чувствувајте мир и сигурност во рамките на семејството и јакнете го односот со вашите деца, забавувајќи се!

148

Рутините се обрасци на однесување и навики кои семејството ги користи за управување со секојдневниот живот. Фокусот кај рутините е „како се прават работите во едно домаќинство“. Тоа се активности како појадок, ручек и вечера, време за семејството, време за одмор, рутина за чистење и легнување да се спие. Рутината не подразбира распоред на денот. Важно е да ја разликуваме рутината од распоредот. Распоредот е листа организирана по дата и време и насочен е на тоа како семејството го користи времето за да го помине денот. Рутината, пак, повеќе е како ритам кој едно семејство го следи во текот на денот. Oд рутината, како корисно, произлегува чувство на сигурност, развивање на самостојност кај детето, смирена атмосфера во домот, доверба и животни вештини кои децата ќе ги научат.

Со денешното темпо на живот, секој член на семејството има различни обврски, потреби и желби, па може да се каже дека еден од најголемите предизвици на родителите денес е воспоставување на редовни и ефикасни рутини кои ќе им одговараат на сите. Рутините вообичаено се менуваат сезонски за да се прилагодат на летниот распуст, празниците и сл. Ова е случај особено кога станува збор за училишните деца. За бебињата и претшколските деца потребно е да се држи ритамот на рутината за да постои смиреност и сигурност во семејството, како кај детето, така и кај родителите.

Завршува училишната година, почнува летниот распуст. Колку и да сакате вашето дете да се забавува, сепак е важно да се организираат летните месеци на таков начин што децата ќе ги одржуваат своите рутини до одреден степен. Дневната рутина може и треба да биде модифицирана така да детето продолжи да ја одржува навиката. Ќе има одредено отстапување и опуштање од вообичаениот распоред за време на празниците, но родителите треба да се држат до навиките на своето дете, особено за спиење и исхрана, што е можно повеќе:

  1. Време за спиење – за работите непречено да функционираат потребен е квалитетен сон. Времето на легнување и станување може да се модифицира за време на распустот и да се помести за еден до два часа, но не да се остави детето неконтролирано да легнува и да станува кога сака. Со тоа и по завршување на рапустот ќе му биде полесно да се прилагоди на рутината додека е на училиште.
  • Времето на јадење – за непречено функционирање е потребен и навремен оброк за детето. Јадењето по редовен распоред, исто така, помага во одржување на нивото на енергија. Доколку сте на патување и можноста за оброци е во спротивност со распоредот за јадење на вашето дете, планирајте и обидете се да најдете средина за детето да јаде и секогаш кога е можно понесете здрави закуски.
  • Одржувајте ги утринските и вечерни рутини – миење заби, капење, читање, рутина пред спиење и какви било други дневни и вечерни активности. Постарите деца може да имаат корист од тоа што таквите задачи ќе бидат претставени на табла како листа за проверка/ чекирање. За помалите деца можете да го направите истото, само со визуелна листа во која ќе вклучите, заедно со детето, многу забавни слики.

Секако дека летните месеци можат да се направат забавни држејќи се до рутината. Направете ваша семејна рутина за време на распустот. Децата сакаат да знаат што е следно, дајте им извесност, тоа им дава чувство на сигурност и заедно испланирајте го распустот:

  1. На почетокот на распустот направете „Летен список“. Планирајте специјални настани, патувања, прошетки и дајте му простор на детето да одлучува што сака да прави, а вие можете да му дадете временска рамка и структура, за да знае што да очекува.
  • Создавањето теми околу седмичните денови е добар начин да се воспостави чувство на доследност и рутина во текот на секоја недела, како на пример:

Забавен понеделник – секој понеделник одете на ново игралиште.

Вторник за готвење – дозволете им на децата да креираат забавни менија, па дури и да помогнат во спремањето и готвењето во кујна.

Водена среда – посетете различни базени или имајте борба со водени балони или пиштоли на вода во вашиот двор!

Четврток – ден за посета на различни содржини, како посета на зоолошка градина, природно – научен музеј, планетариум и сл.

Филмски петок или караоке вечер – време е за филм, одете во кино или направете си домашно кино, домашна диско забава или караоке вечер во кругот на вашето семејство.

Летото е пред вас и вашите деца. Најдете ја рамнотежата помеѓу рутината и забавата. Одржувајте го пулсот и ритамот на рутината, чувствувајте мир и сигурност во рамките на семејството и јакнете го односот со вашите деца, забавувајќи се!

Пишува: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник и супервизор на Линијата за родители

Повеќе