Заедничко спиење, килибарни ѓердани… Педијатрите разбиваат 7 митови за безбедноста на бебињата
Американската академија за педијатрија разбива некои од најпопуларните митови поврзани со бебињата. На пример, оние за употребата на заштитни перници во креветчињата, килибарни огрлици, дубаци, лекови за настинка
Секој што ќе стане родител поминува неколку месеци подготвувајќи се за пристигнувањето на своето бебе на свет и се фрла во истражување и учење како правилно да се справи со новороденчето дете. Но, во модерната ера, интернетот е преполн со разни информации кои педијатрите ги сметаат за невистинити и чисти митови кои едноставно не држат вода.
Како да разликувате факти од фикција кога станува збор за безбедноста на бебето?
Американската академија за педијатрија разбива некои од најпопуларните митови поврзани со бебињата.
Мит 1: Облогите за креветчињата ги штитат бебињата
Иако можеби изгледа интуитивно да ставите нешто меко помеѓу вашето бебе и работ на тврдото дрвено креветче, нема докази дека перничињата спречуваат повреди. Всушност, документирано е дека се опасни по живот. Во мај 2022 година, Американската академија за педијатрија и Комисијата за безбедност на потрошувачките производи на САД (CPSC) успешно поттикнале во Законот за безбеден сон за бебињата да се стави забрана за употреба на заштитни перничиња за креветчиња поради опасност од задушување, гушење и заробување.
Факт 1: Заштитните перничиња за креветчиња претставуваат опасност од задушување и давење на доенчињата и сега се забранети со Законот за безбеден сон за бебиња.
Мит 2: Килибарните ѓердани за никнување на забите можат да ја ублажат болката од излегувањето на забите
Килибарните ѓердани за никнување на забите се популаризирани на социјалните мрежи од родители кои веруваат дека тие можат да ја ублажат силната болка при изникнувањето на забите. Оние кои ги поддржуваат тврдат дека ланчињата содржат килибарна киселина која помага во ослободувањето на антиинфламаторните својства, но според докторот С. Aмни Хусеин, овие тврдења не се докажани.
„Користењето на килибарни ѓердани строго не се препорачува. Генерално, тие претставуваат висок ризик од гушење без разлика дали се носат преку ден или ноќе“, забележува д-р Хусеин.
Факт 2: Килибарните ѓердани за заби претставуваат ризик од гушење без разлика дали се носат ноќе или дење.
Мит 3: Заедничкото спиење е најдобриот начин да го имате бебето пред очи
Повеќекратните ризици и придобивки го прават заедничкото спиење жешко прашање. Некои мајки се колнат во тоа, потврдувајќи ја поголемата поврзаност што ја чувствуваат со своето бебе и, пред сè, полесното ноќно хранење. Но, Американската академија за педијатрија вели дека споделувањето кревет го зголемува ризикот од СИДС и задушување, а особено треба да се избегнува кај доенчиња под 3 месеци. Сепак, споделувањето на собата многу се поттикнува во текот на првата година на бебето и помага да се намали ризикот од СИДС до 50 проценти.
Факт 3: Американската академија за педијатрија вели дека споделувањето на креветот го зголемува ризикот од СИДС и задушување. Наместо тоа, користете креветче покрај вашиот кревет за да бидете со вашето бебе без ризик.
Мит 4: Избегнувајте допирање на фонтанелата по секоја цена
Фонтанелата, таа мека точка на врвот на главата на бебето, е резултат на празнините меѓу коските во черепот кои сè уште не се споени, вели д-р Вики Пападас. Всушност, има две, но онаа предната, на врвот, е главната што луѓето ја нарекуваат мека точка.
Бидејќи оваа област пулсира со отчукувањата на срцето на бебето, знаеме дека изгледа супер кревко, но всушност е заштитена со силна и цврста мембрана. Допирањето на областа е добро и всушност неопходно за време на капењето – треба да го измиете за да ги отстраните сите акумулации на лушпичките.
Факт 4: Мекото место на бебето е всушност заштитено со силна мембрана. Иако треба да бидете нежни, потребно е да ги измиете и отстраните наслагите од лушпи од фонтанелата.
Мит 5: Зимските палта и ќебиња обезбедуваат дополнителна поддршка и сигурност за вашето бебе додека е во автомобилското седиште.
Иако овие удобни додатоци го одржуваат бебето безбедно и топло додека е надвор, тие можат да имаат спротивен ефект ако се носат под ремените на автомобилското седиште. Според д-р Џејми Фридман, дебелата облека, палтата и ќебињата оставаат премногу простор помеѓу ремените на автомобилските седишта и бебето. Дури и ако сте ги затегнале ремените за добро да се прилагодат на вашето бебе, компресијата на овие меки материјали во случај на судир го олеснува лизгањето на вашето бебе и потенцијалното повредување.
Факт 5: Дебелата облека и ќебињата оставаат премногу простор помеѓу бебето и ремените на автомобилското седиште. Во случај на судир, бебето полесно се лизнува и може да се повреди.
Мит 6: Дубаците се безбеден начин да му овозможите независност на вашето бебе
Американската академија за педијатрија категорично не се согласува со ова и се залага за целосна забрана за производство на детски проодувалки. Во 2012 година, тие посочиле на студии кои сугерираат дека децата кои користат дубаци покажуваат ненормално одење додека не можат самостојно да одат. Она што е уште пострашно дубаците можат да го доведат бебето во многу опасни ситуации. Скалите се виновни за 75 проценти од инцидентите со дубаци, додека изгорениците сочинуваат 2 до 5 проценти од несреќите.
Факт 6: Дубаците претставуваат неколку безбедносни опасности и всушност можат да го одложат почетокот на првите чекори на бебето.
Мит 7: Можете да му дадете на вашето бебе лек за кашлица и настинка
Со изобилството на мали капалки и лажички за сирупи, се чини дека треба да можете да му дадете на вашето дете мала доза детски лек за настинка.
Но, Администрацијата за храна и лекови вели дека родителите треба да се држат настрана од лекови за кашлица и настинка без рецепт додека децата не наполнат најмалку 2 години.
Не само што ФДА вели дека типичните лекови за настинка едноставно не се ефикасни за бебињата, тие исто така навеле опасни несакани ефекти, вклучувајќи напади, забрзано чукање на срцето, намалено ниво на свест, па дури и смрт.
Кога вашето бебе ќе настине, обидете се да го одржувате воздухот влажен со користење на овлажнувач и редовно чистете му го носот на вашето бебе.
Факт 7: Агенцијата за храна и лекови вели дека родителите треба да се држат настрана од лекови за кашлица и настинка додека нивното бебе не наполни најмалку 2 години поради опасни несакани ефекти.