Зголемете ги шансите за зачнување после 30-тата
Меѓу препораките кои повеќе се однесуваат на зголемување на шансите за зачнување кај жените, еве неколку насоки и во однос на мажите: Наместо тесна долна облека, мажите треба да носат широки боксерки, да избегнуваат да користат лаптоп во скутот и да поминуваат премногу време во топли бањи
На интернет ќе најдете многу информации за тоа што потенцијално може да ви помогне да забремените во триесеттите години, но што е навистина точно и колку може да имате влијание врз вашата плодност додека се приближувате до четириесеттите?
Единственото нешто што е сигурно и вистинито е дека жените се раѓаат со ограничен број на јајце клетки и како што жената старее се намалуваат нивната количина и квалитетот.
Ова значи дека женските циклуси може да станат помалку редовни и постои можност да имате циклуси при кои не се ослободува јајце-клетка. Може да има проблем и со квалитетот на јајце клетките, што може да го отежне зачнувањето.
Иако не постои начин да се зголеми бројот на јајце клетки, постојат работи што можете да ги направите за да се обидете да ја подобрите вашата плодност.
Еве неколку општи совети за тоа како потенцијално да ја зголемите плодноста во триесеттите:
Водете евиденција за вашиот циклус
Ако претходно не сте го следеле вашиот циклус и планирате да забремените, добро е да започнете со евиденција и следење на симптомите на овулација. Менструалниот циклус на жената може да се промени кога ќе влезете во триесеттите. Менструалниот циклус започнувате да го следите со првиот ден од менструацијата, кој воедно е и првиот ден од менструалниот циклус, а последниот ден од циклусот е последниот ден пред следната менструација. За повеќето жени, овулацијата генерално се случува 12 до 14 дена пред почетокот на следната менструација. Оптималното време за зачнување е два до три дена пред овулацијата и самиот ден на овулацијата. Следете ја базалната температура на телото, која ќе се намали, а потоа ќе се зголеми нагло кога ќе се појави овулацијата.
Обидете се да се приближите до вашиот идеален БМИ
Фокусирајте се на тоа да бидете што е можно поблиску до вашиот идеален БМИ. Истражувањата покажаа дека на жените со низок или висок БМИ им требало подолго време да забременат отколку на оние со идеален БМИ. Консултирајте се со нутриционист кој ќе ви помогне да направите план за да ја достигнете вашата идеална тежина на здрав начин.
Здрава исхрана
Исхраната богата со незаситени масти, цели зрна, зеленчук и риба е поврзана со подобри резултати на плодноста кај жените и мажите. Важно е да се запамети дека потребни се двајца за зачнување и двајцата партнери треба да внимаваат на нивните навики во исхраната, но и воопшто, во однос на здравите навики, за да ја зголемат шансата за зачнување.
Додадете фолна киселина во вашата исхрана
Фолната киселина е неопходна за развојот на фетусот од зачнувањето. За време на бременоста, оптимална количина на фолна киселина може да помогне да се намали ризикот од оштетување на невралната цевка. Се препорачува дополнително да внесувате фолна киселина преку храна богата со фолна киселина, како што се јајца, лиснат зеленчук, грав, мешунки и бобинки.
Намалете ја вашата дневна доза на кофеин
Не е неопходно да се откажете од утринското кафе, но ако пиете неколку во текот на денот, а исто така и други пијалаци кои содржат кофеин, тоа секако не е добро и треба да се намали. Истражувањата покажаа дека прекумерното внесување на кофеин може да влијае на зачнувањето.
Престанете да пиете алкохол
Истражувањата покажаа дека долгорочното и постојано консумирање на силни алкохолни пијалаци може да влијае на подвижноста на спермата кај мажите. Покрај тоа што влијае на пониската подвижност кај мажите, секако е добро и жените да избегнуваат алкохол, особено ова е важно за првите рани недели од бременоста кога можеби сè уште не знаете дека сте бремени, но ембрионот почнува да се развива.
Ослободете се од стресот
Често се слуша дека стресот лошо влијае на плодноста. За да се намали стресот, не е доволно да се каже дека повеќе нема да дозволите да имате стрес. За жал стресот не се намалува на тој начин. Мора да најдете начин кој ќе ви помогне да се опуштите и да го доведете вашето тело во зен, а со тоа да го намалите стресот. Самиот процес на лекување на плодноста може да биде стресен, па затоа е важно да најдете нешто што ќе ве релаксира, било да е тоа: медитација, пешачење, масажи,…
Тесни машки гаќи
Некои студии покажаа дека мажите кои носат широки боксерки имаат поголема концентрација на сперматозоиди и вкупен број на сперматозоиди од оние кои носат тесна долна облека. Исто така, важно е вашиот партнер да избегнува да користи лаптоп во скутот и да поминува премногу време во топли бањи, бидејќи топлината може да го намали производството и квалитетот на спермата.
Вежбање: да или не?
Треба да бидете внимателни со вежбањето, има многу позитивни ефекти на целото тело, но треба да внимавате да не претерате бидејќи некои студии покажаа дека интензивното вежбање може да предизвика прескокнување на овулацијата или неуспех на имплантацијата. Доколку поминувате повеќе време седејќи и тоа негативно влијае на плодноста, важно е да најдете рамнотежа.
Имајте односи на секои два дена
Ако се обидувате да забремените во триесеттите, обидете се да имате односи на секои два дена. Ако се насочите само кон деновите кога овулирате, може да се случи да ги пропуштите вашите плодни денови, бидејќи во некои циклуси, овулацијата може да се случи неколку дена порано или подоцна од предвидените.