Железна тврдина за кревки луѓе: Од работилница со психијатриски пациенти, до филм за најчовечките приказни

Нашиот соговорник Митко Панов, режисер на филмот „Железна тврдина-Македонска филмска работилница“, ја нарекува работата на овој свој најнов филм „екстрем филммејкинг“. Без екипа, без буџет, без технички услови, но со силна волја и – уште посилна приказна. „Филмот се правеше со љубов и со фрустрација, со импровизација, доверба и хуманост“, вели Панов.

696

Еден од најреномираните македонски и европски филмски автори – Митко Панов е  режисер, сценарист и продуцент со импресивна меѓународна биографија. Своето образование го стекнал на прочуената филмска школа во Лоѓ, Полска, под менторство на легендите Јержи Кавалерович, Војчех Хас и Анджеј Вајда.

Добитник е на престижни награди, вклучувајќи ја и Златната палма за најдобар краток филм на Канскиот фестивал во 1991, за неговиот студентски филм „Со кренати раце“ снимен во 1985 година.
Панов е и еден од основачите на Њујорк филм академијата (NYFA) и креатор на нејзината основна програма, курс од 6 недели во кои тој успеал да го систематизира она што едно филмско училиште од Источна Европа го нуди како 4-годишна програма.
Бил професор на универзитетот во Тексас UT, Austin-RTF и доцент на отсекот за пост-дипломски студии во Tisch School of the Arts, NYU. Во деведесетите години бил визитинг професор на државното филмско училиште во Минхен, HFF, а меѓу неговите поранешни студенти се и добитници на „Оскар“ и други светски признанија, меѓу кои и култниот режисер Стив МекКвин. Го отворил огранокот на NYFA во Париз и бил негов програмски директор.

Ова е накусо за оние децении по завршувањето на гимназијата „Орце Николов“ и Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство – период во кој Митко Панов има живеено во неколку земји – СФРЈ, Полска, САД, Швајцарија и Македонија – пет различни општества, распослани низ три политички системи.

Некои од неговите попознати филмови се краткометражниот „Ливада“ (игран), долгометражниот документарец „Земјаци“, како и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“ (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари својата последна главна улога на филм).

Филмот како терапија: „Железна тврдина“ и искуството во Демир Хисар

Повод за нашиот разговор со Панов е неговиот најнов филм – „Железна тврдина – Македонска Филмска Работилница”, проект кој почнува скромно, како идеја за работилница во Психијатриската болница во Демир Хисар, со поддршка од 60,000 денари, од министерството за култура.

„Многу луѓе веруваат и му придаваат големо значење на креативниот момент, или на улогата на режисерот или на идејата. Овде е обратно, идејата е генерирана од самата материја. Јас не сум автор со големи идеи, туку работник кој почнал со работилница, но сфатил дека (во неа) има и филм“, се смее Панов.

Главен поттик за неговата првична идеја, да се направи работилница за филм во Психијатриската болница, биле активностите на Центарот за креативни индустрии „Небо“ чии основачи, Јасмина Котевска и Стефан Шашков, претходно веќе организирале повеќе сликарски и фотографски работилници.

„Преку Јасмина и Стево дознав за можноста да се организира и филмска работилница. Тоа беше во 2021 година, период на корона, кога пациентите беа затворени во своите павилјони, не можеа да се дружат во Центарот за рехабилитација и беа со покачено ниво на анксиозност. Но, сите ние бевме по малку изгубени, па подобро беше да се најдеме во работа отколку да чекаме реалноста да се промени“, раскажува Панов.

Од фрустрација до филм

Поради своето 30-годишно искуство со работилници со студенти, нашиот соговорник се нафатил да ја организира и оваа, во Демир Хисар, со голема самодоверба дека нема да има проблеми, особено затоа што станува збор за ранлива категорија луѓе – пациентите од болницата во Демир Хисар.

„Имам 30-годишно искуство со работилници. Но искуството во Демир Хисар кај мене предизвика голема фрустрација. Сепак, морам да признаам дека мојата фрустрација набргу избледе пред животните приказни на учесниците. Работилницата требаше да се реализира во тек на две недели, но условите беа такви што траеше речиси 3 месеци, а јас не бев во состојба да составам нешто од сето тоа и немав капацитет да направам завршна проекција.

После две години сфатив дека сум почнал да се занимавам со „екстрим филм мејкинг“ и дека направивме курс во екстремни услови. Екипата која во нормални услови би требало да е многу поголема, се состоеше од Јасмина, која по професија е историчар на уметност, но има и многу други обврски, Стево кој е историчар на уметност и фотограф со ограничено филмско искуство, и јас.

Едноставно, не се обезбедија потребните средства, па снимавме со фотоапарат и ајфон, без буџет, со волонтерска поддршка од актери како Игор Џамбазов, Синоличка Трпкова и Васко Тодоровски (Тошо Малерот, К-15).

Навистина беа екстремни услови. Снимаше Фејми Даут, во еден момент помогнаа и Дарко Башевски, Елена Моничели и сите во екипата кои имаа телефони со камера, а потоа ги користевме сите тие материјали.

Накусо, ова беше аматерска продукција, а тоа што ја носеше беше креативниот дух, а не професионалниот пристап“, вели Митко.

Всушност, токму поради сето ова и се родила идејата за филм за тоа како се правел филмот или т.н. мејкинг оф. Иако вели дека работата на овој филм била исклучително напорна, одличната комуникација со екипата и пациентите, била извор на неговата енергија.

„Кога ќе видиш дека тоа на никого ништо не му значи, ќе се откажеш. Но јас гледав дека, барем ним, на пациентите, многу им значи. Бев во друштво на луѓе кои доживуваа нешто позитивно додека работевме, сите волонтерски, без премногу разговори околу материјалните средства.

И не зборувам само за учесниците во работилницата, односно, за пациентите, туку и за останатите кои беа дел од филмот.

Во овој филм, одговорно тврдам дека мотивацијата на учесниците не беше финансиска. Тоа е тоа што ме задржа, добрата волја од страна на сите, да влезат во ова без никаква финансиска предумисла.

Сите кои на кој и да е начин учествуваа во филмот – Пол Гордон, Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоровски, Џенифер Предигер, Благоја Груевски, Атиџе Муратова – сите работеа без надомест, односно на основа на сосема симболично т.н. задоцнето плаќање.

Во дадените услови на нашата земјата, тоа е период кој трае подолго од неколку години, без оглед на тоа колку тоа звучи Кафкијански-апсурдно.

Со оглед на сето тоа, духот на човечноста е единственото нешто што го оправдува постоењето на овој филм. Главниот терапевтски ефект не е во крајниот продукт, туку во самиот процес – групната работа, довербата, чувството дека не си сам.

Затоа, „Железна тврдина“ не е само филм – тоа е сведоштво за моќта на креативноста како облик на исцелување и закрепнување, и за тоа дека некогаш, најголемото лекување доаѓа преку заедничкото создавање. Значи, примарен елемент беше социјализацијата“, објаснува тој и додава дека, никогаш не би им дозволил на своите студенти да снимаат филм во такви услови.
За жал, еден од пациентите во меѓувреме починал и не дочекал да го види крајниот производ.

Општеството – како отворена (жива) рана

Со овие работилници, вели Панов – тренд кој го започнале Јасмина и Шашков со здружението „Небо“, всушност се презема малку од товарот на здравствените институции од кој, додава, се очекува да прават сѐ, па дури и да ги анимираат пациентите.

„Ова е луксуз, а тој луксуз почна во 2018 година, благодарение на ЕУ која ги промовираше маргинализираните групи и налагаше да им се посвети повеќе внимание. Подоцна се појавија и други приоритети со што финансирањето на овој тип проекти се прекина и оваа гранка стана и самата објект на маргинализација.

Од здравствените институции не може да се очекува нешто повеќе од администрирање на терапија и задоволување на основните потреби на пациентите. Поентата на ваквите работилници е ресоцијализација. Фактот дека ние ги немаме тие механизми за социјализација е причина што здравствениот систем станува уште поголема мета на јавни напади и разочарувања.

Тој не ги задоволува потребите ниту на пациентите, ниту на здравите кои сочувствуваат со своите блиски и тогаш лекарите и болниците им се виновни за сѐ.
Впрочем, во нашата култура на живеење, осудата е јавно прифатен фактор, таа самодеструктивна навика се повторува и со секоја политичка гарнитура која се жали на своите претходници.

Како сите да се виновни за тоа што не можеме да ги исполниме обврските кои сме ги ветиле со тоа што сме се нафатиле на некоја активност. Не се менуваме во начинот на кој размислуваме, не ги менуваме политичките алатки, се вртиме кон осуди, жалби и поплаки, со главна цел да се оправдаме самите. Плачечка култура кадешто сите се жалат едни на други зашто животот не е таков каков што го замислиле.
Таа игра која на никого не му се допаѓа, ја играме веќе 35 години затоа што не сме доволно креативни и смели. Стануваме култура на плукачи, нихилисти и константни незадоволници, анализира нашиот соговорник за време на нашето долго интервју во кое, иако поводот беше „Железната тврдина“, се начнаа и многу други теми.

Набљудувач, не судија

Имено, ако некогаш имате можност да поразговарате со Митко Панов, ќе сфатите дека тој никогаш ништо не зема здраво за готово, а во основата на сè што прави лежи неговото длабоко, филозофско и критичко согледување на општеството.
Според него, македонското општество минало низ мутиран развој – од феудализам, преку социјализам до либерален капитализам – без јасна морална рамка. Резултатот е – нормализирање на девијациите и исчезнати вредности.

Сепак, како автор, тој не се позиционира како судија, туку како набљудувач, чија задача е да опсервира, да анализира и гласно да размислува.
Во суштина, Панов зборува за општество кое е во морална криза, кое само ја создава и поттикнува сопствената девијација и укажува на важноста од саморефлексија и повторно воспоставување на основните човечки вредности како единствен патоказ.

А токму човечноста е она што најдобро се гледа во „Железната тврдина“, филм во кој, без патетика и без големи зборови, се раскажуваат некои од најчовечките приказни што сме ги виделе.
„Филмот не е мој, тој е наш. И тоа е можеби најважната лекција: уметноста не е бекство од реалноста, туку можност да се соочиме со неа – заедно“, вели Панов.

Во време кога филмовите често се мерат по визуелните ефекти, продукциски вредности и фестивалски награди, „Железна тврдина“ нуди нешто сосема поинакво – тивка и длабока рефлексија за човештвото. Филм што не се гледа само со очи, туку и со срце.

Проекцијата на филмот или, како што ја нарекува Панов, светската премиера, ќе се случи во културниот дом во Демир Хисар. Дали понатаму ќе се прикаже во Скопје или на некои светски фестивали, зависи од финансиерите и од глобалниот филмски пазар и ентузијазмот на оние кои сакаат овој филм да биде виден од пошироката публика.

Повеќе