Во здрави љубовни врски, партнерите си помагаат меѓусебно да развијат особини и способности со кои ќе се доближат до своите идеали.
Психологот од САД, Марк Траверс тоа го нарекува „Феномен Микеланџело“, во разговор за порталот Psychology Today.
„Ваквите врски не само што го зголемуваат личниот развој, туку и ја зајакнуваат поврзаноста и задоволството од врската… Меѓу клучните знаци на „Феноменот Микеланџело“ е да имате партнер кој ги поддржува вашите цели и соништа.
Истражувањата покажуваат дека таквите врски обезбедуваат емоционална сигурност, ја намалуваат анксиозноста и ја зголемуваат самодовербата, што го олеснува соочувањето со предизвиците и истрајноста во постигнувањето на целите. Ако се чувствувате поддржани во Вашата врска и поблиску до идеалната верзија на себе, таа врска може да биде одраз на „Феноменот Микеланџело“. Ова е можност за натамошен раст, и лично и како партнер, преку заемната поддршка и љубов“, вели Траверс.
Именуван по познатиот ренесансен уметник Микеланџело Буонароти, „Феноменот Микеланџело“ се дефинира како меѓусебно обликување на партнерите, како личности – во најдобрата верзија од себе, со љубов, поддршка и позитивен поттик.
Партнерот кој верува во Вас, се вели, може да ја зголеми Вашата мотивација и да Ви помогне во донесувањето одлуки насочени кон личен раст, како што е изборот на предизвикувачки, но исполнувачи можности. Токму во тоа е приближувањето до совршената верзија од себе… Како што раката на италијанскиот скулптор го претвора каменот во уметност, во нешто убаво.
„Усогласувањето со личните идеали преку врската го зголемува чувството на автентичност и благосостојба. Таквиот партнер може да Ви помогне да ги надминете несигурностите, да истражувате нови гледишта во врска со себе и да развиете особини или амбиции што претходно биле занемарени“, вели психологот.
На овој начин, љубовната врска овозможува да се откријат „побогати и поавтентични димензии“ од себеси.