Зошто бебето плаче и како да го смирите?
Честопати може да биде навистина незгодно да се толкува плачот на бебето, особено на почетокот. Затоа порталот за родители BabyCenter ги истакнува најчестите причини поради кои бебињата плачат, како и советите како можете да му помогнете, од искуство од прва рака, од други родители.
Сигурно веќе ви е позната приказната за тоа дека нервниот систем на бебето е сè уште незрел и дека е сосема нормално и природно бебињата да се будат до тригодишна возраст и дека треба да се навикнете на тоа. Сепак, секогаш кога нивното будењето е проследено со силно и постојано плачење, се чувствувате фрустрирани, немоќни и исплашени.
Бебињата плачат, тоа е факт кој едноставно не можеме да го избегнеме. Вака бебињата комуницираат кога чувствуваат глад, болка, страв, потреба за сон и многу повеќе. Па, како можеме ние родителите да знаеме што се обидува да ни каже нашето бебе и како можеме да му помогнеме?
Еве ги најчестите причини поради кои бебињата плачат и трикови на другите родители како да реагирате во овие ситуации.
Глад
Ова е веројатно првото нешто на кое помислувате кога вашето бебе плаче. Учењето да ги препознавате знаците за глад ќе ви помогне да го нахраните вашето бебе пред да почне плачот. Најчестите знаци на глад кај новороденчињата вклучуваат немир, лижење на усните и ставање прсти во уста.
Проблеми со стомакот: грчеви и гасови
Проблемите со стомакот поврзани со гасови или грчеви може да доведат до гласно плачење. Грчевите обично се опишуваат како состојба на неутешно плачење кое трае неколку часа дневно, барем неколку пати неделно, неколку недели по ред.
Од друга страна, доколку бебето е немирно и плаче веднаш по хранењето, можно е да се работи за некаква болка во стомакот. Дури и ако вашето бебе нема колики и никогаш не било немирно по хранењето, повремените гасови може да му предизвикаат болка. Ако се сомневате на надуеност, обидете се да го свртите бебето на грб и да му ги движите нозете како кога се вози велосипед.
„Кога ќерка ми беше бебе, имаше чести проблеми со гасови и врескаше и плачеше од болка. Открив што ѝ помага. Ѝ давав неколку капки против гасови, ја легнував на грб, нежно ѝ ги кревав нозете кон стомачето и ја повторував оваа постапка додека истовремено ѝ пуштав песна. Наскоро се ослободуваше од гасовите и веднаш се чувствуваше подобро“, вели една мајка на две деца.
Потреба за подригнување
Подригнувањето не е задолжително. Но, ако вашето бебе плаче по хранењето, добро подригнување може да ги реши сите негови проблеми. Бебињата голтаат воздух кога цицаат или кога ги храните со шише, а тоа може да предизвика непријатност ако воздухот не се ослободи. „Моето бебе плаче многу затоа што му е толку тешко да подригнува по хранењето, дури и со тапкање и триење на грбот. Она што ни помогна беше малку време поминато на стомак. Многу подригнува откако почнав да го оставам да лежи на стомак неколку минути”, вели друга мајка.
Валкана пелена
Некои бебиња веднаш им кажуваат на родителите кога треба да им се смени пелената. Други можат да толерираат валкана пелена доста долго. Во секој случај, оваа причина за плачење е лесна за проверка и уште полесно е да се реши.
Потреба за сон
Иако се чини дека би требало да биде лесно да го заспиете уморното бебе, каде било и во секое време – уморот ги погодува бебињата многу потешко отколку што мислите. Наместо едноставно да заспијат, бебињата стануваат немирни и почнуваат да плачат, особено кога се премногу уморни. „Мислевме дека нашата ќерка има колики првите неколку недели, додека не прочитавме како бебињата стануваат навистина мрзоволни ако се исцрпени. Откако почнавме да ја заспиваме веднаш штом ќе се проѕевнеше за прв пат (во секое време од денот), таа почна многу помалку да плаче и имаше многу помалку гасови, вели мајка на мало девојче.
„Многу гласно „шшшшшшшшшшшшшшшшшш“ функционира неверојатно добро. Морав да го снимам гласот затоа што ми се врти кога ѝ го кажувам на ќерка ми толку многу и толку долго. Сега имаме снимка од 48 минути и таа сè уште функционира секој пат!”, вели татко на две деца.
Желба за носење
На бебињата им требаат многу гушкања и прегратки. Тие сакаат да ги гледаат лицата на нивните родители, да ги слушаат нивните гласови и да ги слушаат нивните отчукувања на срцето- дури можат да го препознаат нивниот уникатен мирис Меѓутоа, ако рацете почнат да ве болат, обидете се да го носите вашето бебе во марама или кенгур.
Сакам нежно да ја завиткам ќерка ми во меко ќебе, да ја држам во положба за доење и нежно да ја нишам. Сфатив дека сака да ги чувствува моите раце на главата и потоа многу брзо се смирува“, вели мајка на три деца.
„Мојот син сака да го слуша мојот глас, па кога неутешно плаче, го држам цврсто и му велам дека мама е тука и дека е се во ред. За само неколку минути, тој цврсто спие во моите прегратки“, вели мајка на момче.
Кога е премногу ладно или премногу топло
Тие ќе се жалат многу помалку кога им е премногу топло отколку кога им е премногу ладно и нема да плачат неутешно како што плачат во зима.
Нешто болно и незабележливо
На бебињата може да им пречи и нешто сосема незабележливо, како влакно кое е цврсто заплеткано околу малиот прст или петицата, што им ја прекинува циркулацијата. Оваа ситуација всушност не е толку ретка, и тоа е една од првите работи што треба да ги проверите доколку вашето бебе плаче без причина. Од друга страна, некои бебиња се многу чувствителни на работи како етикети на облеката или ткаенина што може да ги изгребе или да им предизвика непријатност.
„Помага кога ќе се ставам во негова кожа и ќе помислам: Што би ми пречело да сум на негово место? Дали прстот или стапалото ми се заглавени некаде или се чувствувам стеснето? Дали треба да седам или да лежам поинаку? Можеби цуцлата има ужасен вкус и треба да се измие. Оваа етикета на мојата кошула ми прави непријатност, телевизорот дава премногу светлина“, вели мајка на две деца
Излегување на забите
Излегувањето на забите може да биде многу болно, при што секој нов заб ги пробива меките непца. Некои бебиња страдаат повеќе од другите, но речиси сите бебиња се немирни и почнуваат да плачат во одреден момент во овој неизбежен процес. Ако се чини дека вашето бебе го боли, а вие не сте сигурни зошто – обидете се да поминете со прстот преку неговите непца. Можеби ќе се изненадите кога ќе откриете грутче кое означува дека има запче во развој. Кај повеќето бебиња, никнувањето на забите се јавува помеѓу четвртиот и седмиот месец, но тоа може да се случи и порано или подоцна.
Помалку стимулации
Бебињата учат од стимулациите на светот околу нив, но понекогаш им е тешко да обработат сè – светла, бучава, пренесување од рака на рака. Плачењето може да биде начин на бебето да каже: „Доста ми е!“
Многу новородени бебиња уживаат да бидат повиени. Се чини дека повивањето прави да се чувствуваат безбедно кога сè околу нив станува премногу. Ако вашето бебе е премногу големо за да го повивате или не сака да го повиваат, обидете се да се повлечете на мирно место и оставете го вашето бебе да одмори некое време.
„Повивањето ни значеше многу, особено кога нашите бебиња беа многу мали. Кога се завиткани толку цврсто се чувствуваат како да се во утробата, што прави да се чувствуваат безбедно, “ вели мајка на две девојчиња.
Поголема стимулација
Бебето може да биде социјално и желно да го истражува светот. И често единствениот начин да престане да плаче е да го одржувате активно.
Се разбира, ова може да биде многу исцрпувачки за родителите. Обидете се да го носите вашето бебе така што тоа секогаш ќе гледа сè што се случува околу него.
Планирајте многу активности. Дружете се со други родители кои имаат бебиња. Редовно одете на места полни со деца, како што се парк, игралиште, детски музеј или зоолошка градина.
„Моето седуммесечно бебе сака постојана активност околу него. Ако го ставам на под со играчки додека работам на компјутер до него, веднаш почнува да се вознемирува. Најсреќен е кога го ставам во носилка и го држам до мене додека мијам садови, пеглам или правам други работи“, вели мајка на едно момче.
Не се чувствува добро
Добра идеја е да ја проверите температурата на вашето бебе за да исклучите грозница и да внимавате на други знаци на болест. Плачот на болното бебе обично е јасно различен од оној предизвикан од фрустрација или глад. Ако плачот на вашето бебе едноставно не звучи „правилно“, верувајте им на вашите инстинкти и јавете се или посетете лекар.
Што да направите ако бебето сè уште плаче?
Полн стомак? Потврдено. Чиста пелена? Потврдено? Нема висока температура? Потврдено. Зошто бебето сè уште плаче? Треба да се има на ум дека бебињата имаат свои причини. Сепак, немаат зборови да ни кажат што не е во ред, а ни најискусните и најмудрите родители не можат да ги читаат мислите на своето бебе. Сепак, секогаш можете да го утешите вашето бебе, дури и кога не знаете зошто е вознемирено.