Зошто децата од исто семејство се толку различни?
Дали едно непослушно, хиперактивно двегодишно дете би било посмирено со потрпелива мајка? И, дали екстровертните родители воспитуваат исти такви деца? Има сѐ повеќе докази дека карактерот и однесувањето на родителите, колку и да се добри, имаат мало влијание врз формирањето на личноста на детето. Невробиолозите објаснуваат зошто е тоа така…
Дали некогаш сте размислувале во каква личност ќе порасне вашето дете и кој е одлучувачки фактор во неговиот развој? Дали однесувањето на мајката може да ја обликува личноста на детето или барем да влијае на тоа? Според научните сознанија, вие веќе сте го направиле најголемиот дел од тоа „обликување“ – со едноставно пренесување на вашите гени.
Половина од нашите карактерни црти ги наследуваме од родителите. Тоа значи дека гените (природата), околината во која живееме и начинот на кој сме воспитани влијаат на нашиот карактер колку и она што го наследуваме. Ова сознание ќе биде големо и веројатно непријатно изненадување за повеќето родители кои веруваат дека нивното влијание е одлучувачко во формирањето на детето.
Откако Фројд утврди дека детството е клучниот период за разбирање на сите појави во човечката раса, психологијата бара одговори за сите форми на однесување во најраните искуства. Според оваа теорија, лошиот однос со родителите е причина за формирање на интровертна и огорчена личност, додека растењето во големо семејство (со многу деца) е причина за изразената натпреварувачка природа на личноста и потребата за доминација. Сепак, ниту ова не е сосема точно.
Размислете повторно
Кога станува збор за личноста, се чини дека сите други средини имаат посилно влијание врз детето од онаа што ја создаваат родителите во домот. Оваа теорија стана дел од психолошката наука од 1987 година, кога британскиот психолог Роберт Пломин објави научна статија насловена „Зошто децата од исто семејство се толку различни?“
Анализирајќи ги студиите за близнаци и посвоени деца, Пломин сугерираше дека нормалната средина во која растат родените браќа и сестри – што го вклучува стилот на родителство, како и расположението и приоритетите на целото семејство – не ја обликува личноста и не влијае на психолошкиот развој. Терминот „нормално“ значи отсуство на физичка и ментална злоупотреба или занемарување на потребите на децата.
Исто така, нормална средина е онаа во која родителите не се однесуваат премногу заштитнички, ниту пак премногу бараат од своите деца.
Најјасен доказ за заклучокот на Пломин е истражувањето на посвоени двегодишни деца одгледани со други деца со кои не се биолошки поврзани.
Под претпоставка дека начинот на воспитување на детето има силно влијание врз дефинитивното формирање на личноста, би било логично да се очекува дека децата израснати во исто семејство се послични по карактер отколку случајните минувачи на улица. Тоа, сепак, не е така. Според Пломин, средината која влијае на формирањето на личноста не е внатре во семејството, туку надвор од него.
Со такви пријатели…
Американските истражувачи отидоа чекор подалеку во поддршката на оваа теорија тврдејќи дека децата се главно под влијание на нивните врсници. Други психолози веруваат дека формирањето на личноста е под влијание на начинот на кој другите луѓе нè перцепираат. Карактеристиките како изгледот и интелигенцијата влијаат на тоа како другите луѓе не гледаат, така што нивната реакција кон нас станува длабоко вградена во нашата личност.
Секако, сето ова не значи дека влијанието на родителите и семејството е помалку важен фактор во развојот на детето. Задачата на родителите е да го олеснат влегувањето на детето во светот, како и да го водат, поддржуваат, поттикнуваат и покажуваат што е добро, а што лошо во тој свет. На крајот на краиштата, сфаќањето дека како родители не сме апсолутно одговорни за тоа какви ќе бидат нашите деца, носи некакво олеснување. Нè ослободува од одредена доза на вина и вознемиреност и ни помага да бидеме поопуштени и подобри родители, свесни дека секоја ситница што ја правиме или не ја правиме нема да има значителни последици врз развојот на детето.
Нема повеќе судири помеѓу природата и воспитувањето
Ако сите карактеристики на човековото однесување се наследни, тогаш веќе не важи старата полемика за спротивставените влијанија на природата и воспитувањето. Модерната наука покажува дека двата фактори работат заедно.
Интелигенцијата е една од особините што се наследува во најголема мера (60 до 80%). Гените пренесуваат некои особини на кои никогаш не би помислиле. На пример, капацитетот за емпатија е наследен до одреден степен, како и тенденцијата за собирање и чување на работи.
Врската помеѓу влијанието на природата и воспитувањето (влијанието на околината) сѐ уште е предмет на научно истражување. Од моментот на зачнувањето, нашата ДНК постојано се реинтерпретира. Индивидуалните гени се вклучуваат и исклучуваат како реакција на светот што не опкружува и на животот што го водиме. И тоа е сѐ што можеме – да реагираме.
Текстот е од ТУКА.