Она што може оваа битолчанка во Нов Зеланд, не може ниеден политичар: Музичари кои не слушнале ни за Македонија, свиреле и пееле за Битола

„Замислете, „Битола, мој роден крај“ ја пееја музичари кои за првпат слушнаа за Македонија и за Битола, а изговорот на текстот и ритамот од 7/8 беа совршени. Верувам дека доколку не знае, никој не би можел да препознае дека изведбата е направена од луѓе што никогаш не биле во Македонија и никогаш не го зборувале македонскиот јазик“, горда е Ирена Ангеловска, битолчанка која живее и работи во Нов Зеланд.

885

Ирена Ангеловска е докторант по музичко образование и асистент на Универзитетот Окланд, професорка по музика и музички директор и диригент во Нов Зеланд. Има повеќе од 10 години искуство во наставата по музика во основно, средно, високо образование во Македонија и Нов Зеланд и има работено со деца од предучилишна возраст до студенти и возрасни. Настапувала како хорист, пијанист и диригент во многу европски земји и во Нов Зеланд и е еден од основачите на Македонскиот камерен хор во Окланд, заедно со нејзиниот сопруг Саше Ангеловски кој е исто така дел од музичкиот свет, односно, член на хорот во Новозеландската опера.  

Ирена потекнува од Битола каде што завршила средно музичко училиште во отсекот музичар теоретичар, а тоа подоцна ја одвело во Скопје на студии на Факултетот за музичка уметност, каде што дипломирала на отсекот Музичка теорија и педагогија, а подоцна и магистрирала. По дипломирањето, се вработила во државното музичко училиште во Битола.  Ја запознавме онлајн, како дел од конференцијата „Јас сум жена“ која се одржа на 20 и 21 јули во МКЦ.

Се појави на екранот и раскажуваше за својата кариера и за животот таму некаде далеку, во Нов Зеланд, каде што во тоа време од скопската врела летна вечер, беше рано и свежо утро.

Кога средината ќе те мотивира да станеш од столче

Иако никогаш не размислувала да живее и работи надвор од Македонија, сепак, нејзиното истражување за принципот на културна разновидност во наставната програма по музика ја однело далеку од дома. Заминала заедно со сопругот пред 3 години, во 2019.

„Начинот на живот е скоро целосно различен, па оттука секој бара начин како да се вклопи во општеството. Имав една година да се прилагодам сè до почетокот на пандемијата кога повторно морав да ги сменам навиките и начинот на живеење. За време на тој период почнав да наоѓам прибежиште во прошетки во природа и физичката активност. Целиот мој живот работев на моето професионално усовршување за да се остварам како жена-професионалец и зашто сакав да ја побијам нарацијата дека жените се зависни и поставени во втор план. Посветував многу време на работата која најчесто беше во седечка позиција. Оттука, можеби физичката активност ја имав ставено на совозачкото седиште во одреден период во животот што веројатно не беше многу балансиран начин на живеење. Но во Нов Зеланд бев поинаку мотивирана поради тоа што бев опкружена со луѓе за кои физичката активност беше начин на започнување на денот рано наутро или доцна навечер. Така со мојот сопруг се впуштивме во безброј авантури, од лесни прошетки низ парковите до поинтензивни активности на пострмен терен. Видовме природа која претходно сме ја гледале само во анимираните филмови“, раскажува Ирена.

Таа и нејзиниот сопруг таму стекнале пријатели без кои, вели, животот ќе им бил многу потежок.

„Често знаеме да речеме „колку е мал светот“ кога ќе се сретнеме со луѓе со кои сме поврзани на некој чуден и далечен начин. Македонската заедница во Нов Зеланд е значително помала од македонските заедници низ светот. Но и покрај тоа, па и особено по формирањето на Македонскиот Камерен Хор, започнавме да имаме почести контакти и дружби со нашинците тука. А токму дружењето преку музиката е една од главните цели на Македонскиот камерен хор“, вели таа.

„Битола, мој роден крај“ на другиот крај од светот

Дека музиката е нешто преку кое се учи за различните култури во светот и за подобрување на меѓусебната комуникација и разбирање меѓу луѓето, што е и предмет на истражувањето на Ирена кое неа и нејзиниот сопруг ги однело на другиот крај од светот, зборува и настанот на кој музичари од различни делови од светот, токму под диригентската палка на Ирена, ја извеле и песната „Битола, мој роден крај“.

Станува збор за проектот „Transglobal Weekend of Music“ кој се одржал од 13 до 15 мај годинава, чија цел била поврзување на музичари од различни култури преку презентирање музика и учество во музички работилници.

„Имавме простор да ја споделиме приказната на нашата култура и потекло и разговаравме за контекстот на музиката, нејзиното значење и функција со цел да придонесеме за разбирање меѓу нас. Со учеството на овој проект имав можност да слушнам и активно да учествувам во изведбата на музика од Соломонските острови, Иран, Велс, Гана, Ирска, Шкотска, Шведска, пацифичкиот остров Ротума, Монголија, Нов Зеланд и секако, Македонија, а целиот настан беше збогатен со вкусна храна од Судан, Малезија и Авганистан, приготвена од жени-бегалци во Нов Зеланд.

Еден од најкарактеристичните и највпечатливите елементи на македонската музика се сложените неправилни ритмички структури, па и песната „Битола, мој роден крај“ којашто ја избрав е напишана во 7/8. Ние сме задоени и растеме со тој ритам, па затоа веројатно не го сметаме за комплексен или можеби не размислуваме како тој ритам им личи на луѓе што не се Македонци. Оттука, најголем предизвик беше совладувањето на ритамот, а дополнително и изговорот на некои букви од македонската азбука кои или не се употребуваат или се изговараат на поинаков начин во англискиот јазик.

Ја споделив приказната на песната и многу од учесниците се поврзаа со неа бидејќи сите бевме далеку од дома и текстот за момент нè однесе во нашите краишта. Кога ја слушнав изведбата после настанот, не можев да верувам колку беше добро и не можев да не се чувствувам горда и среќна. Во време кога македонската историја, јазик и традиција се предизвикани поради политичките цели на одредени структури, јас имав можност да придонесам за промовирањето на Македонија и македонската култура. Замислете, „Битола, мој роден крај“ ја пееја музичари кои за првпат слушнаа за Македонија и за Битола, а изговорот на текстот беше совршен и ритамот добро совладан. Верувам дека доколку некој не би знаел кој ја изведува песната, не би можел да препознае дека таа изведба е направена од луѓе што никогаш не биле во Македонија, а и никогаш не го зборувале македонскиот јазик“, горда е Ирена.

Таа во Нов Зеланд постојано носи со себе мапа на светот за да може на луѓето кои најчесто немаат поим каде е Македонија, да им ја покаже географската положба на нашата земја.

„Најголем дел од нив или воопшто не знаат за Македонија или имаат ограничено познавање. Најчесто или ја поврзуваат со религија или со Александар Македонски, а за географската положба на Македонија уште помалку се знае, па поради тоа секогаш имам мапа од светот при рака, за да објаснувам. Но кога ќе се отвори мапата и кога ќе кажам Македонија, а на мапата пишува нешто друго, се отвораат разговори за тековните ситуации и проблеми со кои се соочувам како Македонка. Во Нов Зеланд, моментално сум со привремен престој и поради тоа чувството е како да водам битка на два фронта: во Македонија- поради тоа што некој ја побива мојата национална, лична и семејна историја и во Нов Зеланд каде што можеби и очекувам дека ќе морам да зборувам за тоа. Станува збор за чести дискусии кои знаат да бидат емотивни и комплицирани“, признава Ирена.

За успесите и напредокот, ама и за носталгијата и приватниот живот

Ирена и нејзиниот сопруг се прилагодиле на животот во Нов Зеланд и напредуваат во професиите. Таа работи во приватното училиште Lewis Eady Music School, а нејзините одговорности и ангажмани таму постојано се зголемуваат.

„Докторатот го работев во многу непредвидлив период поради пандемијата, зашто во Нов Зеланд имавме заштитни мерки кои вклучуваа целосно затворање на сите институции. Затоа морав да правам многу промени, но со секоја остварена цел си ги поместував сопствените граници и одев погоре и понапред. Кога целата ситуација со пандемијата започна да се смирува, дојде и мојот ангажман на Универзитетот Окленд каде што работам како асистент на мојот ментор. Докторантите имаат можност да стекнат наставно работно искуство во нивната област, но за да се започне со таков ангажман мора да се задоволат одредени критериуми и да се реализираат неколку цели. Во изминатиот период ја подготвив наставната програма по предметот што го предавам која беше прифатена и одобрена и веќе е во тек. Целото искуство е одлично затоа што ми дава можност да се развијам професионално и лично, но и е многу поразлично од моето искуство во македонскиот образовен процес каде што немав практична настава во таа насока.

Новозеландскиот систем ги охрабрува, но и правно им дозволува на студентите да работат за да стекнат практични вештини кои ги подготвуваат за пазарот на трудот по завршувањето на студиите. Самиот универзитет има работни позиции во различни области со различен степен на комплексност, од асистенти за поддршка на корисници до позиции како мојата“, објаснува нашата соговорничка која после првичниот културен шок во новозеландското општеството кое е многу поголемо, но и функционира скоро целосно поинаку од македонското, сфатила дека кога си во општество во кое живеат многу луѓе од различни култури, можеби ќе се чувствуваш мало, можеби и не многу значајно и ќе треба да работиш за да се докажеш како личност и професионалец, но ќе се гледаш себеси како дел од светот.

„Се гледам како жена која е дел од социјалната мрежа и која може и мора да придонесе за развој на општеството кое пак е дел од светот, а не како индивидуа со сопственото его која е изолирана и живее сама и работи само за сопствените интереси. За жал, такво чувство имам кога гледам што се случува моментално во Македонија. На тој начин започнав и да размислувам не само за локалните проблеми, туку и за глобалните. Сите живееме на една планета. Оттука, моите постапки и сето она што јас го правам, колку што е важно тука, толку е важно и за светот. На еден уникатен и интересен начин, ова искуство во Нов Зеланд ме натера да се гледам како индивидуа која е дел од нешто, која припаѓа и придонесува за нешто подобро. Тоа е незаменливо чувство кое е дел од многуте убави нешто што ми се случија“, вели таа.

Но иако се навикнала на новиот живот и на новата средина, она што никако не поминува е тоа што ѝ недостига семејството.

„Кога заминавме бев подготвена дека нема да можам да ги видам по едно кратко патување од два-три часа. Но она за што не бев подготвена беше пандемијата поради која беше отежнато патувањето во и од Нов Зеланд, а до пред неколку месеци истото беше невозможно поради рестрикциите за тоа кој може да влезе во државата. Поради тоа никој од моето семејство немаше можност да дојде тука, што е сосема поинаку од тоа што јас и мојот сопруг се надевавме. Никогаш не ми недостигале повеќе од сега. Ниеден видео повик нема да ја замени онаа вистинската прегратка која со нетрпение ја очекувам“, признава Ирена.

Таа додава дека досега била премногу фокусирана на иднината, а премалку на сегашноста и целото внимание и фокус ѝ биле насочени кон професионално развивање и стекнување самостојност како личност, но на сметка на тоа што се стремела да се оствари професионално, посветила помалку внимание на некои од другите работи што треба да се дел од животот на една жена.

„Не би можела да застанам целосно, зашто овој полет што го доживувам на професионален план е тоа кон што се стремев, но би сакала да се свртам и кон другата страна, личната страна и да го достигнам тој баланс што јас го замислувам како дел од една жена. Сакам да создавам спомени од денес, а можеби не толку многу планови за утре“, завршува Ирена.

Повеќе