Излекувано уште едно дете болно од леукемија

Доказ дека леукемијата во детската воздраст се лекува е и денешното заминување од болницата на девојче кое девет месеци се лекувало од леукемија и успешно и без никакви последици го завршило лекувањето.

581

На 15 февруари се одбележува меѓународниот ден посветен на децата кои се борат со канцер, а во Македонија годишно од леукемија заболуваат од 30 до 40 деца. Најголемиот број од нив имаат акутна леукемија, која не може да се спречи и да се превенира.

Сепак, добро е тоа што, според статистиката, 90 отсто од децата болни од акутна лимфобластна леукемија успешно се излекувани, доколку болеста се открие навреме.

Доказ за ова е и тоа што на Универзитетската клиника за детски болести успешно е излекувано од леукемија едно девојче.

„Имавме денеска и одење дома на девојченце кое девет месеци се лекуваше од леукемија и успешно заврши лекувањето без никакви последици. Ни беше драго што можеше да го чукне ѕвончето што значи дека среќата кај децата сепак мораме најмногу да ја поддржуваме и почитуваме, а од тука започнува и среќата на возрасните. Имавме еден преубав ден и така нека продолжи и понатаму“, рече директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова.

Денес, министерот за здравство Беким Сали ја посети Клиниката со цел да види до каде се стигнати градежните работи во Одделот за онкологија, што наскоро се планира да биде отворен.

Новиот Оддел за онкологија ќе има капацитет за 25 до 30 деца, вклучувајќи ги и посттрансплантационите што досега не беше случај.

„Онколошкиот центар на Клиниката за детски болести е еден од поуспешните во регионот и за таа цел дојдов да ја поддржам и натамошната работа на Клиниката, вели министерот.

Д-р Софијанова истакна дека ѝ е драго што се при крај подготовките за отворањето на новиот Регионален онколошки центар.

Повеќе