Давањето мобилен телефон на дете на оваа возраст е поврзано со сериозни проблеми во однесувањето

Истражувањата покажуваат дека премногу време на екранот може негативно да влијае на здравјето, академските и социјалните вештини на децата од предучилишна возраст

214



Малите деца се вистински професионалци во користењето таблети и паметни телефони.

Меѓутоа, ако ги користат екраните за да им се најде занимација можеби нема да научат да управуваат со своите емоции, што доведува до изливи на бес.

Истражувачите од Универзитетот во Шербрук, Канада, детално го објасниле овој штетен циклус во списанието JAMA Pediatrics.

Авторите на студијата забележуваат дека просечното време што малите деца го поминуваат на мобилни уреди е зголемено од пет минути дневно во 2020 година на 55 минути на ден во 2022 година, при што многу четиригодишници имаат свои уреди.

За оваа студија, родителите на 315 деца го следеле однесувањето на нивните деца од 2020 година, кога децата имале три и пол години, до 2022 година, кога имале пет и пол години. Темпераментот на децата е мерен со прашалник за однесување.

Децата поминувале во просек по шест и пол часа неделно пред екраните на три и пол години, шест часа и 42 минути на четири и пол години и седум часа на пет и пол години.

Една година по почетокот на мониторингот, кога набљудуваните деца наполниле четири и пол години, родителите забележале поголеми изливи на бес и фрустрација.

Изливите на бес се зголемувале до навршени пет и пол години.

„Употребата на екраните воопшто, а особено употребата на мобилни уреди е сè поприсутна во животот на малите деца. Нашата студија сугерира дека родителите треба да бидат свесни за тоа како употребата на таблети во раното детство може да ја наруши способноста за управување со гневот и фрустрацијата и да доведе до зголемени испади кај малите деца“, напишале истражувачите во нивните наоди.
Премногу време на екранот влијае и на социјалните вештини на децата од предучилишна возраст.
Студијата имала и некои ограничувања, вклучително и тоа што се одвивала во средината на пандемијата на Ковид-19, кога екраните често се користеле како бејби-ситери.

Авторите исто така не го земале предвид квалитетот на содржината што ја гледаат децата, како на пример дали слушале приказни или гледале нешто на Јутјуб.

„Некои апликации и програми можат да понудат поддршка во развојот на вештините за регулирање на емоциите. На пример, цртаниот филм и апликацијата Daniel Tiger им помагаат на децата да ги подобрат вештините за регулирање на емоциите“, забележале истражувачите.

Покрај тоа, истражувачите не знаат дали родителите имале интеракција со своите деца додека го користеле таблетот. Гледањето таблети заедно може да им помогне на родителите и децата да ги зајакнат своите односи.

Истражувањата покажуваат дека премногу време на екранот може негативно да влијае на здравјето, академските и социјалните вештини на децата од предучилишна возраст, бидејќи тие не се во интеракција со нивните родители, кои можат да ги научат како да ги регулираат своите емоции или не си играат со другите.

Повеќе