Земјоделките работат на нива цела бременост, а потоа немаат ни ден породилно

„Зарем ние сме помалку вредни од мајките во урбаните средини и зарем не го заслужуваме правото да бидеме со своите деца во првите месеци од животот“, се прашуваат нашите соговорнички – земјоделки, кои работат на нива за време на целата бременост, а потоа немаат право ниту на еден ден породилно отсуство

782

Само 38% од жените во руралните средини се сметаат за економски активни, односно по некој основ се регистрирани како вршители на земјоделска дејност, додека пак сите останати, за жал, сѐ уште се на маргините на општеството и без каков било платен надоместок за својата семејна работа и придонес кон економските приходи на семејното земјоделско стопанство затоа што нашата регулатива не ја препознава семејната работа како платена работа, иако некогаш знае да трае и по 11 ипол часа на ден.

Но тоа не е единствена причини зошто жените од руралните средини се наоѓаат на маргините на општеството. Имено, земјоделките имаат можност да се регистрираат согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување и да плаќаат одреден минимален износ за да си ја обезбедат својата пензија и своето здравствено осигурување, но, за жал, и покрај тоа што ги исполнуваат своите обврски кон системот, тие не можат да користат платено породилно отсуство или пак боледување по било кој друг основ.

„Ваквата исклученост на жените земјоделки е утврдена во член 13 и член 14 од Законот за здравствено осигурување каде што се наведени осигурениците кои можат да остварат право на надоместок на плата и под кои услови можат да го остварат истото, а каде што во набројувањето не може да ги најдете регистрираните земјоделки согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Од една страна државата им дава можност и олеснителни околности за регистрирање, а од друга страна пак не им ги дава сите права кои што им следуваат како осигуреници во здравствениот систем. Исто така кај нас, за жал, сѐ уште не е воведено и родителското отсуство кое што ќе може да го користат и двајцата родители и така да си ги поделат обврските околу домот и грижата на децата, нешто што треба да го имаме согласно нашите усогласувања со европската регулатива, поточно директивата 2010/41/ЕУ во делот на социјална заштита, што пак само дополнително укажува на сериозноста на прашањето и на потребата од негова соодветна регулација од која што жените од руралните средини нема да бидат изоставени и дискриминирани во користењето на нивните основни човекови права и правата како осигуреници на системот“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, организација која долги години работи на разрешувањето на ова прашање кое ги дискриминира жените од руралните средини по секоја основа и ги прави нееднакви во очите на системот и државата.

Според неа, ковид пандемијата дополнително ги исфрлила на површина длабоките разлики што постојат помеѓу жените од руралните и жените од урбаните средини, па така, ако во градовите мајките вадеа потврди од градинки за да седат со децата дома, тоа во руралните средини не беше можно затоа што нема секаде градинки, а и работата на поле и на нива не е иста со канцелариската или административната работа.

„Поддршката за овие жени од руралните средини треба да биде многу голема за да се овозможи балансот помеѓу семејниот и работниот живот. Дури високи 42% од жените во руралните средини имале тешкотии во обезбедувањето на храна и основни средства за заштита за време на ковид панедмијата наспроти 12% од урбаните средини, а 96% немаат доволно информации кои допираат до нив особено во текот на ковид пандемијата, а недостигот пак и пристапот до јавните социјални и здравствени услуги, недоволната рурална инфраструктура во вид на патишта, осветлувања, јавен превоз итн., станаа уште повидливи како пречки за жените од руралните средини во нивното секојдневно општествено живеење“, продолжува Јоноски, истакнувајќи ги резултатите од неколкуте истражувања што ги спровеле во изминатиот период, а каде што фокус се повторно жените.

Една од нашите соговорнички е Живка Ѓурчиноска, од селото Тумчевиште, регистрирана индивидуална земјоделка од 2007 година. Иако нејзните деца се веќе возрасни луѓе (има 3 деца), таа раскажува за искуствата што ги имала како млада мајка на село, впрегната помеѓу грижата за домот, семејството, децата и работата на нива. Тие одгледуваат крави, имаат огромни површини засеани со пченка, пченица, грав, домати, а од пред некоја година започнуваат и со одгледување на лешници. Таа не користела породилно отсуство за ниту едно од трите деца затоа што немала можност за тоа. Во тој период Живкица била неплатен семеен работник, но споменува дека во текот на целата бременост и со трите деца редовно одела на нива и се грижела за стоката, за домот, за свекорот и за свекрвата.

„Навистина не беше лесно да се издржи тој период посебно ако живеете во заедница со поголем број на членови, но и ако имате огромна обработлива површина која што треба да се сработи, како и стока која исто така си има свои секојдневни потреби. Поддршката од останатите членови во семејството за мене беше многу важна во одгледувањето на децата, но во селото немаше градинка ниту тогаш, ниту денес, а и навистина ми е жал што и денес немаме поддршка ниту како регистрирани индивидуални земјоделки да земаме породилно отсуство или пак боледување поради повреда кои се чести во земјоделската работа. Тука дополнително би сакала да споменам дека премногу голем е трудот кој што го вложила секоја од нас за да дојде до нивото на регистрирана индивидуална земјоделка со оглед на тоа што сѐ уште живееме во традиционална средина каде што мажите се тие што го поседуваат имотот, тие се оние што ја водат работата, итн, за на крај, кога ќе го изодите целиот тој пат да немате можност да ги користите сите бенефити и права кои ви следуваат како на осигуреници. Ова многу влијае и на мотивацијата кај жените да се регистрираат како индивидуални земјоделки, па затоа што поскоро ова прашање мора да се реши за да може да ги задржиме уште оној мал број на мајки и жени што ни останаа по селата“, вели Живкица.

Од истото село е и земјоделката Добрила Даиловска, има 38 години и е мајка на 2 деца-близнаци. Регистрирана е како индивидуална земјоделка, меѓутоа нема користено ниту ден породилно отсуство затоа што ѝ кажале дека не ѝ следува.

„Навистина бев многу разочарана во тој период посебно со две мали деца, да живеете во рурална средина, да си ги плаќате сите обврски кон државата и на крај да ви кажат дека ништо не ви следува. Ние секако работиме речиси цело време во текот на бременоста, па навистина ни е потребна поддршка кога децата ќе дојдат на свет со оглед на сите трошоци што ги имаме во тој период, но и за да може како мајки да им се посветиме на децата и да уживаме во нивното присуство исто како секоја друга жена која е на породилно кога ќе роди дете. Ние ниту сме поразлични од нив, ниту пак помалку го заслужуваме тоа право. Тоа исто така ќе ни даде уште поголема вредност на нашата работа како земјоделки, но и ќе може да ги поттикнеме и другите жени од селото да се регистрираат и да живеат еден достоен живот со оглед на тоа што ја имаме една од најблагородните работи на свет, а тоа е производството на храна.  

Љубинка Јаневска е исто така од Полошкиот регион и таа како и Добрила има 2 девојчиња – близначки. Регистрирана индивидуална земјоделка без ден породилно отсуство или пак боледување по било кој друг основ иако на неколку пати имала и повреди од земјоделската работа и била спречена да придонесе кон економските приходи во семејството. Во нејзиното семејство одгледуваат пченица, пченка, фуражни култури, грав, а имаат и крави што значи дека во исто време имаат и многу обврски поврзани со земјоделската работа надвор од оние што Љубинка ги има дома како мајка на 2 деца, како сопруга и снаа.

„Во периодот кога ќе се родат децата или пак кога ќе се повредите вие само губите во земјоделската работа затоа што автоматски нивата или стоката остануваат без еден работник. Работната сила е многу малку ценета во земјоделството, а и не може да ја најдете од надвор затоа што сѐ помалку има и сезонски работници, а и дневниците што треба да им ги дадете се сѐ поголеми и тогаш загубите се уште поголеми.

Ваквите реални состојби во земјоделството државата треба да ги има предвид и треба да ја помогне и поддржи нашата работа и тоа не само со породилно отсуство, туку и со вложувања во руралните средини, како изградба на градинки, јавен превоз, подобри патишта, инфраструктура, за да може жената навистина да биде рамноправна и со жените од градот, но и рамноправно да придонесува со машките членови во семејното земјоделско стопанство, ама и рамноправно да ги користи бенефитите од сработеното. Тука уште само би споменала дека има многу жени кои поради тоа што имаат мали деца не се охрабруваат да се регистрираат и да основаат свој бизнис иако имаат многу добри идеи како да го унапредат земјоделското производство и да заработат од истото“, вели Јаневска.

Последната наша соговорничка, Светле Ристеска Пупунческа е од Прилеп, потекнува од тутунарско семејство и омажена е исто така во тутунарско семејство и е мајка на едногодишно девојче. Целиот свој живот одгледува тутун, но исто така споменува и дека работите во земјоделскиот сектор кога се во прашање правата на женските членови на семејното земјоделско стопанство не се променети од кога таа била дете.

„Женското секогаш мора да работи да придонесува во семејните земјоделски работи без притоа да се праша дали може да работи, дали доволно заработува и добива за својата работа, а многу тешко е кога на крајот на денот иако сте го вложиле својот максимум во работата добивате минимум затоа што не сте осигурани, семејната работа не е платена работа, немате слободно време за себе. Мислам дека короната уште повеќе ја влоши и онака тешката состојба во која се наоѓаат жените затоа што ни порасна психолошкиот притисок, се намали допирот до информациите затоа што немате ни време кога да погледнете телевизија или да слушнете радио, а морам да кажам дека значително се намалија и приходите од продажбата на земјоделските производи. Дополнително, во време на корона ние добивме и принова во семејството што во исто време значеше и огромна радост, ама и огромен страв со оглед на тоа што сите во домот сме земјоделски работници, а осигуран е само сопругот и јас како индивидуална земјоделка што во овој случај и не значеше многу затоа што немав право на породилно отсуство, иако средствата ни беа и повеќе од потребни како што му се на секое семејство кога доаѓа нов член во семејството. Додека застанавме на нозе навистина поминавме низ сито и решето и сѐ уште се бориме за еден достоинствен живот на земјоделско семејство во кое ќе израстат и моите деца. Токму поради тоа би упатила и порака до сите жени земјоделки, како и до невладините организации, но и до институциите, ова прашање да се реши што побрзо и жените да ги добијат сите права што им следуваат и да не бидат дискриминирани по ниту еден основ за да може непречено да го работат она за што се определиле а за што треба сите да бидат благодарни, а тоа е производството на храна“, порачува Светле.

Повеќе