Кога сте паднале и сте рекле, леле тато?! Тарик, Петар, Сашко и Жарко за татковството, со многу емоции, но и шеги на своја сметка

Едниот славел 5 дена, другиот 6 месеци, третиот 3 пати, за секое дете по еднаш, а најмладиот се гордее со тоа што бил првиот после акушерката кој го зел во раце своето бебе. Панелот посветен на татковците, во рамките на регионалната конференција под покровителство на Бекутан, беше и најинтересниот дел од оваа конференција со мирисот на Бекутан

359

На регионалната конференција за родителство под покровителство на Бекутан која се одржа денес (12 ноември), во хотел „Хилтон“, а на која се зборуваше за модерните текови и предизвици на современото родителство, на последниот панел, посветен на татковците, својата емотивна, но и духовита страна ја покажаа познатите татковци, актерите Тарик Филиповиќ, Петар Бенчек и Сашко Коцев и водителот Жарко Димитриоски.
Иако сите до еден, па дури и најтазе таткото Жаре, чија ќеркичка има само 5 месеци, се согласија дека нема ништо поубаво од тоа да се стане родител и дека токму татковството направило конечно да сфатат и да си признаат дека тие не се најважни на свет, сепак признаа дека мајките се сѐ уште неприкосновени во однос на децата.
Како што се пошегува Сашко Коцев, иако зад сцена се договориле да ја истакнат важноста на татковците, сите до еден потклекнаа и „им симнаа капа“ на мајките.

„Кога сте паднале и сте рекле, леле тато?!“ – рече најстариот татко меѓу нив, хрватскиот актер и водител Тарик Филиповиќ, признавајќи дека колку и да бил самиот инволвиран во негата и воспитувањето на двајцата синови, сепак останал чирак, а нивната мајка Лејла Филиповиќ, која исто така беше дел од оваа конференција, била и останала мајсторот.
Еден од најзгодните српски актери, Петар Бенчина кој заедно со својата сопруга и колешка Тамара Драгичевиќ има три деца, ќерката Сташа (8 години) и синот Лазар (5 години) и бебето Борис (4 месеци), рече дека тоа што е татко на три деца не направило да се чувствува поискусен во татковството со секое следно дете, туку дека се сѐ заборава и секогаш се почнува од почеток. Но она што го сфатил веќе после раѓањето на првото дете, е дека toj не е најважен на светот.

Сашко Коцев во свој препознатлив стил кој ве тера да се насмеете дури и кога ја кажува најсериозната работа на светот, раскажа и за првата средба со неговата сега седумгодишна ќерка Јоана, веднаш по раѓањето, кога бил запрепастен од нејзиниот изглед.
„Мојата ќерка беше првото вистинско новороденче што го имав видено и воопшто не личеше на оние бели и нежни бебиња на кои сме навикнати од филмовите. Кога сестрата ми рече дека можам да ја сликам дури се замислив дали воопшто да ја сликам“, се пошегува тој и додаде дека само тогаш може да каже дека личела на него, но дека е сега убава како мајка ѝ.

Тој, иако никогаш во живот претходно ниту имал видено, ниту држено некое бебе, од првиот момент го бањал бебето со вештина на патронажна сестра.
Иако во тој период спремал и претстава и снимал филм, кога после 12 часа работа ќе се приберел дома, вели, не бил уморен и можел да прави сѐ.

„Не се сеќавам само на првите пет дена пред да си дојдат од болница жена ми и Јоана. Тогаш славев и тоа беа најубавите денови во мојот живот: женет си, имаш дете, но и неограничен буџет, па дури и жена ти самата ти вика, зошто не си во кафана да частиш за ќерка ти“, се потсети тој.

Сашко, меѓудругото, зборуваше и за тоа колку е посебна љубовта меѓу таткото и ќерката.
„Таа точно знае колку си вљубен во неа и дека може да прави што сака. Всушност, ќерките вежбаат на татковците како да манипулираат во идниот љубовен живот. Те разоружува и секогаш ја врти приказната во своја корист“, рече Коцев.
Сите заедно заклучија дека веројатно девојчињата веднаш стануваат жени, додека на момчињата им треба многу време за да станат мажи.

Тарик, чии синови имаат веќе 21 и 17 години рече дека веќе може да каже дека неговата татковска мисија е успешна со оглед на тоа што неговите синови станеле добри и чесни луѓе.
„Иако на почеток од моето татковство бев малку на туркање, додека да почастиш дека си станал татко, веќе поминале шест месеци, видов дека времето лета, па кога се вклучив, веќе не застанав. Сега синовите се повеќе во фаза кога си им советник и банкомат, но сѐ уште повеќе сакаат да слушаат совети од мајка им отколку од мене“, се пошегува Тарик.
Жаре проговори за своето неодамнешно искуство кога присуствувал на породувањето на неговата сопруга и се пофали дека, после акушерката, тој бил првиот што го фатил бебето во раце.
Тој, во улога на модератор на најинтересниот панел од конференцијата, но и како сѐ уште неискусен татко, имаше едно чудо прашања за поискусните од него.
Овие славни татковци, сите до еден максимално вклучени и посветени на татковската улога, сепак се согласија дека во нашиот регион уште има табуа во однос на улогата на таткото како родител, дека уште има потсмев кон некои од оние ретките кои го користат правото на породилно отсуство наместо мајката, но изразија и надеж дека следните генерации, а тоа се нивните деца, ќе го сменат и тоа и дека и во пракса сите татковци нема да се тука за да им помагаат на мајките, туку за да бидат рамноправни во родителската улога.

Така, со оваа панел дискусија заврши и една од најинтересните конференции на кои сме биле досега, а она на што ние во Македонија можевме да бидеме горди, е тоа што токму оттука е тоа што како заедничка асоцијација за своето детство го посочија буквално сите присутни од регионот – мирисот на Бекутан.

На крајот, некако и навистина почнавме да го чувствуваме овој мирис кој веројатно е складиран таму некаде, во некое депо од нашите мозоци, како асоцијација на нашето, но и на детството на нашите деца. Веројатно ќе биде и дел од животот на нашите внуци и правнуци и мирисот на Бекутанот и натаму ќе го поврзува регионот.

Повеќе