Повеќето жени го игнорираат првиот симптом на срцев удар кој се појавува дури еден месец претходно

Жените имаат дури 50 отсто поголеми шанси да добијат погрешна дијагноза

97

Киселини или диспепсија го нарекуваме непријатното чувство на печење во градите што се јавува после обилни оброци, консумирање зачинета храна или лежење по јадењето.

И киселините и срцевиот удар предизвикуваат непријатност во градите, но болката при срцев удар обично трае подолго, е посилна, а се појавуваат и симптоми како отежнато дишење, потење и вртоглавица.

Но, се чини дека една студија објавена во списанието Circulation открила заедничка врска помеѓу овие две состојби.

Таа открила дека жените често пријавувале симптоми на киселини во месецот кој му претходел на срцевиот удар, околу 39 отсто од испитаничките, иако овој симптом не бил присутен за време на самиот настан.

Покрај тоа, ова истражување се обидело да го подобри препознавањето на симптомите на коронарна срцева болест кај жените, кои често се разликуваат од вообичаените симптоми присутни кај мажите.

Посуптилни знаци

Типични симптоми како знак за срцеви заболувања кај двата пола е главно болка во градите, но студијата покажала дека жените помлади од 55 години често имаат повеќе варијации во комбинациите на симптомите од мажите.

Д-р Џон Е. Бриш Јуниор, главниот автор на студијата смета дека кога се во прашање жените, секогаш треба да се гледа пошироко. Непријатноста во градите што ја пријавиле многу жени може да биде далеку од силната болка што обично ја чувствуваат мажите, а што му претходи на срцевиот удар. Затоа, свесноста за многуте комбинации и посуптилните знаци кај жените може да биде клучот за побрза дијагноза и третман.

Меѓу другото, тоа го потврдува и Британската фондација за срце, која истакнува дека жените имаат 50 отсто поголеми шанси да добијат неточна дијагноза кога се во прашање срцевите проблеми.

Превенција

За да се намали ризикот од срцев удар, жените се охрабруваат да водат здрав начин на живот, да имаат редовна физичка активност и да прават контрола на хронични состојби како висок крвен притисок и дијабетес.

Исто така, во случај на сомневање за срцев удар, клучно е веднаш да повикате брза помош или да отидете во најблиската болница.

Повеќе