Како изгледа првиот час од животот на бебето?

Научниците внимателно ги набљудувале бебињата и воочиле како тие се однесуваат на самиот почеток од нивниот живот

63

Шведските научници внимателно набљудувале 28 бебиња за да видат низ какви промени поминуваат на самиот почеток од својот живот.

Ова истражување објавено во магазинот „Acta Pediatrica“ покажа како новороденчињата се однесуваат инстинктивно, кога се препуштени на првите слободни движења на телото и првиот контакт со мајката.

Раѓање: Бебето силно плаче, будејќи ги на тој начин своите бели дробови.
2 минути: Бебето се смирува, одмара – по можност на мајчините гради.
2.5 минути: Бебињата за прв пат ги отвораат очите и постепено почнуваат да ги движат главите и усните.

8 минути: Бебињата стануваат поактивни – подолго ги држат очите отворени. Гледаат во очите и градите на мајка си, со плачење покажуваат дека се гладни и ги усмеруваат рачињата кон усните.
18-та минута: Детето повторно се одмара по овие движења.

36 минути: Бебињата почнуваат да го користат сетилото за мирис, сѐ уште се интересираат за мајчините гради.

62 минути: Време е за првото доење! Бебињата го пијат колострумот – првото мајчино млеко, кое содржи бројни хранливи материи и молекули кои го зајакнуваат имунитетот. Ова рано цицање го стимулира производството на млеко и ѝ помага на матката што побрзо да се врати во претходната состојба.

70 минути: Бебињата заспиваат и го добиваат заслужениот одмор.

    Ова истражување е спроведено на мал примерок од деца во Шведска, кадешто бебињата веднаш по раѓањето имаат можност да се одморат на градите на својата мајка и да уживаат во нејзиното прво млеко, што не е привилегија на новороденчињата ширум светот.

    Сепак, овие резултати се сметаат за сигурен показател за инстинктивното однесување на најмладите.

    Авторите на истражувањето истакнуваат дека времето варира од бебе до бебе, а споменатите минути се истакнати како просечни вредности.

    Повеќе