Дали навистина правиме доволно? Меѓународен ден на лицата со попреченост

Денес (3 декември) е Меѓународен ден на лицата со попреченост, ден што има за цел да ја зголеми свеста и поддршката за лицата со различни видови на попречености, ама проблемот е што овој ден е еднаш годишно, а во меѓувреме…Не се занимаваме баш многу со нивните потреби, нели?

57

Да, денес е Меѓународен ден на лицата со попреченост, ден што има за цел да ја зголеми свеста и поддршката за лицата со различни видови на попречености, но колку сите ние како општество и како поединци се занимаваме со нивните потреби во меѓувреме?

Не баш многу, нели?

Се проценува дека 1,3 милијарда луѓе доживеале значителна попреченост. Ова претставува 16% од светското население, или 1 од секои 6 од нас.

Некои лица со попреченост умираат и до 20 години порано од оние без попреченост.

Лицата со попреченост се во двојно поголема опасност да развијат состојби како депресија, астма, дијабетес, удари, обезност, или лошо орално здравје.

Здравствените неправди се резултат на нефер условите  со кои се соочуваат лицата со попреченост, вклучувајќи ги стигматизирањето, дискриминирањето, сиромаштијата, исклученоста од образованието и вработувањето и пречките со кои се соочуваат во самиот здравствен систем.

И додека во држава како нашата им е колку толку добро на оние кои барем имаат некој свој што се грижи за нив и за нивните потреби, се поставува прашањето, што со оние кои немаат никого освен државата?

Тие имаат многу потреби, но наместо емпатија, обично добиваат сожалување, а понекогаш ни тоа. А секоја попреченост – било да е физичка, интелектуална или психолошка, треба да биде прифатена како различност што треба да се почитува и да се приспособи.

Лицата со попреченост треба да се гледаат како дел од бескрајното богатство на различности и мора да им се дадат истите можности за зајакнување како и на сите други.

Наместо тоа, тие се соочуваат со милион проблеми, дури и онакви кои одамна требаше да бидат совладани. Одамна сум се прашувала, како им е на оние во инвалидски колички кои немаат никој да им ги турка, кога ќе се соочат со истите препреки кои ме нервираат мене како некој чие секојдневно превозно средство е велосипедот?! За разлика од нив, барем можам сама да станам ако некогаш паднам поради високите тротоари, паркираните автомобили на велосипедските ленти, налудничавите возачи …

Но да се вратиме на луѓето со посебни потреби и да се сетиме дека никој не се сеќава на нив кога не им е денот.

А кога им е, тогаш речиси и не можат да стасаат да отидат на сите настани во нивна чест. Мислам на оние кои има кој да ги однесе таму.

На пример, нашиот млад пријател Марио Мицковски, симпатичното момче со Даунов синдром, инаку, пливач кој освојува награди за Македонија, кој глуми во инклузивни претстави, танцува и пее на инклузивни концерти, ама и работи во општина Бутел и со радост секојдневно оди на своето работно место. Марио ја има Јамболка, неговата сакана мајка која е негов верен придружник на сите настани на кои тој сака, а според неа, и мора да биде, затоа што, како што вели таа, сѐ друго може само да го уназади.

Значи, има и добри примери за инклузија, има и онакви за кои обично велиме „чест за исклучоците“.

Сепак, се прашувам, кога исклучоци ќе бидат оние другите, оние кои нема да бидат инклузивни, нема да водат сметка за лицата со посебни потреби и нема да бидат емпатични.

Секој наш напредок во инклузијата е мотив повеќе дека се можни позитивни промени.

Ние не можеме да замислиме. Мислам на нас нормалните, непосебните, обичните. Ако само еднаш застанеме и со отворено срце, со интерес и желба да разбереме, погледнеме или присуствуваме во едно делче од времето во нивниот живот, можеби ќе можеме барем да претпоставиме како изгледа да се биде лице со посебни потреби или родител, брат или сестра на лице со толку многу посебни потреби.

Често се тоа лица кои целиот живот ќе бидат зависни од некој друг, а нивните најблиски, дури и во најсреќните мигови, не можат да ја избркаат од глава онаа помисла која ги плаши повеќе од сѐ – помислата за иднината и за тоа што ќе биде со нивните деца после нив!

Велат дека во последните години, Македонија направи значителен напредок во областа на правата на лицата со попреченост, но и понатаму се соочува со предизвици како што се пристапноста, образованието и вработувањето на оваа група.

Ама искрено, дали навистина правиме доволно за овие лица да бидат целосно интегрирани во општеството?

Слоганот на светското движење за правата на луѓето со попречености „Ништо за нас без нас“ упатува на основните барања за учество, претставеност и инклузија и бара лицата со попреченост активно да ги обликуваат условите во коишто живеат.

Дали Македонија има волја за тоа? Дали на 4-ти декември сѐ уште некој ќе се сеќава на нив?

Повеќе