Која анестезија е подобра за царски рез – спинална или тотална?
Доколку имате договорен царски рез, голема е веројатноста лекарот или анестезиологот да ве прашаат под која анестезија сакате да се изврши операцијата. Во тој случај ќе ви бидат понудени две опции, спинална или тотална. Не заборавајте да размислите и за други начини за контрола на болката за време на породувањето, како на пример, со техники на дишење и вежби за релаксација.
Царскиот рез е една од најчесто извршуваните операции на денешницата, а во Америка дури 25 отсто од породувањата се вршат на овој начин.
Постојат многу причини поради кои би требало да се направи царски рез, првата е ако на каков било начин е загрозен животот на мајката или на бебето, ако пулсот на бебето паѓа и секако ако се работи за повеќекратна бременост. Докторите ќе се одлучат за царски рез и доколку породувањето не оди според планот и доколку трудницата претходно се породила на овој начин.
Царскиот рез може да се договори или да се изврши како итна процедура.
Ако се работи за итен царски рез, лекарите обично се одлучуваат за целосна анестезија бидејќи тоа е најбрзиот начин да се заспие пациентката. Цевката за дишење им помагаат на дишните патишта на пациентката да останат чисти за време на операцијата.
За време на однапред закажан царски рез, анестезиолозите обично препорачуваат спинална или епидурална анестезија за време на која мајката е будна во текот на целото породување.
Се практикува и комбинирана техника кога при самата операција се дава спинална анестезија, а во постоперативниот период епидурална.
И епидуралната и спиналната анестезија имаат свои предности и недостатоци. Кај спиналот главната предност е што се дава на многу едноставен начин и овозможува многу солидно чувство на вкочанетост. Исто така, постои мала шанса за несакани ефекти како што е силна главоболка. Недостатокот на спинална анестезија вклучува хемодинамски промени бидејќи може наеднаш да ги забави отчукувањата на срцето и да го намали крвниот притисок.
Без оглед дали планирате да користите анестезија за време на породувањето или веќе сте одлучиле дека сакате целосно природно да се породите, без анестезија, секогаш е добро да знаете како функционираат епидуралната и спиналната анестезија.
Ова е неопходно од две причини: прво, секогаш постои можност да се премислите откако ќе започне породувањето и второ – во случај на итен царски рез, неопходна е анестезија.
Првото и најважно прашање е дали трудницата сака да спие за време на царскиот рез или не.
Предноста од тоа да биде будна е тоа што ќе го види бебето веднаш по раѓањето, но и ќе слуша сѐ што се случува во операционата сала, а тоа за многумина е застрашувачко.
Како функционираат епидуралната и спиналната анестезија?
Епидуралната и спиналната анестезија директно го блокираат преносот на сигналите преку нервните влакна во самиот ‘рбет или во близина на ‘рбетниот мозок. Како резултат на тоа, доаѓа до губење на чувството во тој дел, вклучувајќи го и чувството на болка, па затоа се користат при породување и царски рез.
И епидуралната и спиналната анестезија се нанесуваат со игла во долниот дел на грбот.
Сепак, овие два типа на анестезија имаат клучни разлики поради што различно се применуваат во зависност од начинот на породување.
Спинална анестезија
Оваа анестезија најчесто се користи за царски рез или во случај кога породувањето напредува со голема брзина и кога постои основано сомнение дека епидуралната нема да делува на време.
Спиналните игли се многу потенки од епидуралните игли, а дозите што се користат се помали од оние што се користат за епидурални.
За разлика од епидуралната, спиналната анестезија се дава еднаш, а нејзиниот ефект е ограничен (до 2 часа), поради што во некои случаи се дава во комбинација со епидурална.
Токму поради тоа што делува брзо, спиналната анестезија е најчест избор во случај на итен царски рез, додека на епидуралната анестезија за да почне да делува ѝ требаат околу 20 минути.
Кога станува збор за дозата, спиналната значи посилен ефект со помали дози, додека епидуралната бара повисоки концентрации на анестетик.
Епидурална анестезија
Епидуралната анестезија вклучува инјектирање на лекот во „епидуралниот простор“. Со овој тип на анестезија, пред да се извлече иглата, се поставува катетер преку кој се инјектира анестетикот. Катетерот е поставен надвор од обвивката исполнета со течност, веднаш до нервите кои ја пренесуваат болката од матката.
Поставувањето на катетерот овозможува континуиран проток на лековите против болки во текот на породувањето, како и можност за додавање стимуланси и анестетици доколку е потребно.
Бидејќи лекот треба да помине низ мембраната што го опкружува ‘рбетниот мозок пред да стигне до целните нерви, обично се потребни околу 20 минути пред да се почувствува ефектот на анестетикот.
Како изгледа закрепнувањето по царски рез и колку време трае
Кога станува збор за епидуралот, предноста е што и таа лесно се воведува, но потребно е повеќе време за да делува, па дури и да се појават хемодинамски промени, тие ќе се случуваат постепено. Предност е и тоа што по операцијата останува мал катетер преку кој се инјектираат нови дози за да се олесни постоперативната болка.
Недостаток е епидурална главоболка, можни проблеми со катетерот и ретки случаи на оштетување на нервите и инфекции. Лекарите тврдат дека не постои најдобра опција кога станува збор за анестезија бидејќи сите тие имаат свои предности и недостатоци.
Доколку имате закажано царски рез, тогаш пред самото породување ќе се сретнете со анестезиолог кој точно ќе ви го објасни секој тип на анестезија, па заедно ќе одлучите која би ви одговарала најмногу.
Дали боли епидуралната анестезија?
При вбризгувањето на епидуралната анестезија се чувствува непријатност односно болка како и при вбризгување на која било друга инјекција.
Убодот ќе го чувствувате сè додека самата анестезија не почне да делува, односно по околу 20 минути.
Како изгледа породувањето со епидурална?
Како точно ќе функционира епидуралната анестезија и како ќе изгледа породувањето може да варира од случај до случај. Она што е сигурно е дека епидуралот нема целосно да ги згасне сите сензации, но општата цел на давањето епидурална анестезија е да се намали количината на болка што жената ја чувствува за време на породувањето.
Она што повеќето жени кои се породиле со епидурал го кажуваат е дека чувствуваат притисок, како и непријатност за време на траењето на контракциите.
Некои жени можат да препознаат кога бебето е подготвено да излезе и е време за последните контракции, додека на други треба да им биде укажано на ова од лекарот или бабицата.
Сепак, добро е да се почувствуваат контракции, макар и само во форма на затегнување во пределот на стомакот.
Покрај болните сензации поврзани со породувањето, епидуралот влијае и на други сензации во тој дел од телото, па постои можност жената да не го забележи нагонот за мокрење. Поради оваа причина, на жените им се става катетер кој се отстранува непосредно пред породувањето.
Во одредени ситуации, кога дејството на анестезијата е продолжено, по породувањето се поставува втор катетер, кој се отстранува по 24 часа.
Во кои ситуации не се препорачува епидурална анестезија?
Иако анестезијата е сосема безбедна за повеќето идни мајки, има мал процент на жени за кои оваа процедура може да биде ризична. Во овој процент спаѓаат трудниците кои имаат проблеми со коагулацијата на крвта.
Исто така, епидурална анестезија не се препорачува за родилки кои реагираат на локален анестетик или имаат одредени видови на дерматолошка инфекција во областа каде што треба да се стави иглата. Контраиндикација се и сериозните повреди на ‘рбетниот столб.
Постои ли можност епидуралната или спиналната да не функционираат?
Ова е можно, но во ретки случаи и кога станува збор за епидурална анестезија.
Можноста епидуралната анестезија да не функционира може да потекнува од неколку причини: во случај кога катетерот не е правилно поставен, во случај на проблематична анатомија на пациентот и во случај кога не била дадена на време.
Дали има несакани ефекти по епидурална и спинална анестезија?
Најчести несакани ефекти по употребата на епидурална или спинална анестезија при породување се: главоболка, болки во грбот и одредени невролошки симптоми.
И додека е докажано дека главоболката може да биде директен симптом и компликација предизвикана од блокадата на епидуралниот нерв, не постои научна основа дека болките во грбот и невролошките компликации се несакани ефекти на спинална или епидурална анестезија, туку тие се припишуваат на самото породување, бидејќи се подеднакво чести и во случаи на породување без употреба на анестетици.
Кога донесувате одлука да користите анестезија за време на породувањето, треба да имате на ум дека сите потенцијални несакани ефекти се навистина ретки и се рутински процедури со кои медицинскиот персонал се среќава секој ден.
Секако, најдобро е да зборувате со вашиот лекар, а се препорачува да размислите и за други начини за контрола на болката за време на породувањето, како на пример, техники на дишење и вежби за релаксација.