И за најтешките теми треба да се разговара со децата

Поради исклучително чувствителната природа на случајот, во кој во основно училиште во Загреб животот го загуби малолетно дете, тамошниот Центар за исчезнати и малтретирани деца дава насоки за разговор со децата за тешки теми.

33

Откако веста за трагедијата во загрепското основно училиште „Пречко“ одекна низ цела Хрватска, експертите од Центарот за исчезнати и малтретирани деца и нивниот Центар за побезбеден интернет обрнуваат внимание на чувствителноста на случајот бидејќи во настанот се вклучени малолетници, што дополнително ја нагласува потребата од внимателен и одговорен пристап.

Поради исклучително чувствителната природа на случајот, во кој во основно училиште во Загреб животот го загуби малолетно дете, тамошниот Центар за исчезнати и малтретирани деца заедно со своите експерти дава насоки за разговор со децата за тешки теми, со цел полесно справување со чувството на загуба, страв и несигурност.

Реакции на кризен настан

По настани опасни по животот и здравјето, или кога станува збор за губење на живот/здравје, сите луѓе извесен период имаат т.н. трауматски стресни реакции како на пример чувство на несигурност, беспомошност, страв, лутина и вознемиреност, разни физички реакции (главоболка, вртоглавица, отежнато спиење и сл.), тешкотии со концентрација и одлучување итн.

Сето тоа се нормални човечки реакции на кризен настан. Кај повеќето луѓе ваквите реакции поминуваат без поголеми последици со текот на времето и со добра поддршка од луѓето од најблиското опкружување.

Кај помал број луѓе (обично оние со неадекватна поддршка од најблиските и/или со несоодветни начини за справување со трауматскиот стрес), ваквите настани можат да остават долготрајни, па дури и трајни последици како постојана анксиозност, депресија, чувства на несигурност, психосоматски реакции итн.

Поради сложеноста на човечките психолошки процеси, не е можно однапред да се предвиди текот и времетраењето на закрепнувањето од трагичен настан. Тоа не е можно да се направи ниту на групно, ниту на индивидуално ниво.

Но, можно е да се каже дека закрепнувањето тече толку брзо колку што им е тоа можно на поединците/заедницата, а во текот на опоравувањето наизменично се менуваат периоди на подобрување и периоди на влошување на состојбата.

Сето горенаведено е особено нагласено кога се засегнати и децата. Советите што може универзално да се применат при работата со нив, со цел да им се олесни состојбата, е да се биде подготвен да се зборува за тешки теми и да не им се дозволи да ги добиваат информациите што ги интересираат само од медиумите и социјалните мрежи.

Можно е оваа ситуација да ги потресе и децата и возрасните кои не се директно поврзани со настанот. Препорачуваме да ги користите упатствата подолу за да разговарате со нив.

Подготовка за разговор

Изберете го вистинското време и место – Најдете мирно место без одвлекување на вниманието каде што детето се чувствува безбедно. Можете да започнете разговор за време на заеднички активности како што се пешачење или возење автомобил.
Направете план – Запишете ги клучните пораки што сакате да ги пренесете, за да бидете јасни и смирени за време на разговорот.
Треба да се запомни дека децата слушаат различни информации од своите врсници, од медиумите и слично. Можно е да ви постават прашање за овој или друг сличен настан без да очекувате. Упатствата се применливи и во тој случај.

За време на разговорот

Покажете емпатија и активно слушајте
Важно е детето да почувствува дека го разбирате и поддржувате. Можете да користите реченици како:
„Мило ми е што ми го кажа ова. Важно е да разговараме за ова за да можеме сите заедно да најдеме решение“.
„Можеби не сакаш да зборуваш за сите детали сега, но знај дека јас сум тука за тебе секогаш кога ќе сакаш да разговараш.

Поставувајте отворени прашања
Целта е да се поттикне детето да ги сподели своите чувства и мисли.

Примери на прашања:
„Како се чувствуваш откако ја слушна информацијата за тоа што се случило?
„Дали забележа како се чувствуваат другите?
„Што мислиш дека можеме да направиме за да спречиме вакво нешто да се повтори?

Дискутирајте за одговорноста и приватноста

Објаснете ја важноста од почитувањето на приватноста на сите вклучени и зошто споделувањето видеа или фотографии од насилство е неприфатливо: „Споделувањето таква снимка може дополнително да ги повреди жртвите и да поттикне дополнително насилство.

За да ги заштитиме другите, важно е да не споделуваме такви материјали“.

Едуцирајте за алтернативите на насилството

Разговарајте за тоа како да се решат конфликтите на мирен и конструктивен начин.

Охрабрете ги децата да размислуваат за следново: „Што би можеле да кажеме или да направиме кога ќе видиме дека некој злоставува друг?“

„Како би можеле да поддржиме личност која била жртва?

Објаснете ги последиците од насилството

Објаснете како насилството може да влијае на сите вклучени: „Насилството може да направи луѓето да се чувствуваат тажни, исплашени или сами.

Исто така, може да има сериозни последици за оној што го врши насилството“.

Заклучок од разговорот

Понудете поддршка

Покажете дека сте тука за детето и дека може да смета на вашата помош: „Ако се чувствуваш тажен, лут или збунет, секогаш можеш да дојдеш кај мене“.

„Заедно можеме да го најдеме најдобриот начин да го решиме ова.

Побарајте стручна помош доколку е потребно

Доколку детето покажува знаци на анксиозност подолго време (подолго од околу 6-8 недели), предлагаме да побарате помош од стручната служба на училиштето или други професионалци за ментално здравје.

Важноста на едукацијата за однесувањето на интернет

Освен што зборувате за насилство, искористете ја можноста да се едуцирате за одговорно однесување на интернет:

Не споделувајте чувствителни материјали – Споделувањето видеа со насилство или приватни информации може да им наштети на сите вклучени.

Развијте емпатија – Охрабрете ги децата да размислуваат за чувствата на другите и како нивните постапки влијаат на заедницата.

Се препорачува во овој период да се посветиме на активности кои не релаксираат и внесуваат чувство на пријатност.

На некои деца може да им се помогне со спиење со запалено светло, почесто дружење со пријателите, играње друштвени игри заедно со семејството или слични активности.

Разговарајте со вашите деца за активностите што им помагаат.

Во моментите на шок, важно е да се избегнуваат прекумерни напори, а возрасните треба да бидат свесни дека свртувањето кон алкохол или психоактивни супстанци не е решение.

Да се ​​фокусираме на она што гради мир и безбедност, како за нас, така и за нашите најблиски.

Повеќе