Кога и зошто се менува бојата на очите на бебињата?

Бебињата може да имаат светли очи кога ќе се родат, но подоцна ја менуваат бојата. Дознајте зошто и кога очите на вашето бебе ќе ја променат бојата, но и како генетиката влијае на физичкиот развој на детето.

39

Заедно со вообичаените прашања за тоа кога бебето почнува да седи, да лази и да оди, многу родители се заинтересирани за бојата на очите на нивното дете.

Дали очите на бебето ќе останат толку светли? Дали бебето ќе има сини очи на мама? Или ќе има кафени како тато?

Зошто вашето дете има многу потемна боја на очите од неговите или нејзините браќа и сестри?

И зошто воопшто се менува бојата на очите на бебињата?

Прочитајте сè што треба да знаете за тоа зошто и кога се појавува вистинската боја на очите на бебето.

Пигментот кој ја одредува бојата на очите

Кога се раѓаат бебињата, особено оние со светла кожа, тие имаат светла боја на очите поради многу малку меланин во нивните очи.

Меланинот е пигмент кој им дава боја на очите, кожата и косата.

„Количината на меланин во ирисот, обоениот дел од окото, одредува каква боја на очи ќе има човекот“, објаснува педијатрискиот офталмолог Даглас Фредрик.

Генетиката одредува колку меланин или пигмент ќе има човекот во своето тело.

ДНК-та што вашето бебе ја добива од вас и вашиот партнер одредува дали неговите очи ќе бидат кафени, сини, зелени или друга боја.

Бебето може да се роди со сини очи (бидејќи очите понекогаш не произведуваат многу или не произведуваат воопшто меланин додека бебето е во утробата), но по раѓањето – светлината го стимулира производството на меланин, поради што бојата на очите може да се промени со текот на времето.

„Важно е да се разбере дека не е бојата на пигментот тоа што ја предизвикува промената.

Во окото нема син, сив, зелен или кафеав пигмент“, нагласува офталмологот и додава дека единствениот пигмент што го имаме во очите е кафеав, а количината на тој пигмент одредува дали нечии очи ќе бидат посветли или потемни.

Без оглед на науката, изгледа како едноставна равенка: еден родител со кафени очи плус друг родител со кафени очи треба да значи бебе со кафени очи, нели?

Не мора.

Постојат повеќе гени во нашето тело кои придонесуваат за бојата на очите.

Дури и ако двајцата родители имаат кафени очи, можно е бебето да заврши со сини очи ако родителите имаат гени за сини очи некаде во нивниот генетски состав, или ако имаат мутиран ген кој може да се пренесува низ генерациите како рецесивна особина.

Никој не може да знае каква боја на очи ќе има детето кога ќе порасне.
Како може родител со една боја на очи да има гени за различна боја на очите?

Се разбира, преку своите баби и дедовци.

„Бојата на очите на бебето не зависи само од бојата на очите на мама и тато, туку и од бојата на очите на нивните баби и дедовци“, вели офталмологот.

Значи, ако и вие и вашиот партнер имате кафени очи, а вашето бебе зелени, причината би можеле да бидат вашите баба и дедо.

Дури и ако сте ги провериле графиконите или калкулаторите за бојата на очите на вашето неродено бебе, немојте да мислите дека сите предвидувања се цврсто одредени.

„Никој, вклучително и лекар, не може да предвиди каква боја на очите ќе има вашето дете кога ќе порасне“, објаснува офталмологот.

И што и да јаде и да прави вашето бебе или на колку малку или многу светлина е изложено, исто така не значи ништо. Сѐ е прашање на генетика и ништо повеќе.

Но, треба да се запомни дека ако бебето се роди со кафени очи, тоа значи дека веќе ја има количината на меланин одредена со генетскиот код, односно бојата на очите на детето повеќе нема да се менува.

Постојана боја на очи до една година

Експертите велат дека најголемата промена најверојатно ќе ја забележите помеѓу шестиот и деветтиот месец од животот.

Во текот на неколку недели или месеци, може да забележите дека бојата на очите на вашето бебе станува потемна.

„Промената е толку постепена што можеби нема ни да ја забележите додека еден ден вашето дете не се разбуди и не ве изненади со различна боја на очите“, објаснува офталмологот.

До 12 месеци, повеќето бебиња имаат постојана боја на очите иако Др. Фредрик вели дека кај некои деца бојата на очите може да се промени до шестгодишна возраст.

Сепак, ваквите случаи се ретки и промената не се случува преку ноќ.

Во секој случај, бојата на очите на бебето ќе се промени без никакво влијание врз видот или други проблеми со очите.

Но, доколку бојата на очите се промени само на едното око или ако забележите дека очите на вашето бебе се заматени, задолжително посетете педијатар или педијатриски офталмолог.

Повеќе