Бебињата се изложени на хемикалии кои го оштетуваат мозокот, a се наоѓаат во душеците

Душеците и постелнината за деца може да содржат и да ослободуваат токсични хемикалии и забавувачи на горење, кои претходно биле поврзани со развојни и хормонални нарушувања, покажало едно истражување.

79

Децата секогаш мора да бидат безбедни и ние се трудиме максимално да ги заштитиме од апсолутно сè на овој свет. Ова го правиме на секој можен начин, па следиме сè што ни кажуваат, сè ново што се дознава и открива. И ни се чини дека тие се најбезбедни кога ги заспиваме навечер, во креветче без перници, ќебиња или играчки, на грб и соодветно облечени.

Па, за жал, новото истражување ја нарушува и оваа слика.

„Меревме хемикалии во воздухот во собите на 25 деца на возраст меѓу 6 месеци и 4 години и откривме загрижувачки нивоа на повеќе од 25 фталати, забавувачи на горење и УВ филтри“, рекла за Си-Ен-Ен, една од авторите на студијата Миријам Дајмонд, професорка на Одделот за наука за Земјата на Универзитетот во Торонто.

Студијата, објавена оваа недела во списанието Environmental Science and Technology, открила повисоки концентрации на хемикалиите поблиску до креветите на децата, што укажува на зголемена изложеност на децата за време на спиењето.

Преку последователно истражување, овој тим утврдил што ги ослободува хемикалиите и како тие се ослободиле. Откако ги поврзале соединенијата со неколку различни марки на душеци, тие откриле дека повеќе соединенија сеослободуваат кога душеците се под телесна тежина и температура – што значи дека повеќе хемикалии се ослободуваат кога детето спие на душекот.

Ова е нешто на што досега не се обрнувало внимание. Тековните безбедносни стандарди за душеци не ја земале предвид зголемената тежина и температурата на детето што спие.

Патем, фталатите кои се откриени во детските соби се ограничени во играчките, но не и во душеците. Националниот институт за наука за здравјето на средината вели дека овие супстанции влијаат на ендокриниот систем и може да предизвикаат ран пубертет, репродуктивни проблеми, дефекти на гениталиите, хормонски проблеми и многу повеќе.

Студијата, исто така, известила за покачени нивоа на забавувачи на горење, вклучувајќи го и оној што е забранет во Канада и забранет за детските пижами во САД. Познато е дека многу од забавувачите на горење што ги откриле истражувачите предизвикуваат репродуктивни, развојни и невролошки нарушувања кај малите деца.

Децата се почувствителни на овие супстанции од возрасните поради нивното побрзо дишење, поголем контакт со рацете и устата и поголема површина на кожата во однос на телесната тежина.

Студијата не опфатила специфични марки на душеци, односно тие не биле именувани, туку се купени во Канада, каде што била спроведена студијата, но може да се купат и на друго место. Подетално, авторите на студијата истакнале дека станува збор за добро познати душеци, кои се евтини и може да се купат кај големите трговци низ Северна Америка.

Иако е тешко да се внимава на сите можни работи кои претставуваат каква било опасност, можеме да дадеме се од себе за да го минимизираме ризикот. Дајмонд им препорачала на родителите да изберат душеци и постелнина со неутрална боја за децата, бидејќи некои од хемикалиите што се користат за да се спречи избледување на бојата може да бидат сомнителни. Исто така, препорачала често перење на постелнината и пижамите.

„Чаршафите и постелнината делуваат како многу ефикасна бариера“, вели таа.

Повеќе