Епидемија од тикови се шири преку социјалните мрежи и ги погодува тинејџерите ширум светот

Тиковите во некои случаи даваат неограничена слобода – одеднаш може да се однесувате ужасно, а сите да ви честитаат и да се претплатат на вашиот канал на YouTube.

742

Лекарите ширум светот забележале дека тинејџерите одеднаш развиваат тикови. Дали е ова првата болест што се шири преку социјалните мрежи?

Пред три години, психијатарката Кирстен Милер-Вал почнала да забележува нешто необично кај новите пациенти во нејзината клиника во Хановер, Германија. Типичен пациент со Туретов синдром е момче кое развива бавни и благи моторни тикови – трепкање и гримаси – на возраст од пет до седум години, придружени со едноставни звуци, како што е кашлањето. Само еден од десет пациенти развива понапреден облик на болеста со познат симптом – копролалија, односно извикување непристојни зборови. И тогаш, повеќето од нив имаат само неколку пцовки на својот репертоар кои ги повторуваат.

Сепак, овие нови пациенти биле различни. За почеток, тие биле постари – во тинејџерските години – а половина од нив биле девојчиња. Тиковите ги добивале нагло, експлозивно и биле екстремни; некои извикувале повеќе од 100 различни невкусни зборови. Последниот симптом особено ја зачудило Милер-Вал: „Дури и најсериозните случаи на Туретов синдром досега се обидуваа да ја сокријат својата копролалија. Тинејџерите што таа сега ги имала за пациенти не го правеле тоа, згора на тоа сакале да покажат како страдаат од овие симптоми. Посебно збунувачки бил фактот што многу од нив неволно ја извикувале токму истата фраза „Грда си“.

Милер-Вал, професорка по психијатрија на Медицинскиот факултет во Хановер и претседателка на Европската асоцијација за проучување на Туретов синдром, не беше единствена што се сретнала со овој загадочен феномен. Бидејќи експертите кои се занимаваат со Турет се добро поврзана заедница, преку размена на искуства дошле до сознание дека овој феномен се случува во целиот свет истовремено. Пред пандемијата, 2-3% од педијатриските пациенти со Туретов синдром на Универзитетската клиника Џон Хопкинс имале акутни симптоми како тикови, кои се зголемиле на 10-20% минатата година. Во Детската болница во Тексас, бројот на тинејџери со ненадејни тикови се зголемил од еден до двајца годишно пред пандемијата, на дури 60 во периодот од март 2020 година до есента 2021 година.

Минатиот октомври, на онлајн конференција, доктори од Канада, Франција, Велика Британија и Унгарија ги размениле своите знаења. Сите забележале зголемување на бројот на пациенти со оваа необична форма на нарушување. Пациентите доаѓале од најоддалечените локации. Но, сите имале пристап до Тик Ток, Јутјуб и Инстаграм.

Четири месеци пред да се појави првиот пациент со нов тип на Туретов синдром на клиника во Хановер, 20-годишниот Јан Цимерман отворил канал на Јутјуб наречен „Олуја во главата“, како што го нарекол животот со неговите општествено неприфатливи и впечатливи симптоми – извикување непристојни зборови, фрлање храна, предизвикување инциденти во јавноста итн. Цимерман сега има два милиони следбеници и популарна апликација која им овозможува на корисниците да ги симнат неговите „најдобри тикови“ како звучни фајлови. Во неговата онлајн продавница можете да купите дуксери, шолји и душеци со неговите најчести изреки, а една од нив е „Денес си особено грд“ – што е речиси истата фраза што ја изговарале пациентите на Милер-Вал.

Симптомите на Цимерман влијаеле на тиковите на неговите гледачи. Во студијата што ја спровела врз своите пациенти, Милер-Вал открила дека 63% од нив фрлаат храна и ги изговарале неговите најчести фрази – од пцовки преку зборот „компирчиња“ и „летечки ајкули“. Меѓутоа, кога истражувачите од нејзиниот тим ги прашале тинејџерите пред нивните родители дали ги гледале видеата на Цимерман, многу од нив тоа го негирале.

Теми Хедерли, невролог во лондонската детска болница Евелина, открила дека нејзините пациенти имале тикови како што се удирање по градите, извикување на зборот „грав“ и паѓање на колена. Сите овие се тикови на 21-годишната британска инфлуенсерка Еви Мекфилд, која има 14,2 милиони следбеници на Тик Ток, а исто така објавила и книга за тоа како е да се живее со Туретов синдром.

Цимерман и Филд се само два од десетиците т.н „Турет инфлуенсери“. На ТикТок видеата со хаштагот #tourettes се прегледани повеќе од пет милијарди пати.

Неочекуваната популарност на овие видеа е резултат на човечката љубопитност од една страна и бунт против „нормалноста“ и трендот на славење на различностите од друга страна. Копролалија е во суштина кршење на општествените норми и ги привлекува луѓето како што ги привлекуваат и комичарите кога кажуваат работи што инаку не смеат да се кажат.

Тинејџерите кои ги гледаат овие клипови се дел од заедница во која наоѓаат прифаќање, сочувство и потврда. Исто така, сфаќаат дека највирални на мрежите се оние тикови кои се најнеприфатливи и визуелно највпечатливи.

Потпирајќи се на некои случаи на масовни психогени болести, од времето пред Интернет, како што е епидемијата од тикови што избувнала меѓу девојчињата во 2011 година во средно училиште во Њујорк, Кирстен Милер-Вал во август 2021 година, го објавила трудот „Стоп! Ова не е Турет, туку нов тип на масовна социогена болест“. Со други зборови, општеството, особено социјалните мрежи, ја шират болеста.

Категоризирањето на новото нарушување како масовна психогена болест може да објасни многу од неговите карактеристики, како што се возраста и полот на пациентите. Експертите проценуваат дека околу 98% од ваквите „епидемии“ низ историјата биле забележани кај девојчиња. Првото истражување покажува дека девојчињата се повеќе склони да подлегнуваат на притисокот на социјалните мрежи. Разликата во однос на претходните епидемии е што тие биле ограничени на едно село, училница или манастир. Денес, кога светот е глобално село, тиковите се шират преку екранот.

Експертите сè уште не се договориле како да го наречат овој нов синдром и да ги класифицираат симптомите. Некои ја користат фразата „однесување слично на тикови“ за да ги разликуваат од Туретов синдром. Концептот на функционални тикови доаѓа од една друга состојба наречена функционално невролошко нарушување или ФНП. За девојчињата кои викаат „грав“ или „летечки ајкули“, ФНП е најблиската дијагноза.

Зошто овој сет на симптоми се појави токму во овој момент? Се верува дека пандемијата и карантинот создале совршена клима за ширење на болеста преку социјалните мрежи. Тинејџерите биле изолирани од пријателите поминувајќи часови во самотија пред екраните. Други веруваат дека подложноста на тикови е карактеристика на т.н. Генерација Z, која се карактеризира со анксиозност, изолација, склоност кон депресија и комплекси поврзани со нивниот изглед. Ова е генерацијата која е дел од еден голем социјален експеримент, прва која порасна со интернет и паметни телефони, прва чии животи беа обликувани од барањата на алгоритмите на социјалните мрежи. Тиковите би можеле да бидат нивниот начин да кажат „Спасете ме одовде“.

Иако тиковите можат да го спречат човекот да функционира нормално, тие можат да краткотрајно да исполнат некои психолошки потреби: тинејџерите со тикови може да изостанат од училиштето и да избегнат стресни активности. Тие можат да најдат пријатели преку интернет и заедница како нив. Тие добиваат внимание и разбирање од семејството и од странците на интернет. Оние со копролалија можат да ги рушат табуата без последици – ме натера болеста. Тиковите во некои случаи даваат неограничена слобода – одеднаш може да се однесувате ужасно, а сите да ви честитаат и да се претплатат на вашиот канал на YouTube. Ова го отежнува лекувањето бидејќи многу пациентки сметаат дека им е прилично добро со тиковите.

Другата страна на приказната е дека многу деца трпат последици поради овие тикови – тие се откажуваат од своите хоби и активности, не заспиваат без терапија, имаат проблеми на јавни места. Без оглед на причината за оваа појава, нејзините последици се реални.

Повеќе