Кога станува збор за голотијата пред сопствените деца, мислењата се разликуваат. Во многу домаќинства, вообичаено е родителите да се бањаат со своите деца или да се пресоблекуваат во присуство на малите деца. Но, многумина сигурно се прашувале дали е потребно да се постават некои граници ако детето е од спротивен пол или достигнало одредена возраст.
„Нема ништо лошо во тоа да бидете голи пред членовите на вашето семејство“, вели Пол Абрамсон, професор на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA) кој ја проучува човечката сексуалност, додавајќи дека една студија покажала дека изложеноста на родителска голотија немала штетни ефекти врз децата на возраст од 3 до 6 години. Иако неговата изјава може да биде охрабрувачка, многу родители сè уште имаат сомнежи и се прашуваат кога треба да почнат да се „покриваат“ и да бидат подискретни со своите деца.
Кога и како да се постават граници
Одлуката да се прифати голотијата во домот всушност зависи од родителот. Но, експертите велат дека е важно да се постават некои основни правила. Јасно дадете му на знаење на вашето дете дека вашиот лежерен кодекс на облекување важи само за вашиот дом и дека другите семејства може да имаат различни правила, вели Ејми Ланг, едукатор за сексуално здравје во Сиетл, Вашингтон. Погрижете се вашето дете да разбере дека треба да носи облека кога има други луѓе во близина, бидејќи на гостите тоа можеби нема да им се допадне, додава Ланг. И бидете цврсти. Држете се до сите граници што сте ги поставиле.
Имајте на ум дека дека нема секој во вашето домаќинство да се чувствува пријатно со голотијата. Арон Прос, татко на три девојчиња од Делавер, забележал дека почнал повеќе да се покрива и да излегува од собата за да се пресоблече кога неговата постара ќерка наполнила 4 години.
„Бев воспитан конзервативно, па тој менталитет е некако вкоренет во мене. Не сакам повеќе да ме гледаат гол“, истакнал тој, а пренесува Parents.com.
Бидете отворени кога вашето дете ќе почне да поставува прашања
Ниеден родител никогаш нема да ги избегне прашањата како „зошто тато има пенис, а мама нема?“ или „зошто мама има срамни влакна, а јас немам?“
Според истражувањата, родителите можат да очекуваат вакви прашања кога детето ќе наполни три години. Погрижете се да им одговорите на прашањата на ист начин како што би одговориле на прашања за прстите на нозете, очите, носот или кој било друг дел од телото. Децата на оваа возраст се природно љубопитни. Останувањето смирени и одговарањето на сите прашања конкретно е позитивен пристап, вели Ланг.
Обрнете внимание на чувствата на вашето дете
Бидете свесни дека ставот на вашето дете кон голотијата може да се промени како што расте. Вашето дете може да почне да ја затвора вратата од спалната соба кога се пресоблекува или да ви го сврти грбот кога се облекува. Може брзо да се повлече откако ќе влезе во вашата соба и ќе забележи дека сте голи. Ова е најчесто за време на пубертетот.
Почитувајте ја приватноста на вашето дете
Катерина Хил, авторка на бројни книги за родителство, вели: „Нема одредена возраст на која голотијата во семејството станува несоодветна, но родителите треба да препознаат дали нивното дете се чувствува непријатно со голотијата. Откако вашето дете ќе ви каже дека му е непријатно да ве гледа голи, важно е да ја почитувате приватноста на вашето дете.“