Спиењето понекогаш може да биде вистинска борба со децата. Додека родителите упорно се обидуваат да ги смират и да ги натераат да си легнат, малите постојано велат „уште само пет минути“ и секогаш им текнува уште на нешто – гладни се, жедни се, би сакале да земат уште една играчка…
Едноставно кажано, повеќето мали деца не сакаат да си легнат, но работата е што тоа им е потребно за да функционираат нормално. Сосема очекувано, ако не спијат доволно, тогаш се намќорести, нерасположени, плачливи…
Пензионираната педијатарка, бабица и авторка на книги за родителство, д-р Кетрин, сподели 7 знаци кои покажуваат дека вашето дете си легнува предоцна, а исто така истакна дека „зевањето и плачливоста се доцни знаци на замор“.
Оваа мајка на четири деца вели дека повеќето мали деца треба да си легнат помеѓу 19:30 и 20:30 часот, и дека ако останат будни подолго, може да биде потешко да ги „натерате“ да си легнат подоцна.
Овие знаци укажуваат дека детето си легнува предоцна:
Наутро се буди тешко
Месечари
Се буди во текот на ноќта
Се бори да остане буден
Станува хиперактивно
Се спротивставува на сè
Нерасположено е и плачливо во текот на денот
Д-р Кетрин, исто така, им советува на родителите да обрнат внимание на раните знаци на замор, кои се појавуваат пред прозевањето. Тие може да вклучуваат:
Детето станува намќоресто и се „лепи“ за мама (или тато)
Губи интерес за играчките
Има ненадејни изливи на емоции без очигледна причина
Станува неспретно
Таа препорачува ако вашето дете покажува знаци дека оди доцна на спиење, прво да го поместите времето за спиење 30 минути порано за да „избегнете драма, да спиете подобро и да имате посреќни утра“, според everymum.ie.