Мета користела фотографии од ученички во реклами наменети за мажи

Слики од девојчиња на возраст од само 13 години од Инстаграм, беа објавени „како мамка“ за да се промовира страницата Threads, вели активистка за правата на децата на интернет. Приказната прв ја објави британскиот весник The Guardian.

14

Мета се соочи со жестоки критики од родителите во Велика Британија откако фотографии од девојчиња во училишни униформи – дури и на возраст од само 13 години – биле користени во промотивни објави за Threads, новата социјална мрежа на Марк Закерберг.

Родителите тврдат дека не биле свесни дека нивните приватни објави можат да се користат на овој начин, додека експертите предупредуваат на ризиците од сексуализација и злоупотреба на деца на интернет. Приказната првпат ја објави британскиот весник The Guardian.

37-годишен корисник од Лондон забележал дека рекламите за Threads биле вметнати во неговиот профил на Инстаграм, прикажувајќи слики од девојчиња во училишни униформи – со тоа што нивните лица и имиња биле јасно видливи. Фотографиите претходно биле објавени од нивните родители за да го означат почетокот на учебната година, но биле користени како дел од промотивната содржина без нивно знаење.

Една мајка рекла дека нејзиниот профил бил поставен на приватен, но објавите автоматски биле преместени во Threads, каде што станале јавни. Друга рекла дека ја споделила фотографијата на јавен профил, но немала поим дека Инстаграм ќе го користи за маркетиншки цели.

„Апсолутно одвратно“
Таткото на 13-годишно девојче рекол дека бил „згрозен“ кога открил дека фотографија од неговата ќерка била искористена во она што го нарекол „сексуализиран контекст“ за да привлече постари мажи на Threads.

„Апсолутно е одвратно што толку голема компанија би експлоатирала малолетници на овој начин“, рекол тој.

Мајката на 15-годишно девојче чија фотографија била искористена веднаш до големото копче „Get Threads“ додала: „За мене, тоа беше само фотографија од моето дете како оди на училиште. Немав поим дека Инстаграм ќе ја користи за рекламирање. Таа е малолетничка и никогаш не би дала согласност за тоа.“

Нејзината објава, која обично има скромен досег, одеднаш привлекла речиси 7.000 прегледи – претежно од мажи над 44 години.

Мета: „Ние не ги кршиме сопствените правила“

Мета одговорила дека објавите не ја прекршуваат политиката на компанијата бидејќи фотографиите биле јавно достапни и објавени од возрасни. Компанијата вели дека нејзините системи не промовираат содржина создадена од тинејџери, но дека јавните објави од родителите можат да се појават како „предложени теми“.

Меѓутоа, човекот кој ги примил рекламите рекол дека со денови добивал само слики од девојчиња во училишни униформи, без ниту едно момче, што го опишал како „намерно сексуализирано и крајно несоодветно“.

Активисти: Профит пред безбедност

Бароницата Бибан Кидрон, активистка за правата на децата на интернет, изјавила дека „нудењето слики од малолетници како мамка за комерцијални услуги е нов пад дури и за Мета“.

„Мета секогаш избира профит пред безбедноста на децата. Испраќањето слики од 13- или 15-годишни девојчиња на непознат маж како реклама – тоа е свесно неодговорна практика“, рекла Кидрон.
Таа го повикала британскиот регулатор Офком да испита дали ваквите потези ги прекршуваат прописите за заштита на децата на интернет и забраната малолетници да се поврзуваат со непознати возрасни.

Повеќе