Научниците открија неочекувана помош против Алцхајмер

Научниците открија неочекувана помош против Алцхајмеровата болест: Едноставна аминокиселина би можела да стане неочекувано моќно оружје во борбата против Алцхајмерот

132

Нова студија сугерира дека аргининот, аминокиселина која веќе се смета за евтина и безбедна, би можела да помогне во борбата против Алцхајмеровата болест.Научниците откриле дека го намалува наталожувањето на токсични амилоидни протеини во мозокот, што е една од главните карактеристики на Алцхајмеровата болест, пишува Science Daily.

Во експерименти со животни, оралното земање аргинин ги намалило штетните наслаги, го подобрило однесувањето и го намалило воспалението во мозокот.

Алцхајмеровата болест е прогресивно мозочно нарушување и една од водечките причини за деменција во светот.

И покрај годините истражување, сè уште нема лек.

Поновите третмани базирани на антитела кои го таргетираат амилоидот бета (Aβ) имаат ограничена ефикасност, скапи се и можат да предизвикаат несакани ефекти, истакнувајќи ја потребата за побезбедни и подостапни решенија.

Неочекувано решение од лабораторијата

Студија објавена во списанието Neurochemistry International дава интересни сознанија.

Истражувачите од Универзитетот Киндаи откриле дека аргининот може да ја намали акумулацијата на штетните Aβ протеини кај животински модели на болеста и да им помогне на протеините да ја одржат својата соодветна структура. Но, важно е да се напомене дека дозите што се користат во истражувањето не се исти како кај комерцијалните додатоци во исхраната.

Во лабораторијата, е откриено дека аргининот го блокира формирањето на особено токсични Aβ42 агрегати, при што ефектот е посилен при повисоки концентрации.Во тестовите на вински мушички и глувци со генетски мутации поврзани со болеста, аргининот ја намалил акумулацијата на Aβ протеините и ги ублажил нивните штетни ефекти.

– Нашето истражување покажува дека аргининот може да ја потисне агрегацијата на Aβ протеините и во лабораториски услови и кај живите организми. Она што го прави ова откритие особено важно е фактот дека аргининот веќе е познат како клинички безбеден и ефтин – објаснил Ношитаку Нагаи, еден од истражувачите.

Подобрување на функцијата на мозокот

Кај глувците, аргининот ги намалил нивоата на амилоидни плаки и количината на нерастворлив Aβ42 во мозокот, а животните покажале подобри резултати на тестовите за однесување.

Активноста на гените поврзани со воспалението исто така била намалена, што укажува на поширок заштитен ефект врз мозочните клетки.

– Нашите резултати отвораат можност за развој на терапии базирани на аргинин за болести поврзани со акумулација на протеини – додава Нагаи.

Евтин пат до нови терапии

Истражувањето се вклопува во трендот на пренамена на постојните соединенија за нови терапии. Бидејќи аргининот веќе се користи во медицината и може да стигне до мозокот, тој би можел да го забрза развојот на нови третмани. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се потврдат ефектите кај луѓето и да се утврдат оптималните дози.

Резултатите сугерираат дека едноставните пристапи можат да ја намалат акумулацијата на амилоиди и да ја подобрат функцијата на мозокот и носат нов увид во самата болест.

Повеќе