За две години во Македонија се родени 1.172 деца од тинеjџерки: 26 од мајките имале помалку од 15 години

Зад секоја од овие бројки стои девојче кое наместо вообичаените тинејџерски грижи – училиште, матура, прва работа, излегувања и планирање на иднината – се соочува со бременост, породување и грижа за новороденче.

61

Во Македонија за две години се регистрирани 1.172 живородени деца од мајки на возраст од 15 до 19 години. Во 2023 година имало 584 вакви раѓања, а во 2024 година 588.

Тоа значи дека речиси 600 девојки годишно стануваат мајки додека сè уште се во тинејџерските години. Во 2024 година, од вкупно 16.061 живородено дете во земјата, 588 биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години.

Но, бројките стануваат уште посериозни кога ќе се погледне најмладата возрасна група. Во 2024 година Државниот завод за статистика регистрирал 12 живородени деца од мајки помлади од 15 години. За 2023 година официјалните податоци покажуваат дополнителни случаи, со што за двете години бројката достигнува 26.

Зад секоја од овие бројки стои девојче кое наместо вообичаените тинејџерски грижи – училиште, матура, прва работа, излегувања и планирање на иднината – се соочува со бременост, породување и грижа за новороденче.

За една 16-годишна девојка, на пример, мајчинството не значи само промена на секојдневието. Тоа може да значи прекин на образованието или отежнато образование, зависност од семејството и многу рано преземање одговорности за кои нејзините врсници воопшто и не размислуваат. Токму затоа бројките за тинејџерските бремености не се само демографска статистика, туку и прашање на здравство, образование и социјална заштита.

Во истите две години, според податоците на Институтот за јавно здравје, во Македонија биле регистрирани 125 абортуси кај жени помлади од 20 години – 74 во 2023 и 51 во 2024 година. Вкупниот број регистрирани абортуси кај жени од сите возрасти бил 2.207 во 2023 и 2.151 во 2024 година.

За споредба, во Србија за истиот период се регистрирани 3.508 породувања кај девојки на возраст од 15 до 19 години – 1.819 во 2023 и 1.689 во 2024 година. Меѓу нив имало и 31 девојче помладо од 15 години. Исто така, во Србија се регистрирани и 826 прекини на бременоста кај девојки од 15 до 19 години во тие две години – 374 во 2023 и 452 во 2024 година. Кај девојчињата помлади од 15 години биле регистрирани 16 прекини на бременоста.

Податоците покажуваат дека адолесцентните бремености не се изолиран феномен. Според изјавата на претседателот на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), професор доктор Глигор Тофоски, дадена во јули 2024 година, годишно околу 100 девојки под 20 години абортираат.

Повеќе